Претседателот на Перу уапсен зашто спремал државен удар

by Фокус

Полицијата го уапси разрешениот претседател на Перу Педро Кастиљо и го обвини за побуна и заговор за кршење на уставниот поредок.

Тој бил приведен кога бил на пат за мексиканската амбасада во Лима, неколку часа откако го распушти парламентот.

Педесет и тригодишниот Кастиљо е префрлен во затвор, иако Мексико кажа дека е подготвено да му даде азил.

Досегашната потпретседателка Дина Болуарте е назначена за нов претседател, како прва жена на оваа функција во Перу.

Пратениците го отстранија Кастиљо од функцијата вчера откако во обраќањето на националната телевизија прогласи вонредна состојба, истакнувајќи дека ќе владее со декрет.

Притоа, најави дека ќе го распушти парламентот контролиран од опозицијата, по што во знак на протест неколкумина министри поднесоа оставка.

Шефот на уставниот суд го обвини Кастиљо дека почнал државен удар, додека САД го повикаа да ја промени својата одлука.

Полицијата и армијата на Перу се изјаснија дека го почитуваат уставниот поредок.

Кастиљо беше избран за претседател во јули 2021 како политички аутсајдер и потоа се оддели од својата партија Слободно Перу и владееше како независен.

Во меѓувреме, преживеа два обида за отповикување во парламентот.

Поврзани новости