Продолжува мерката за ослободување од работа на еден од родителите за деца под 10 години

by fokus

Сите заклучоци, во функција на преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста Ковид-19 важат до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба, информираат денеска од Владата. Ова значи дека од утре продолжува мерката за ослободување од работните обврски на еден од родителите за деца под 10 години, бидејќи училиштата и градинките се уште нема да работат.

– Владата на 25-тата седница од 21 март 2020, покрај усвоените заклучоци, во функција на преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста Ковид-19, донесе и заклучок со кој се утврдува дека сите донесени заклучоци на Владата со кои се даваат мерки, препораки и насоки за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, важат до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Од Владата им укажуваат на единиците на локалната самоуправа, на јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и на приватниот сектор, дека сите заклучоци, мерки, насоки и препораки во функција на преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста Ковид-19 важат до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба.

Поврзани новости