Пишува: Александар ГЕНЧОВ
Последниве месеци домашната а во голем дел и светската јавност е окупирана со проблемот на мигрантската или бегалската криза. Иако овој демографско-политички процес своите корени ги има многу одамна, сепак го достигнува својот врв во актуелниов миг и поради тоа е цел на многу светски анализи, видувања, политички прогнози и предвидувања, како во поглед на причините, но многу повеќе во поглед на последиците од оваа криза. Постојаните слики на мигранти што ги преплавуваат европските граници се одзив и ехо на ситуациите во Авганистан, Сомалија, Еритреја, Судан и голем дел од арапско-африканскиот свет, но и процес, кој во голема мера ја раздрма сега засега европската политичка јавност.
Сепак, основата на бегалската криза ја чини сегашната ситуација во Сирија во тесна корелација со ситуацијата во Ирак. Што е тоа што ситуацијата во Сирија и Ирак ја прават комплексна и придонесе за сегашниот развој на настаните? Каде се корените?
Многу често во секојдневните разговори на луѓе упатени и делумно упатени во бегалската криза прстот на дежурен виновник се вперува во официјалната и неофицијалната политика водена од Вашингтон.
РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ ВО АРАПСКИОТ СВЕТ
Овој регион од кој е генерирана бегалската криза уште во времето на двете светски војни бил интерес на светските сили. Во голема мера Советскиот Сојуз, односно руската политика била и е присутна тука, многу повеќе од колку што нашата политичка јавност, и воопшто јавноста на Балканот, а да не зборуваме за граѓанството, го има прифатено. Впрочем, како и во САД, Германија и Франција.
Ни оддалеку не сакајќи да се поставуваме како апологети на „американизмот“, но основата на создавањето на овие денешни граници а со тоа и исклучително комплексни релации од верски аспект внатре во арапско-муслиманската заедница ја имаат победниците од Првата светска војна, во прв ред Франција, тогаш како најсилен играч со најсилно влијание во исклучително сензибилните односи, како на релација шиити-сунити, така и на релација муслимани-христијани во тој регион.
Од тој период потекнуваат и движењата Хамас и Хезболах во две исклучително сензибилни држави, Либан и Израел, кои директно или индиректно, се разбира, со сите светски сили и влијанија и до ден денешен се неизбежен декор на ситуацијата во Сирија и делумно во Ирак. Но, да тргнеме со анализата.
По Втората светска војна, на сцената остануваат два сериозни играчи на меѓународната сцена, САД и Советскиот Сојуз. Имено, улогата на Русите почнува и трае од тогаш се до денешен ден. Почнува уште со првиот преврат во 1940-тите во Египет со доаѓањето на власт на полетниот Гамал Абдел Насер. По истиот терк, со формирањето на овие движења кои беа мешавина од национал-социјалистички движења почнуваат револуции во Сирија и во Ирак. И покрај подадената рака од американскиот претседател Хари Труман, тогаш Абдел Насер, сепак, се приклонува кон Советскиот Сојуз, односно кон Русите, како од идеолошки, така и од практични причини – поради зделката „оружје за памук“.
Истото важи и за целиот арапски свет во тоа време, чија желба беше да ги реализира национал-експанзионистичките претензии наспроти Израел – како што во тоа време тврдеа арапските земји а и денес – вметнатата држава како резултат на влијанието на победниците од светските судири. Значи, само да потсетиме – целиот арапски свет се до седумдесеттите години беше под директна индоктринација и менторство на Русите. Со тоа, сакале и не, ги ставија САД во ситуација да бидат заштитник на Израел, кој го носи заштитниот знак на директен финансиски, воен и политички сојузник на Вашингтон со мали диференцијации во надворешната политика до ден денешен. Во тие констелации, арапските земји тогаш ја загубија и шансата за престројување кон идеите за слобода, демократија, либерализација и слободен развој на идеи, парадигми кои до ден денес дури и некаде се мета на удар, па дури и на подбив, индоктриниран од денешните постоечки режими. Улогата на САД по падот на Советскиот Сојуз остана постојано под плаштот на наводната „борба“ на арапскиот свет против Израел и наводната помош на САД на Израел како контратежа на целосното руско влијание, односно влијанието на Советите во тоа време.
Значи, зародишот на политичките конфликтни релации во ова се уште трусно подрачје, ниту оддалеку не соодветствува на реалноста дека овде е присутен само американскиот интерес и дека американскиот систем на вредности е причина за се што се случува дури и денес на овие подрачја. Ни одблиску. За жал, овој став е сериозна константа кај многу влијателни кругови и во Македонија, профилиран претежно преку медиумски канали, „интелектуални“ дебати, па дури и преку црковни кругови.
САД СЕ ДЕЖУРЕН ВИНОВНИК
Останаа во сенка обидите да се демократизира овој дел од светот од страна на САД како носител на демократските идеи и идеите за слобода, развој и демократија, обиди кои што беа тешки и јалови бидејќи основата овие режими ја имаа, прво, во влијанието на руската политика уште тогаш, а потоа цврсто вкотвена и во верската идеологија на исламот како елемент на се уште наводна борба против американизмот и демократизацијата на овој дел од светот. И така, во такви констелации се формираат Муслиманските браќа во Египет, Хамас во Палестина, Хезболах во Сирија и во Ирак.
Се создава и основата на Ал Каеда. Овие процеси поттикнуваат замав на антиамериканизмот. Се планира пренесување на терористичките акции на американско тло. По нападот на кулите близначки на 11 септември 2001 година, САД ја започнуваат историската битка против тероризмот. Се случува интервенцијата на САД во Ирак во 2003 година и пад на режимот на Садам Хусеин. На почетокот од 21. век почнува и падот на режимите во Тунис преку „незаконско“ објавување материјали од владеењето на Бен Али при што Тунижаните се запознаваат со неговите режимски методи на владеење и огромната корумпираност, по што режимот паѓа и тој е во бегство. Истиот тајфун ги соборува режимите и во Либија и во Египет преку обелоденување на огромната корумпираност и суровото владеење на овие владетели, создавајќи ја толку споменуваната Арапска пролет.
Во таква констелација на пад на овие режими, остана единствено Сирија. Остана режимот на Башар ел Асад да се брани во една војна во која што поради огромниот број завојувани страни и поради комплицираните односи на Хезболах, Хамас, Иран, Саудиска Арабија, Курдите, Катар, Турција, останаа покриени многу вистини за кои што историската наука и политичките анализи во иднина ќе го дадат вистинскиот одговор.
Остана вистината дека ИСИЛ, како најсуровата, најнечовечката творба на политичко делување, како хибрид на граница и не само на граница на сатанизмот, е производ на неуспешниот обид низ сите години на минатиот век и почетокот на овој да се воспостави развој на демократски процеси, либерализам, слободен проток на луѓе и идеи.
Овие неуспешни обиди имаат два центра. Наводниот Исламски радикализам и заштитата на Исламот, но и влијанието на руската политика која, пак, под плаштот на православието најгрубо ги сатанизира, се противи, па дури и им се потсмева на сите обиди за демократизација насекаде во светот. Така, модерната американска политика се судира од една страна со борбата против теророт, чии што основи одат многу подлабоко и од друга страна со заштитниците на режимите кои индиректно придонесуваат овие процеси да постојат.
Тука лежи зајакот. Во куќичката е сместен од која што „мирољубивите“ Европејци тогаш во ОН гласаат резолуција заедно со Русија и Кина против американската борба со теророт која што трае уште многу поодамна во овој регион. Зајакот лежи и во куќичката каде што до ден денес режимите ги имаат следниве константи на социолошко делување – веднаш ја обвинуваат американската политика како природна реакција за се што се случува, најгрубо играјќи на злоупотреба, било на едните било на другите верски чувства. Дури се оди и дотаму да се шират и толку безобѕирни лаги и медиумска пропаганда дека Американците стојат всушност зад сите терористички организации, дека дури наводно и соработуваат со ИСИЛ и дека целата приказна е менторирана и финансиски поддржана токму од нив.
Но, режимите секогаш се бранат многу силно и сурово. Само за да останат на власт, режимите користат се што им е на располагање. Ги користат разузнавачките служби кои во најголем број случаи (не е правило) ги водат роднини на владетелите, ги апсат и омаловажуваат борците за демократизација, убиваат неистомисленици, создаваат сурови услови на медиумски блокади, креваат ѕид до вистината, ги кријат своите криминални дејанија плашејќи се да не ја дочекаат светлината на денот за народите да не увидат со какви криминални монструми си имаат работа, ја вклучуваат црквата или џамијата (секаде по потреба), употребуваат сценарија на конфликт.
Режимот во Сирија и коалицијата Москва-Дамаск не чувствува вина за реките бегалци. Око не му трепнува за тоа дека е директен учесник и фактор најсурово злоупотребувајќи ја целокупната комплицираност на односите помеѓу САД, Русија, Кина, Иран, Саудиска Арабија, Хезболах, Хамас, Турција, Курдите, Јордан, Либан каде што веќе и најсериозните аналитичари не можат да ги пофатат конците на меѓусебните „за“ и „против“ дејствувања.
Но сега резултатите од оваа политика дојдоа и на нашите граници. Како што Москва сакаше да превенира ИСИЛ да не дојде до Кавказ, сепак не успеа да спречи да ја стави Европа на најголемиот испит на одржливост на вредностите за кои што се залагаше.
ЕВРОПА НА ИСПИТ
Сега бегалците се на нашите граници. Сега е на испит Европа. Сега се на испит идеите на слободата, демократијата, економскиот либерализам, слободното движење на луѓето и добрата, владеењето на правото и законите. Сега на испит се идеите на Де Гол и Аденауер кризите да се решаваат по мирољубив пат. Шенгенот е во криза. Поранешните комунистички држави членки на ЕУ ја оградуваат својата територија со жица. Се враќаат идеите на антисемитизмот во поинаква форма. Европа се дели на три сериозни блокови со сета измешаност на јавните и тајните политики.
Од една страна, го имаме германското лидерство кое дел од јасни, дел од нејасни причини апсорбира огромен дел од мигрантите. Во оваа група предничат Германија и Шведска. Во друга група се земји со помалку или повеќе нестриктен став како Шпанија, Италија, Грција, Португалија и кои што чинат цела една линија на југот. Овде има исто така еден исклучително интересен комплекс на релации, кој што задира во политичката константа на глобално ниво – богатиот север и сиромашниот југ. Оваа константа беше дел и од приказната во 1930-тите години во САД. Константата на богатиот север и сиромашниот југ и нивните антагонизми се на прагот и на Европа.
Алексис Ципрас, харизматичниот комунистички наследник кој што патем беше првиот грчки премиер кој со респект положуваше цвеќе на гробот на грчките комунисти кои во извесен период беа многу блиски и со македонската идеја, не е само харизматичен лидер од југот. Тој е и првиот лидер кој настапува на митинзи на Подемос во Шпанија, најбрзорастечкиот политички субјект со истата основа како и Сириза. Тоа момче е ментор и на португалските левичари Tempo De Avancar – Livre, предводени од eвропратеникот Луис Тавараш. Тој не е главоболка на Меркел што ќе ја реши со еден политички aспирин и не е само економски односно кредитен проблем. Тоа е цела линија за која што се смета дека е под директно влијание (иако изгледа нелогично) на политиката на САД, не само во областа на Mедитеранот туку и во Европа. И токму тука се мигрантите, додуша тие се тука географски но во никој случај однесувањето на моќната Германија не треба да се апстрахира и толку лесно да се отфрли дека со политиката на апсорпција на овој демографско-политички потенцијал, не се зазема стартна позиција и од демографски аспект (Германија и Западна Европа стареат), од аспект на работна сила, но истовремено и како вовед во создавање на некоја нова Европа, која ќе биде добро подготвена за секој геостратегиски развој, не само во поглед на ова левичарско-антимеркелово јужно друштво на Ципрас, Подемос и Тавареш, Линке во Германија итн., туку и на било кој развој на влијание на Русија, САД или Кина.
И третиот комплекс на земји, се друштвото на поранешните комунистички држави, кои ги предводи Унгарија, како Чешка, Полска кои по секоја цена одбиваат каква било апсорпција на бегалци и со нивниот став на граница од фашизам се противат на примањето на бегалците директно или индиректно вмешувајќи го и верскиот елемент од приказната.
За волја на вистината, аргументите кои што застапуваат од некој агол имаат и логика. Никаде во светот, за да се заштитат од режими, бегалци не патуваат по илјадници километри добро организирани, во групи со водичи и полни со пари. Никаде во светот, на пример, бегалци изнемоштени од режимски владетели, желни за чаша вода и топла стреа не се судираат и тоа како агресивно со полициите насекаде низ Европа. Никаде бегалци не поминуваат на сила полициски кордони и огради од жица (не навлегувајќи дали е тоа во ред што е поставена). Никаде бегалците не се причина дури и за улични немири. Дел од овие аргументи на оваа група земји се и тоа како валидни и треба да се земат предвид.
Но основата на овие политики е далеку позначајна поради фактот што со ова, Европската Унија се претставува како прилично раштиман оркестар и механизам кој покрај вложените две милијарди долари во опремувањето на граничните капацитети со најсовремена опрема и ресурси сепак не успеа да одговори валидно на овој прв сериозен демографско-политички предизвик со реките бегалци.
Што понатаму? Како овој процес ќе продолжи, кога ќе заврши, дали воопшто ќе заврши и какви последици ќе остави? Ќе успее ли Европа да има заеднички став по ова прашање или антагонизмите ќе продолжат? Ќе излезе ли Европа од оваа криза расклатена? Како ќе се интегрира муслиманската заедница во Европскиот систем на вредности? Таа заедница заедно со веќе постоечката и не е мала.
Ќе има ли оваа заедница политичка артикулација или ќе се интегрира во веќе постоечкиот европски систем кој и онака по ова прашање сериозно се ниша? Како ќе се одрази овој процес на Балканот? Ќе разбуди ли некои духови од минатото врз основа на верскиот елемент или пак уште повеќе ќе ја зацврсти константата на демократски, цивилен, економски развој и подем под чадорот на се уште најмоќните цивилизациски најнапредни сојузи како НАТО и ЕУ?
На сите овие прашања ќе почекаме одговори. Во поблиската или малку подалечна иднина.