Повлечен законот за владино рекламирање

by Fokus

Законот за владино рекламирање е повлечен од собраниска процедура, соопшти пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев.

Владата на седница одржана вчера донела одлука да го повлече предлог-законот за медиумски и информативни кампањи, а писмено известување до пратениците било доставено доцна попладнето во 17.30 часот.

-Пратеничката група на СДСМ во Собранието спречи уште една лудост на ВМРО-ДПМНЕ. Законот за владино рекламирање со кој власта сакаше да ја запечати корупцијата на медиуми со државни пари е повлечен благодарејќи на жестоката реакција на опозицијата. Нема ниту збор околу причините за повлекување на предлог-законот. Ние тоа го бараме подолго време, но власта беше глува. Сепак можни се две работи. Прво го повлекле бидејќи се свесни дека ние ќе го блокиравме неговото носење со поднесување на повеќе од 500 амандмани, па најмалку еден месец во Собранието ќе се зборува за последиците од носењето на вакво законско решение – изјави Тунтев.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи дека „СДСМ е непријател на медиумите и не сака регулирање на владиното рекламирање по урнек на европските модели“

Поврзани новости