Русија го продолжи притворот за американскиот новинар обвинет за шпионажа

by Fokus

Московски суд му го продолжи притворот за три месеци на новинарот на „Волстрит џурнал“, Еван Гершкович, јавија руските медиуми.

Окружниот суд Лефортово на сослушување зад затворени врати го одобри барањето на Федералната служба за безбедност (ФСБ) за продолжување на притворот на Гершкович до 30 август.

Гершкович, кој е државјанин на Соединетите американски држави (САД) беше уапсен во Екатеринбург на крајот на март и обвинет за шпионажа, со што стана првиот странски новинар уапсен во Русија по распадот на Советскиот Сојуз.
Првично му беше одреден двомесечен притвор. Волстрит џурнал и американските власти силно ги негираа наводите за шпионажа.

САД ја повикаа Русија веднаш да го ослободи новинарот.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, денес изјави дека САД работат напорно за да го вратат американскиот новинар дома.

„Тој воопшто не треба да биде приведен. Новинарството не е кривично дело. Тој треба веднаш да биде ослободен“, изјави Кирби за Си-Ен-Ен.

Родителите на Гершкович, кои избегале од поранешниот Советски Сојуз за време на Студената војна, биле присутни на сослушувањето во московскиот суд Лефортово, објави „Си-ен-ен“.

Поврзани новости