Овој аплауз е за уставобранителите, што недолжни лежат во затвор, порача Мицкоски

by Fokus

Оваа Влада ја елиминира правдата со неправда, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на правната држава и на владеењето на правото во своето обраќање денеска на партискиот настан по повод повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба и 130 години ВМРО, насловен „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“, што се одржа кај Камениот мост.

„Јустиција која е римска божица на правдата и нејзиниот лик често се користи како алегорија или олицетворение на моралните вредности во правниот систем е целосно девастирана. И зариваат нож на правдата, иако дојдоа во фотелјите со ‘Нема правда нема мир’.

Кога дојдоа на власт спроведоа широк политички прогон. Тогаш велеа сите во ист кош, сите на обвинителна клупа и со судења кои се закажуваа на секои два дена. Ако е некој член на ВМРО-ДПМНЕ, тоа му беше билет за брза трака во судските лавиринти и експресни пресуди“, рече Мицкоски.

Говорејќи во тој контекст, тој додаде дека тогаш судии градеа кариери и ги унапредуваа во повисоки судски инстанци, а критериумот, како што рече Мицкоски, бил да направата поголема пакост и прогон кон ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа насока, тој се осврна на „оној случај што сите нас не боли“. Тој конкретно не кажа за кој случај станува збор, но на крајот од овој дел од неговото обраќање тој порача дека „таа работа не е завршена“ и дека по формирањето иднината влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го покрене „прашањето за вистинска правда за нашите уставобранители“.

Инаку, со овој термин колективно се именуваат луѓето кои беа осудени на високи затворски казни за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

„Тука ќе се осврнам на оној случај што сите нас не боли. Таков еден судија, кој што на маката на нашите браќа и сестри, бранителите, направи кариера, па ја гледаме како се препелка и ја влечкаат од телевизија на телевизија, па сега се опаметила па почнала и политички ставови, стана врховен судија. Тука сакам да кажам една порака.

Таа работа не е завршена, таа работа додека постои ВМРО-ДПМНЕ и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ таа работа не е завршена. Тие луѓе не бараат амнестија, тие луѓе не сакаат да бидат во исти кош со убијци, рекетари и криминалци. Тие луѓе бараат правда и веднаш по формирањето на новата влада ВМРО-ДПМНЕ ќе го покрене прашањето за вистинска правда за нашите бранители, за нашите уставобранители“, додаде Мицкоски.

По ова тој доби алпауз од присутните на настанот, на што рече:

„Овој аплауз е за тие луѓе“.

Поврзани новости