Нема „балканска рута“ на корона вирусот, исто како што не постои балканска мафија, ниту балкански земјотрес или балкански болести – ваквите изјави се за политички цели, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германскиот весник „Билд“.
– Понекогаш политиката има потреба да користи вакви етикети за да ги стигне до луѓето, и, за жал, ова се случува се почесто. Секако, тоа нè растажува, но навикнати сме. Не е првпат. Мора да се справиме со тој стереотип и да вложиме напори да го надминеме, истакна Рама.
Во врска со зголемениот број на случаи на коронавирус во Германија и обвинувањата дека за тоа е виновна Албанија, Рама рече дека ниту една балканска земја не може да претставува закана, ниту за Германија, ниту за остатокот од ЕУ.
– Не е можно луѓето од овде да можат да влијаат врз бројот на заразени лица во голема земја како Германија, Франција или друга европска земја. Тоа е повеќе прашање на политика отколку реалност, затоа што бројките можат да се шпекулираат, оцени албанскиот премиер.
На прашањето, зошто во тој случај постои забрана за влез на балканските граѓани, Рама рече дека причината е постоењето на ЕУ и на не-ЕУ, пренесува БГНЕС.
– Тоа е едноставно. Во пракса, повторно се воспоставува поделба помеѓу ЕУ и не-ЕУ. Што се однесува до бројките, ќе повторам дека постојат природни причини за тоа и дека постои разумна претпазливост во Германија и во другите земји, заклучи албанскиот премиер.