Откако вчера во разговор за ,,Фокус” ресенскиот градоначалник Живко Гошаревски потврди дека рестораните во општината самоиницијативно затвориле, и нема да работат наредните две недели поради појавата на вирусот, денес клуч на врата ставаат и најголемите индустриски капацитети во Преспа.
Како што информира Гошаревски, Свисслион – Агроплод, Хатекс и Стењетекс наредниот период нема да работата, со цел спречување на контактите и превенција на ширењето на корона вирусот.
-Како резултат на зголемениот број на заболени од Ковид-19, денеска се одржа итен состанок на Кризниот штаб на Општина Ресен.
На состанокот Центарот за јавно здравје- Битола информираше дека во Општина Ресен има вкупно 19 заболени од Ковид-19 од кои 10 се асимптоматски и се во домашна изолација, 8 лица се хоспитализирани во стабилна состојба, а едно лице починало.
Според епидемиолошките истражувања, 90 лица се ставени под здравствена изолација.
Во текот на денешниот како и утрешниот ден, очекувам бројот на заболени да се зголеми како резултат на земените тестови по што очекувам стабилизирање на состојбата.
По направените разговори со претставници на најголемите индустриски капацитети во Преспа, Свисслион-Агроплод , Хатекс и Стењетекс , договорено е погоните во овој период да бидат затворени, со што максимално би се намалиле контактите, групирањето и движењето на луѓето.
Уште еднаш упатувам апел сите жители на општината да се придржуваат до мерките, да нема групирање, да се носат маски и да се држи растојание од најмалку две метри – порача градоначалникот.
Вики Клинчарова