Седум години баравме изложбен салон за семејни винарии во Кавадарци, конечно го добивме!

by fokus

-Ова е одлично, ова е тоа што го баравме уште од 2014 година, да добиеме поддршка и да им помогнеме на младите семејни винарии да добијат поквалитетен производ и да бидат препознатливи на пазарот – вели Елена Богева, претседател на Здружение на енолози, по повод изложбениот салон кој го добиваат семејните винарии во Кавадарци.

Првата и единствена винотека од овој тип Кавадарци ќе ја добие на седми септември, односно на Гроздоберот. Ова е заеднички проект кој произлезе од соработката на Општина Кавадарци со Здружени семејни винарии и Здружение на енолози и моментално се реконструира општински објект каде ќе биде сместена винотеката.

-Околу 40 семејни винарии ќе добијат свој изложбен простор, датотека и комерцијален дел за продажба на своите вина. Простор ќе добие и Здружение на енолози, каде ќе ги врши своите дневни работи, и сите гости кои ќе дојдат ќе добијат енолошки пристап кон винариите. Ова е вистински правец за развивање на винарството, посебно во делот на семејните винарии и застапување на енолозите.

Општина Кавадарци не застанува овде со поддршката на семејните винарии, и наредната година ќе одвоиме буџет од два милиони денари, па ќе им се помага во делот на подготовка на вино, учества на саеми, со цел винарството и лозарството да се подигнат на повисоко ниво во Кавадарци.

Знаеме дека големите винарии ги засенуваат малите семејни винарии, но тоа не е страшно доколку тие имаат поддршка од општината. Нивниот квалитет на производство на вино е сосема поразличен од производството на индустриските вина, и општината треба тоа да го презентира и да се покаже професионалниот начин на производство на вино – изјави градоначалникот Митко Јанчев.

Семејните винарии од општината го поздравија проектот на кој чекале подолг период. Сметаат дека на Кавадарци му недостасувал изложбен салон од овој тип, и се благодарни за добиената поддршка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости