ОМД: Во новата влада да има стручен кадар, без криминално досие

by Fokus
Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) смета дека самиот чин на доделување на мандатот на Зоран Заев, од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, треба да се прифати како чекор напред кон смирување на моменталната политичка криза во државата и промена со која се очекува Македонија да започне да гради граѓанско општество кое ќе ги почитува основните македонски принципи, унитарноста на државата, националниот интерес и пред се строго почитување на институциите и правниот систем.

Тие го повикуваат Заев на трезвено одлучување при формирањето на министерските позиции и поставувањето на квалитетен и стручен кадар на истите, без криминално досие и чиј приоритет ќе биде заштита на националните одбележја и интереси на Македонија – се наведува во писмото од ОМД.

Во истиот контекст, ОМД сугерира на можност за формирање на Министерство за дијаспора со оглед на фактот дека дијаспората представува најдобар амбасадор на Македонија надвор од нејзините граници.

– Господинот Заев доби историска можност да игра важна улога во градењето на иднината на Македонија. ОМД се надева дека тој ќе го искористи овој уникатен момент за подобрување на имиџот на Македонија во странство, со тоа што ќе работи на враќање на Македонија на вистинскиот пат за целосна евро-атлантска интеграција без никакви условувања за името и идентитетот на Македонија. Како лидер на парламентарното мнозинство, ОМД очекува од г-дин Заев да ја состави и води новата влада на Македонија по западните демократски принципи со потполно почитување и спроведување на правниот систем – пишува понатаму во нивното соопштение.

Поврзани новости