Петровска: Дел од несогласувањата со Чулев се надминати, кривичната останува

by fokus

Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска изјави дека односите со техничкиот министер Наќе Чулев и е коректен, што, како што рече, е во интерес на граѓаните. Според неа, најголем дел од несогласувањата се надминати, но сепак таа останува на ставот дека ќе поднесе кривична пријава.

Во однос на предлогот на Чулев, Ристе Ставревски да биде началник на СВР Скопје, Петровска вели дека треба да се има предвид дека во 2016 година имало слични ситуации на несогласување на техничкиот министер со дополнителниот заменик-министер кои во различни судски постапки завршиле различно.

-Останувам на принципиелниот став дека лице, не е битно кое, што е вмешано или на било каков начин во минатото учествувало во вршење изборни притисоци, не треба да биде на една од челните позиции. Но на крајот на денот, секој носи политичка одговорност за кадрите кои ги предлага, рече на прес-конференцијата во Владата, дополнителната заменик-министерка Петровска.

Таа на прес конференција порача дека претстојните избори се од исклучитено значење за сите граѓани во државата, период кој носи дополнителна одговорност врз сите членови на извршната власт своите функции да ги извршуваат во интерес на јавноста.

-Времето на партиски штабови во МВР е поминато, како што е минато и времето кога полицијата тепаше студенти, праваше упад во невладини организации и апсеше новинари. Секој еден што ќе се обиде да ги повтори старите методи со едно ливче нека снема или добро познатото фаќање за уши ќе се соочи со законот, порача дополнителната министерка.

Нагласи дека МВР има специфична структура на организационите единици, но единствена гаранција за професионално функционирање е законски применетиот принцип на хиерархија и управување со полициските задачи.

Поврзани новости