Одморот и вонсезонското овошје ќе бидат луксуз во новата просечна кошничка: Владата ќе ни пресмета колку нè „чини животот“!

by Fokus

Што точно ќе содржи просечната кошничка на Владата, засега не се знае, но се знае што нема да влезе во математиката. Место во кошничката ќе нема за цигарите, алкохолот, вонсезонското овошје и за одмор во странство. Од владата за „Фокус“ велат дека кошничката ќе биде подготвена врз база на официјални податоци и ќе бидат вклучени цени на основни производи од маркетите и цени од зелените пазари. Просечната потрошувачка кошничка, што до крајот на месецот ќе биде презентирана, ќе се однесува на тричлено семејство наместо на четиричлено.

 Пишува: Орце КОСТОВ

Наместо според минималната потрошувачка кошничка, каква што пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија од 2011 година, владата реши да ги крои економските политики и стандардот на граѓаните според своја просечна потрошувачка кошничка.

Просечната потрошувачка кошничка, која до крајот на месецот ќе биде презентирана, ќе се однесува на тричлено семејство наместо на четиричлено, и во неа нема да има алкохол, цигари, летување во странство и овошја што не се карактеристични за одредена сезона.

Производите во кошничката ќе бидат сезонски, а податоците ќе се земаат од маркетите во кои има и високи, средни и најниски цени, како и од зелените пазари и од локалните маркети од различни региони.

Горенаведените ставки се луксуз според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Одењето на одмор во странство е еден од податоците за кои Ристески смета дека не треба да влезат во потрошувачката кошничка.

Секој еден според својот личен стандард и можности може да се обезбеди или не одмор во странство, но не е податок што треба да влезе во пресметката на просечната потрошувачка кошничка.

Просечната потрошувачка кошничка ќе биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, а тоа е тричлено семејство според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Сите податоци за формулација и пресметување на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат земени со официјални податоци од ДЗС и податоците што постојано ги добиваме од Државниот пазарен инспекторат во однос на цените на основните производи и трошоците на живот“, рече Ристески.

Ристески додаде дека не ја оспоруваат минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и додаде дека имаат иста цел да го заштитат животниот стандард на граѓаните, меѓутоа, како што рече, просечната потрошувачка кошничка е врз база на релевантни податоци и политики.

Кошничката е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите, но за да биде верификувана, ќе мора да биде помината и гласана во Економско-социјалниот совет (ЕСС), кој ќе биде одржан наскоро.

Кошничката треба да биде претставена до крајот на месецот, кога завршува мерката за ограничување на бруто профитните маржи, која требаше да ги намали цените на основните прехранбени производи и пијалаци.

Премиерот Христијан Мицкоски лично побара промени откако ја осуди синдикалната кошничка за „чудни“ ставки.

„Во јануари не јадев цреши, кајсии, праски, ниту испив нескафе од 250 грама“, изјави тој.

Но, не му беше чудно што Службата за општи и заеднички работи на владата извршила набавка на зеленчук и овошје, како ананас, авокадо, 600 килограми банани, грозје, 500 килограми свежи чистени ореви, јагоди, 300 килограми круши, калинки, кајсии, лупени кикиритки, свежи капини, костени, лубеница, 1.100 килограми портокали, по 10 килограми цреши и папаја, цреши и лимета, шери домати, бамји, брокули, дајкон, аспарагус, покрај вообичаените производи како грав, пиперки, зелка, компир и ориз.

Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека не јаде банани, одговарајќи на новинарско прашање за владината набавка на 600 килограми банани.

Прочитав и јас во некои медиуми дека се набавени 600 килограми банани. Јас банани не јадам, конкретно. Но, ќе го проверам сето тоа дали е така. Но, ако е целта да најдеме нов начин и нова формула во Владата, ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега сме во месец на рамазански и велигденски пости, внимаваме каква храна консумираме. Конкретно, јас постам, знам дека голем дел од колегите и од христијанска православна вероисповед и од исламска вероисповед, постат и ги почитуваат овие пости. Така што во периодот ќе внимаваме овие трошења да ги сведеме ако е можно на нула“, изјави Мицкоски на настан во Општина Кисела Вода на почетокот на рамазанските и велигденските пости.

Министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитриеска, пак, се побуни зошто грашокот во потрошувачката кошница бил конзервиран, а не замрзнат и зошто има 13 литри млеко месечно кога таа не пиела толку.

Наспроти нивните ставови, останува фактот дека Државниот завод за статистика престана да објавува кошничка уште во 2011 година. Од тогаш, единствени пресметки се оние на ССМ за минимална синдикална кошничка – во која се пресметува и еднонеделен одмор во Дојран.

 ШТО ЌЕ СОДРЖИ КОШНИЧКАТА?

 Професорот Трајко Славески, уште пред два месеца во објава на социјалните мрежи го постави прашањето дали месечната потрошувачка кошничка треба да се пресметува за четиричлено или за тричлено семејство, најавувајќи го новиот потег на владата.

Тој, повикувајќи се на статистичките податоци од пописот од 2021 година, наведува дека типичното семејство во земјава има 3 члена или 60 отсто од семејствата се тричлени.

Според пописот во земјава има 1.836.713 жители што живеат во вкупно 598.713 домаќинства. Просечен број членови во едно домаќинство е 3 (три). Вкупен број на домаќинства со еден, два и три члена се 359.684, 60 отсто од домаќинствата во Македонија се со максимум три члена. Број на домаќинства со 4 члена е 117.084 или околу 20 отсто од вкупното. Останатите околу 20 отсто од вкупниот број домаќинства се со 5 и повеќе членови. Зошто вредноста на месечната потрошувачка кошничка ја пресметуваме за четиричлено, а не за тричлено семејство? – прашува Славески.

Но, според Пописот од 2021, на кој се повикува Славески, во табелата за вкупен број на членови во индивидуални домаќинства се гледа дека најголема ставка се семејствата со четири членови.

Што точно ќе содржи засега не се знае, но се знае што нема да влезе во математиката. Место во кошничката ќе нема за цигарите, алкохолот, вонсезонското овошје и одмор во странство.

Од Владата за „Фокус“ велат дека кошничката ќе биде подготвена врз база на официјални податоци и ќе бидат вклучени цени на основни производи од маркетите и цени од зелените пазари.

Владата ја изготвува просечната потрошувачка кошничка како основна потребна за понатамошно креирање на социо-економски политики, во однос на донесување закони, одлуки и економски политики со една и единствена цел – заштита на животниот стандард на граѓаните.

Кошничката е подготвена врз база на официјални податоци и информации од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат. Во неа се вклучени и цени на основни прехранбени и земјоделски производи од повеќе маркети со различни ценовни категории, како и цени од зелените пазари и локални продавници од различни региони на државата.

Важно е да се знае дека просечната потрошувачка кошничка имаме за цел да биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, според податоците на Државниот завод за статистика, ни одговорија од Владата.

Оттаму додаваат дека пресметките не вклучуваат акцизни производи, како што се алкохол, цигари, како ни овошја што не се карактеристични за одредена сезона во годината и трошоци за летување во странство, бидејќи тие не спаѓаат во категоријата основни животни трошоци.

Затоа како влада укажуваме дека немаме за цел да кратиме какво било право на граѓаните, но цениме дека во оваа пресметка треба да се вклучат основните и целосно неопходни трошоци.

Ве информираме дека просечната потрошувачка кошничка ќе биде ставена на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. Истата имаме за цел да ја претставиме и на Економско-социјалниот совет, што очекуваме да се одржи до крајот на овој месец.

Во следните денови предвидено е просечната потрошувачка кошничка да биде презентирана на јавноста од страна на надлежното Министерство“, гласи одговорот од владата на прашањата на „Фокус“ зошто се пресметува просечна, а не минимална потрошувачка кошничка и зошто одморот во странство нема да влезе како еден од податоците и дали одморот во Македонија ќе влезе како податок.

ССМ: ЦЕЛТА НА НАШАТА КОШНИЧКА Е ЗГОЛЕМЕНА ПЛАТА

 Што е потребно за едно четиричлено семејство да го помине месецот? Колку пари чини покривањето на тие основни трошоци на домаќинствата? Единствена институција што во земјава прави такви пресметки е Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Тие секој месец објавуваат колку пари треба да се издвојат за задоволување на минималните потреби во таканаречената синдикална кошничка. Елементите ги презеле од Државниот завод за статистика, кој ваквите податоци престана да ги објавува во 2010 година.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец јануари 2025 година изнесува 63 252,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец декември 2024 год. која изнесува 62 861,00 денари е зголемена за 391,00 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, за месец јануари изнесува 78 627,00 денари. Оваа ставка во владината просечна кошничка ќе ја нема.

Кај храната и пијалаците во Синдикалната минимална кошничка, која за јануари 2025 изнесува 23.198,00 денари спореден со декември 2024 година (23.075,00 денари) е зголемен за 123,00 денари. Кај храната и пијалаците во Синдикалната минимална кошничка, кој за јануари 2025 изнесува 23.198,00 денари спореден со јануари 2024 година (21.007,00 денари) е зголемен за 2.191,00 денари, односно за10,43 отсто.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец јануари 2025 година изнесува 63 252,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец јануари 2024 година, која изнесува 57 163,00 денари е зголемена за 6 089,00 денари, односно за 10,65 отсто

Храна, домување, хигиена, превоз, облека, култура, здравје се елементите на кошничката што се мерат кај нас. Во вкупните трошоци за сите ставки, храната и сметките чинат повеќе од 50 отсто.

СМ, Синдикалната минимална кошничка ја пресметува од 2011 година и вредноста на истата има за цел да им покаже на креаторите на политиките дека платите мора да се зголемуваат.

Од тука несфатлива е намерата на владата да креира некаква просечна кошница со која на работниците, особено на оние со ниски примања ќе им каже колку им е доволно за да го преживеат месецот.

Се прашуваме дали ако целта на Синдикалната минимална кошница е да изврши притисок за зголемување на платите на работниците, целта на владината просечна кошничка е да покажат дека не треба да има зголемување на платите и дека македонскиот работник со вака ниските плати живее добро“, истакна претседателот на ССМ за „Фокус“, Слободан Трендафилов.

РЕАКЦИИ НА ЈАВНОСТА

 Лидерот на Левица, Димитар Апасиев реагираше на најавите од власта за формирање просечна потрошувачка кошница, која ќе треба да задоволува потреби на тројца, а не на четворица граѓани.

Според последниот корона-попис, повеќе од пола семејства во Македонија се четиричлени. Но, премиерот вика дека се трочлени! Епа сеа, или премиерот лаже, или пописот? Или и двајцата!?“, пишува на Фејсбук, Апасиев.

Опозициската партија СДСМ оценува дека се скандалозни неодамнешните одлуки на владата со кои сака да ги наруши реалните пресметки на потрошувачката кошничка.

Велат дека владата измислила свој начин да пресметува колку „животот чини“ за граѓаните и се обидува да го убеди народот дека може да живее со 400 евра.

Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ, изјави дека на овој начин граѓаните не треба да одат на одмор, да немаат можност да одат во кино или театар, бидејќи тоа според власта е луксуз.

Целта на Владата е да го замени реалниот индикатор – минималната кошничка на синдикатот – со нова „просечна потрошувачка кошничка“ создадена од владата. Но не за четиричлено, туку за тричлено семејство. Новата просечна кошничка ќе ги игнорира реалните трошоци. Ќе се сведе само на храна и сметки, без никаква рекреација, култура или достоинствен живот“.

Од СДСМ побараа минимална плата од 500 евра, бидејќи како што велат, со сегашната пресметка ниту две минимални плати не можат да ги покријат трошоците на едно тричлено семејство.

Дел од експертите и познавачите на состојбите бараат методологијата да биде објективна, транспарентна и во согласност со меѓународни стандарди.

Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, препораките на Меѓународната организација на трудот (ILO) се добра основа, бидејќи овозможуваат пресметка на минималните трошоци на живот на репрезентативен начин, земајќи ги предвид сезоналноста, регионалните разлики и реалните потреби на едно семејство.

Исклучувањето на артикли како цигари и алкохол е оправдано, но треба да се внимава да не се елиминираат и сезонски продукти кои реално се дел од секојдневната исхрана, посочува експертот во разговор за „Локално“.

Сепак, вели дека прашањето не е толку дали е потребна „нова“ кошничка, туку дали постојната се пресметува врз основа на релевантна методологија што ќе биде прифатена од сите засегнати страни.

Само таков пристап може да обезбеди реална слика и доверба во податоците – без оглед дали ги објавува синдикатот или Државниот завод за статистика, додава Миноски.

КАКО СЕ ПРЕСМЕТУВА КОШНИЧКАТА ВО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ

 Индексот на потрошувачки цени, познат како CPI (Consumer Price Index), ја мера промената во цените на потрошувачките стоки и услуги што ги набавуваат, користат или за кои плаќаат домаќинствата.

Во САД на пример (CPI): Се мери потрошувачката на т.н. урбани потрошувачи, што опфаќа околу 87% од населението. Ова вклучува поединци, семејства со различен број членови, но при пресметките се користи четриричлено семејство.

Европската комисија нема директива по однос на потрошувачката кошница и секоја држава во регионот и Европа има и синдикална и кошница која ја формираат институциите.

Во Европската Унија (HICP – Хармонизиран индекс на потрошувачки цени): Се пресметува врз основа на просечното трошоци на сите домаќинства, без разлика на нивната големина (самци, парови, семејства со деца итн.).

Во некои држави (како Канада или Австралија), понекогаш при анализи се користи типично семејство (на пример: 2 возрасни и 2 деца), но и таму официјалниот CPI ги одразува просечните трошоци на сите типови домаќинства.

Целта на CPI е да го опфати целиот сет на стоки и услуги што се потрошуваат во територијата на една држава од страна на населението. За тоа, се избира репрезентативен сет; така наречената „потрошувачка кошничка“. Потрошувачките стоки и услуги вклучуваат, на пример, храна и пијалаци, производи за лична хигиена, весници и периодични изданија, трошоци за станување, вода, електрична енергија, гас и други горива, здравство, транспорт, комуникации, образование, ресторани и хотели.

НАЈСИРОМАШНИТЕ ТРОШАТ НАЈМНОГУ, НАЈБОГАТИТЕ НАЈМАЛКУ

 Намерата на Владата, потрошувачката кошничка да се пресметува за тричлено семејство, наместо за четиричлено семејство, во неа да има само сезонско овошје, одмор во Дојран, бидејќи странство е луксуз, без алкохол и цигари, предизвика бројни коментари во јавноста, особено на социјалните медиуми.

Директорот на Центарот за економски анализи, Марјан Николов во објава на фејсбук објави:

Владината претпоставка за тричлено семејство јасно ми е дека доаѓа од анкетата за потрошувачка на домаќинствата – АПД (последен податок кој е достапен покажува 3,05 просечен број на членови). Но Владата ‘глуми лудило’ кога манипулира и ја злоупотребува бројкава како ним и на капиталот им одговора“, напиша Николов.

Во подолгата анализа тој вели дека истата АПД (анкета за потрошувачка на домаќинствата) покажува дека најбогатите 10 отсто употребиле речиси за 10 пати повеќе средства во денари од 10 отсто најсиромашните, а 20 отсто најбогати располагаат со шест пати повеќе приходи од 20 отсто најсиромашни (повеќе од 200 илјади граѓани се сиромашни) и тие го земаат тој статус за да го цементираат и следат редовно во владината кошничка.

Значи, прво, немаат намера ниту очекуваат нивните политики да ја сменат сиромаштијата на потрошувачката туку едноставно за нив, ја земаат здраво за готово барем до наредни избори. Колку сиромашни сега, толку и во иднина“, вели Николов.

Според него и оваа Влада само ја продолжува агонијата на јавните финансии со тоа што ја продолжува низата на трајни годишни корисници на трансфери од буџетот и на пензиите за намалување на сиромаштијата. Имено, како што посочува, сиромаштијата како показател се преполовува со трансферите и со исплатените пензии што меѓугенерациски создава неефикасност, што укажува дека Влада не ги третира како ресурс сиромашните сограѓани туку како трајни корисници т.е., закрепостени граѓани закачени за буџетот и злоупотребувани во политичката економија и циклус на вработување корелиран со политичкиот циклус и последно, Владата нема намера ниту очекува структурна промена на економијата.

Трето, вели Николов, Владата треба да знае дека концентрацијата на сиромаштијата е кај возрасната група од 0-17 години, па тој просек од три члена, а не и потрошувачка единица прилагодена за овој факт каде домаќинствата имаат економска загуба за водење на грижа за младите (бидејќи Влада не води грижа за нив) не е земен во предвид. Дополнително, ја разоткрива неискреноста за водење на грижа за младите, тие да останат во земјава и дека воделе грижа за човечкиот капитал.

Тој, исто така, смета дека владата треба да знае дека е поразително и срамно да се види фактот дека кај вработените има повисока стапка на сиромаштија отколку кај пензионерите и кога го преферираат капиталот наспроти работникот.

Значи, поголема е веројатноста да бидете сиромашен ако сте вработен отколку ако сте пензионер“, вели Николов.

Понатаму, како што пишува, во структурата на расположлив доход кај најсиромашните 20 отсто скоро 40 отсто се платите, а кај најбогатите 20 отсто платите се скоро 70 отсто.

„Најсиромашните 10 отсто користат речиси 60 отсто од средствата за храна и безалкохолни пијалаци, а 10 отсто најбогатите за храна користат околу 35 отсто од своите средства, но најбогатите 10 отсто штедат 5 отсто од своите средства, а најсиромашните штедат помалку од 2 отсто“, вели Николов.

Како што посочува, најсиромашните имаат идни економски трошоци и генерираат економски трошоци и за здравствениот систем бидејќи кај нив нема превентивно лечење и водење на квалитетен живот како кај најбогатите.

„Овој економски трошок може во иднина да ги надмине придобивките кои Владата ќе ги ќари краткорочно од инаетот кој го води за да биде по нејзино со минималната кошничка. Но, бидејќи политичкиот циклус е пократок од економскиот циклус на благосостојба на граѓаните Владата за тоа воопшто не се грижи ниту пак го зема во предвид“, нагласува Николов, додавајќи дека околу 50 отсто од вработените земаат нето плата под 30 илјади денари.

„Има уште многу, ама на Владата не можеш ништо да им докажеш. Тие сѐ знаат“, коментира во објавата Николов.

Текстот е објавен на 17 април 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.541.

Поврзани новости