Здравствените власти на Белгија денеска соопштија дека се потврдени уште 342 случаи на зараза од новиот корона вирус во изминатите 24 часа, јави дописничката на МИА од Брисел.
Властите потсетуваат дека реалната бројка е сигурно поголема бидејќи се тестираат исклучиво болните лица и уште еднаш порачуваат да се почитуваат стриктно сите мерки на изолација.
Во изминатите 24 часа се пренесени 322 лица на интензивна нега, а вкупниот број починати се искачи на 88.
Сепак властите ја смируваат јавноста, бидејќи е констатирано мало намалување на бројот на регистрирани болни.
-За првпат гледаме развој во позитивна насока, но сѐ уште немаме доволно дистанца за да потврдиме дека оваа тенденција ќе се консолидира. Не смееме да престанеме со напорите затоа што ќе се појави втор бран ако попуштиме, знаеме исто така дека лицата активни во болниците се посебно изложено, така што дел од нив се сега болни, мораме да продолжиме со напорите и потсетуваме дека сите возрасти се вектор на болеста, изјави портпаролот на кризниот центар, Емануел Андре.