Ако „Таргет“ падне на Апелација постои ризик прислушувањето во УБК да застари

by fokus

Веќе четврти месец петмина судии во Апелација се думаат дали да ја потврдат првостепената пресуда за случајот „Таргет и Тврдина“ или пак да ја укинат и да ја вратат на повторно судење.

Од Апелациониот суд „Фокус“ доби одговор дека одлука се уште нема, но затоа пак се погласни се шпекулациите за судбината на овој предмет, кој се сметаше за „мајка“ на сите предмети на СЈО. Поточно, како што „Фокус“ неофицијално дознава, наводно големи се шансите едниот дел од предметот да биде укинат, а другиот потврден. Е сега она што се уште не е јасно е дали има шанса да „падне“ делот со незаконското прислушување или со уништувањето на опремата.

Меѓу осудените за овој случај се екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и вработени во МВР и УБК.

Имајќи предвид дека за овој предмет пресудата е распослана на 300 страници, со 11 обвинети, одлуката би можела да се очекува до крајот на 2022 година. Часовникот веќе отчукува, а одбројувањето ќе има особено значење доколку се случи второстепениот суд да ја укине пресудата за „Таргет“ и случајот да го врати на повторно судење.

Поточно, на почетокот на 2025 година, застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од две години, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и истата да стане правосилна. Во спротивно, се досега ќе пропадне во вода.

За да се добие целосна слика, првиот пат пак само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од три години.

Ваквото сценарио најмногу би му одговарално на Мијалков, кој Кривичниот суд го осуди на 12 години затвор.

Тој се гонеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5 години, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна од 12 години.

Но казната, уште невлезен во „Идризово“, почна да му се топи. Минатата година во февруари му застари делото за “Примање награда за противзаконито дејствување”. Останатите две дела застаруваат за 10 години од сторувањето, или точно на почетокот на 2025 година.

Доколку пак Апелација ја потврди првостепената пресуда, тогаш на осудените ќе им се достави упатен акт за во затвор.

Но, застарувањето претставува опасност само за делот со прислушувањето, односно за „Таргет“. Вториот дел од предметот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување, не е под ваква закана.

Е за овој дел не е обвинет поранешниот прв човек на УБК, туку екс министерката Гордана Јанкулоска, која беше осудена на 4 години затвор. Иако нејзнината казна е далеку помала од онаа на Мијалков, сепак, таа не може да се надева на застарување. Пред иста мака се исправени и осудените Тони Јакимовски, како и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, сите поранешни вработени во УБК.

Поволноста за Мијалков е во тоа што против него беше поднесен обвинителен предлог, со кој се запретени помали казни, односно до 5 години, поради што и апсолутната застареност настапува за 10 години. За останатите пак беше поднесен обвинителен акт, со кривични дела за кои е предвидена повисока казна, а поради тоа и застарувањето е засега недостижно.

В.В.

Поврзани новости