Судовите наместо да ги штитат, ги прекршуваат човековите права

by fokus

Судовите наместо да бидат чувари на човековите права, тие најчесто се нивни прекршители, па граѓаните ниту кај нив не можат да ја најдат правдата. Ова е заклучокот од вчерашната дебата за проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права.

Во рамките на овој проект „Фокус“ изработи три истражувачки стории, поврзани со дискриминацијата на Ромите на граничните премини, политичката дискриминација и загрозување на социјалните права на граѓаните, преку кои се докажа дека ниту судот не успеа да им ја доближи правдата, која несомнено им припаѓа.

Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, истакна дека судот не постапува како што треба и дека дефинитивно ги крши човековите права.

-Анкетите покажуваат голема недоверба во судството во врска со независноста, што е и оправдано, бидејќи сите слушнавме како се избирале судии од партиски тефтер. За состојбата во судството доволно говорат и критките кои ги добиваме во извештаите на Европската комисија, Стејт департментот и Прибе, вели Цаца Николовска.

Таа додава дека тука дури не се извршуваат ниту пресудите на Судот во Стразбур, освен во делот на паричните казни.

-Сето ова говори дека сме далеку од независно и професионално судство, па затоа судството е далеку од тоа дека е чувар на човековите права, заклучи Цаца Николовска.

Соочени со суровоста на граничните полицајци кои ги малтретираат при излезот од Македонија, десетици Роми се обиделе правдата да ја истераат на суд. Похрабрите се одлучиле да го тужат МВР, односно државата за непочитување на Уставот, како и за ограничување на правото на движење, како и за понавредливото дело – расно профилирање на Ромите на граница. Но, судот во многу случаи не ги препознава ваквите незаконски ограничувања и не е заштитник на човековите права. Со помош на невладините организации и Хелсиншкиот комитет граѓаните се жалат во Стразбур.

Другата сторија која ја објави Фокус е за кршење на правата на социјално загрозените граѓани. Поточно на почетокот од 2015 година, над 1.600 граѓани го изгубиле правото на парична социјална помош, бидејќи преку брз трансфер на пари, од свои роднини или пријатели, добиле пари кои им била неопходни за итни ситуации – операции, лекување и сл. Најкарактеристичен е случајот со еден скопјанец кој добил 1500 евра помош од Германија за да го погреба својот син, а центарот му ја укинал социјалната помош. Граѓаните поднеле тужби до Управниот суд, но и натаму не можат да ја истераат правдата.

Во третата сторија граѓани сведочеа за политичка дискриминација, односно посочуваа како поради партиска не(припадност) ја изгубиле работата или биле деградирани. Но ниту во еден, од дваесетина случаи, судот не успеал да утврди дискриминација.

-Судовите успеаја да ја видат политичката дискриминација, иако имаше многу докази кои укажуваа на истата. Она што е скандалозно е што дискриминацијата беше невидлива и за Уставниот суд. За едниот случај во кој бевме вклучени се прогласија за нанадлежни иако претходно закажаа јавна расправа, која беше одложена бидејќи немаа преведувач од албански јазик. Па иако закажаа нов датум, во меѓувреме донесоа одлука дека се ненадлежни. За вториот случај пак чекаме веќе две години, вели Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет.

Гоце Коцевски од Македонскот здружение на Млади правници истакна дека во неформални разговор со некои од судиите му се жалеле дека новинарите и правниците против нив воделе негативна пропаганда, користејќи изолирани случаи.

-За жал не станува збор за изолирани случаи, туку се системски. Овие судски одлуки, во кои директно се прекршени човековите права, наместо да се заштитат, покажуваат дека го допревме дното на правораздавањето. Има судии кои мислат дека треба да ја штитат државата и меѓународните односи, а не човековите права, истакна Коцевски.

Истражувачките стории кои беа изготвени во Проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ беа изготвени со помош на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

В.В.

Поврзани новости