Рашковски нема поднесено барање до Кривичен да му го вратат пасошот

by fokus

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски кому му се суди во случајот „Софтвери“, засега нема поднесено барање до Кривичниот суд да му биде вратен пасошот. Од Кривичниот суд за „Фокус“ потврдуваат дека вакво барање до нив не е стигнато.

-Во моментов до надлежниот судија кој го води предметот ниту до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд не е доставено барање за укинување на привремената мерка – Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, велат од Кривичниот суд за „Фокус“.

Вчера во медиумите се прошири веста дека Рашковски на вчерашното рочиште побарал да му биде вратен пасошот, иако такво нешто во судница воопшто не било кажано. За кратко време одбраната на Рашковски испрати демант во којшто се вели дека се работи за целосно лажна вест.

-Со оглед на фактот дека се шири лажна вест за наводно барање да биде вратена мојата патна исправа, која ниту еден медиум не ја поткрепува со факт, туку е проста репродукција на неименуван извор, сметам дека е за потребно да реагирам на ваквите објави, затоа што истите имаат само една единствена цел – да се фрли прашина врз судскиот процес кој е во тек, реагира поранешниот генерален секретар на Владата, се вели во дел од реакцијата.

Откако му беше укинат затворскиот притвор, во февруари Апелацискиот суд на Рашковски му го укина и домашниот притвор и му ја прифати гаранцијата од 192 илјади евра.

Според одлуката на Апелација тој има обврска да се јавува во Кривичниот суд секој работен прв понеделник во месецот во 10 часот и му беше одземена патната исправа.

Рашковски се товари за злоупотреби при набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости