Прибе: Новинарите имаат ниски плати и несигурни работни места

by fokus

Лоши се работните услови на новинарите, со ниски плати и со краткорочни договори за работа, без безбедни работни места. Во однос на нападите врз новинари, властите не ги бараат и не ги обвинуваат сторителите, оставајќи впечаток на неказнивост, стои во делот за медиумите во вториот извештај на Прибе.

-Особено лоша е состојбата на новинарите, а впечатокот е дека истражувачкото новинарство не се практикува како што би требало, и тоа поради страв, недостиг од ресурси и од новинарски вештини. Истражувачкото новинарство не е приоритет, а се соочува со пречки од властите, што го намалува пристапот на јавноста до релевантни плуралистички и објективни информации. Тешко е да се дојде до информациите и до носителите на одлуките. Новинарите честопати не работат според етичките стандарди, што го нарушува кредибилитетот на професијата. Тоа дополнително се потврдува од обвинувањата за коруптивно однесување на некои новинари, како резултат на самоцензура или недостиг од нужните професионални вештини, се вели во извештајот.

Потсетувајќи на статусот неслободна земја во извештајот на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите во 2017 година, извештајот на Прибе нагласува дека 130 телевизии и радија претежно се поделени според политички и етнички предзнаци, а медиумскиот пазар е слаб. Состојбата со весниците е лоша, со само пет дневни весници, што, се вели во извештајот, е потенцијална закана за слободните и плуралистичките медиуми, а економскиот притисок врз печатените медиуми се гледа низ пропаѓањето на „Медиа принт Македонија“.

Поврзани новости