Рама: Следната недела ЕУ нема да ги отвори преговорите со Албанија и Македонија

by fokus

Албанскиот премиер Еди Рама не очекува самитот на ЕУ следната недела да го отвори патот за неговата земја да ги започне преговорите за членство во ЕУ, обвинувајќи ја Бугарија, објави денеска Политико, пренесоа албанските медиуми.

Германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела ја посети Бугарија во обид да ја прекине блокадата на Софија пред претстојниот самит во Брисел в четврток и петок.

Во интервју за Политико, Рама рече дека е песимист.

„Немам очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија нема официјално да започнат разговори за пристап“, рече тој.

На прашањето дали некој од лидерите на ЕУ дал сигнал дека разговорите би можеле да започнат наскоро, Рама одговори: „Какви сигнали можат да дадат? Не се работи за нив. Повторно се работи за Бугарија. Сите тие се согласуваат, сите поддржуваат, секој што мислат дека ова треба се случи и дека веќе требаше да се случи. Но нивниот простор за маневрирање е ограничен од Бугарија“.

Рама (57), рече дека не очекува бугарските лидери да ја сменат својата позиција, бидејќи тие го направија спорот толку голем што е многу тешко да се се повлече.

„Ова е спирала. Тие влегоа во спирала. И многу, многу е тешко да се излезе од оваа спирала“, рече Рама, кој ќе присуствува на состанокот на лидерите од Западен Балкан и ЕУ во Брисел пред самитот.

Поврзани новости