Текстот е објавен на 27 август, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.612.
Додека официјални домашни и меѓународни претставници велат дека се водат политички и дипломатски разговори „под радарот“ со цел надминување на блокадата на земјава кон европскиот пат, очигледно е дека истовремено на дело се одвива и еден вид специјална војна меѓу Скопје и Софија, во чии рамки се користи и пропагандата како средство за остварување на целите. Во таа насока, АНБ и МВР веќе истражуваат мрежа од дваесетина медиумски платформи и комуникациски канали, меѓу кои има онлајн-медиуми, јутјуб-канали, фејсбук и инстаграм-профили и групи, каде што преовладуваат пробугарски и/или антимакедонски содржини, што дефинитивно создава и стимулира тензии меѓу двете држави, како и нетрпеливост, па дури и омраза меѓу двата народи. „Фокус“ открива кои субјекти се дел од оваа групација – некои имаат транспарентна сопственичка, уредничка и соработничка структура, главно составена од македонски државјани, кои јавно се декларираат како Бугари, додека други официјално не објавуваат никакви податоци, но достапните информации посредно упатуваат кон заклучокот дека тие гравитираат околу еден центар, а тоа е фондацијата „Македонија“ на контроверзниот Стојанов, кој има забрана за влез во Македонија.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Пред извесно време, „Фокус“ ги анализираше македонско-бугарските односи, при што ја наметнавме дилемата дали во моменталната внатрешно-политичка и регионална констелација, двете соседни држави водат конструктивен дијалог со цел премостување на меѓусебниот јаз, како што може може да се слушне од официјални домашни и меѓународни претставници, или, пак, на дело се спроведува еден вид специјална војна, која, покрај другото, ја користи и пропагандата како средство за постигнување одредени цели?
Во таа насока, веќе објавивме дека, според нашите сознанија и информации, македонските власти детектирале четириесетина профили или платформи, кои, повеќе или помалку, шират антимакедонска содржина, со што ги ескалираат односите меѓу Бугарија и Македонија, но и меѓу граѓаните меѓу двете држави. А, тоа бездруго предизвикува и контрареакции, кои подоцна се користат како политички аргументи против другата страна, пред сè во Брисел.
Имено, веќе наведовме дека станува збор за 4 јутјуб-канали, 9 веб-страници, 17 фејсбук-страници, 3 фејсбук-профили на лица, 3 фејсбук-групи и 4 инстаграм-профили. Од нив, особено 2 канали се издвојуваат според гледаноста и бројот на следбеници, а со тоа автоматски имаат и поголемо влијание врз јавното мислење. За кои профили и платформи се работи, кој стои позади нив и како се финансираат тие?
Според проверките што ги извршивме, во рамки на оваа група, која извесно време е „под радарот“ на македонските институции, има медиуми кои дел не ја кријат пробугарската ориентација, но истовремено говорат за помирување и разбирање меѓу Македонците и Бугарите. Другите, пак, се класични профили на социјалните мрежи или, пак, јутјуб-канали, кои донекаде отворено стимулираат анимозитет меѓу двете држави. Сè на сè, постојат околу 20 субјекти, од при што дел од нив дистрибуираат содржина преку повеќе канали, така што се доаѓа до вкупна бројка од околу 40 вакви веб-страници, јутјуб-канали и фејсбук и инстаграм-профили.
ИДЕЈНИОТ ТВОРЕЦ И КУМОТ
Меѓу првите на оваа, условно кажано, листа е медиумот „Трибуна“, кој има своја веб-страница, фејсбук-страница (34 илјади следачи), јутјуб-канал (над 150 илјади гледаност) и инстаграм-профил (200 претплатници). Кога ќе се отвори овој сајт, може да се види дека сè уште ударно стојат пораки од бугарската амбасада и амбасадорот Жељаско Радуков упатени уште во јуни, додека може да се забележат категории на вести од типот „директно од БГ“, „документите говорат“, „водич низ историјата на Македонија“, каде што, на пример, се лиферуваат „премолчени документи за македонските Бугари“ и сл.
Всушност, медиумот транспарентно ја објавил сопственичката структура, така што како издавач се јавува Здружението на граѓани за слободно медиумско изразување „Трибуна“ од Прилеп, додека како главен и одговорен уредник фигурира Атанас Величков. Тој е роден во Бугарија, меѓутоа повеќе години живее и работи во Македонија. Освен што е главен уредник и колумнист на „Трибуна“, воедно пишува колумни и за бугарската новинска агенција БГНЕС на Љупчо Нешков, кој е роден во Македонија, но се декларира како етнички Бугарин и долго време живее и работи во Бугарија.

Инаку, вреди да се напомене дека Величков во текот на 2023 година даде интервју за бугарскиот весник „Труд“, каде што раскажа како своевремено го напуштил родниот Крупник и дошол да студира во Скопје по што се оженил во Прилеп и почнал да се занимава со новинарство. Во еден дел, тој објаснува дека дошол во земјава како Македонец, како син на член на „ОМО Илинден“, дека пишувал за македонскиот весник „Народна волја“ и работел за антибугарската телевизија „Сонце“, но со текот на времето сфатил дека сето тоа е, како што вели, сурова лага.
Притоа, Величков го ословува „Трибуна“ како „бугарски медиум во РСМ“, посочувајќи дека целта му е е сите да прочитаат за историјата на оводешните Бугари. На прашањето како се финансира „Трибуна“, вели: „Идејата за самиот медиум е моја и на еден од моите најблиски луѓе Петар Колев. Кум е професорот Георги Трендафилов. Многу луѓе ни помогнаа низ годините. Веќе 2 години работиме на проекти на Министерството за надворешни работи на Бугарија, а за ова да се случи, главната заслуга му припаѓа на тимот на бугарската амбасада тука, на чело со амбасадорот Ангел Ангелов и неговиот заменик Петар Петров…“.
„КРАЈОТ НА МАКЕДОНИЗМОТ“
Практично, од овој исказ на Величков може да се изведат неколку битни заклучоци. Прво, тој како идеен творец за отворање на медиумот го споменува Колев, кој своевремено бил дел од бугарското ВМРО на Красимир Каракачанов, а македонската јавност го памети како лидер на политичката партија Граѓанско-демократска унија. За потсетување, оваа партија на чисти пробугарски позиции учествуваше на парламентарните избори во 2020 година, кога освои 3.555 гласа (речиси колку што има декларирани Бугари на последниот попис). Набргу потоа, пак, се дозна дека Колев станал дел од БГНЕС на Нешков.
Што се однесува до „кумот“ Трендафилов, тој е уште попозната личност во Македонија. Како што е познато, своевремено беше член, функционер и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ додека оваа партијата беше на власт до 2002 година, а по расколот замина со Љубчо Георгиевски во ВМРО-Народна партија. Тој беше претседател на ВМРО-НП во 2008 година, кога оваа партија на чуден начин не поднесе пратенички листи на тогашните предвремени парламентарни избори, што му овозможи посилна позиција и поголема победа на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Оттогаш, Трендафилов исчезна од јавноста, сè додека по многу години се појави во нова улога, настапувајќи со заложби за заштита на бугарската етничка заедница во земјава. Во таа смисла може да се нотира дека тој и Колев пред неколку години заминаа на средба со тогашниот бугарски претседател и актуелен премиер Румен Радев, на која се жалеа за состојбата на Бугарите во Македонија. Токму по тие средби, Радев ја промовираше идејата за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, што, според Преговарачката рамка за членство во ЕУ, стана и услов за отворање на преговарачките поглавја.
– Внесувањето на Бугарите во Уставот е првиот чекор кон крајот на македонизмот како геостратешки проект со изразена антибугарска суштина – рече Величков од „Трибуна“ во интервјуто за „Труд“, каде уште додава: „Македонизмот ќе мора да се раздели од својот антибугарски карактер… Откако ќе бидат вклучени во Уставот, Бугарите овде ќе можат да станат дел од администрацијата, армијата, полицијата и судските органи… Да видиме како откако Бугарите ќе бидат вклучени во Уставот, оние што нè нарекуваат фашисти ќе продолжат да го прават тоа невознемирено…“.
ФИЗИЧКИ ИЛИ ХИБРИДЕН НАПАД?
Сепак, кругот меѓу Величков, Колев и Трендафилов не се затвора тука, бидејќи во него може да се смести уште едно добро познато име. Тоа е Владимир Перев, кој формално фигура како соработник на „Трибуна“. Кога се говори за Перев, треба да се знае дека е пензиониран новинар и публицист роден во Прилеп, кој долги години работел во МРТВ. Тој јавно се декларира како припадник на бугарската заедница во Македонија и околу неговото минато се плетат многу приказни.
Неговото име се најде во фокусот лани по инцидент што наводно се случил во маркет во центарот на Скопје, каде, како што пријави Перев, бил вербално и физички нападнат од непознат маж. Според него, нападот бил етнички мотивиран, бидејќи напаѓачот му упатувал навреди поврзани со неговата бугарска самосвест. Потоа, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли ваквите обвинувања како невистинити, нарекувајќи ги обид за „хибриден напад врз интегративниот процес на државата“.

Понатаму, покрај тоа што соработува со Перев во „Трибуна“, Величков истовремено се јавува и како основач и ководител на поткастот „Коридор 8“ на Јутјуб, заедно со бугарскиот државјанин Георги Станков. Според објаснувањето на Величков за „Труд“, идејата за поткастот е на Станков, со цел луѓето од двете страни на границата да можат виртуелно да се сретнуваат и да разговараат едни со други „нормално и на пријателски начин“. Како што рече, поткастот веќе не е комерцијален по природа и е финансиран од донации од гледачи.
„Мисијата на поткастот Коридор 8 е да ги поврзе и зближи луѓето од земјите од Паневропскиот коридор 8, како и нивната дијаспора во другите делови на светот, и да послужи како форум за дискусија на различни теми од науката, културата, уметноста, јавниот живот, минатото и иднината на народите и земјите од овој дел од светот “, стои на официјалниот јутјуб- канал на поткастот, кој е често промовиран и од страна на Агенцијата за Бугари во странство, што функционира во рамки на бугарското Министерство за надворешни работи.
ПЕТ НОВИ ОНЛАЈН-МЕДИУМИ
Како и да е, можеби најбитниот елемент од она што го говореше Величков за „Труд“ е делот каде што дословно изјави: „Многу луѓе ни помогнаа низ годините, веќе 2 години работиме на проекти на Министерството за надворешни работи на Бугарија…“. На некој начин, потврдува дека тој и неговите веќе споменати пријатели и соработници работеле и на проекти поддржани од бугарското МНР, т.е. на бугарската држава или финансирани од бугарскиот буџет. Оттука, се поставува прашањето кои се тие проекти и, се разбира, која е нивната цел?
Во тој контекст, нешто слично неодамна кажа и првиот човек на фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов – бугарски активист за правата на Бугарите во странство, кој има забрана за влез во Македонија, бидејќи властите оцениле дека тој е закана за националната безбедност. Кон оваа одлука претходеа неколку контроверзни и провокативни настани поврзани со Стојанов, вклучително неговиот обид да внесе бугарски книги во земјава, понудите од 30 евра за изучување на бугарскиот јазик и од 300 евра за оние што ќе го сменат презимето итн.

Во меѓувреме, неговата фондација „Македонија“ пројави желба да го купи трофејниот фудбалски клуб Вардар, но оваа понуда беше експресно одбиена. Арно ама, Стојанов неодамна најави влез во македонскиот фудбал со купување клуб од источна Македонија што настапува во пониските фудбалски лиги. Откако тоа ќе биде завршено, како што изјави тој за „А1 он“, планира да инвестира голема сума на средства во 5 нови онлајн-медиуми во Македонија.
–Донациите се од активисти граѓани на Бугарија. Немаме некој голем инвеститор што вложува сам во овој медиумски проект. Како активност во организацијата, ова е наша посебна работа да развиваме македонски медиуми во кои ќе работат македонски новинари, кои ќе бидат мост на пријателство помеѓу двата народи. Како што сум забележал, има такви објективни кои не заземаат ниту една страна. Имаме 2 медиуми во моментов, подготвуваме уште 3… – рече Стојанов.
„ЌЕ ВЕ ПРОГОНУВАМЕ ДО КРАЈ“
Случајно или не, во истиот период во 2023 година, кога Стојанов најави 5 онлајн-медиуми во земјава, почнале да функционираат исто толку вакви медиуми контролирани од Бугарија. Тоа се порталите „Вестимак“, „Вестимк“, „24мк“, „МК24“ и „Утремк“, кои, според информациите објавени на Фејсбук, се формирани во 2023 година и се управувани од Бугарија. Само еден краток поглед врз овие портали, чии фејсбук- профили имаат околу 141.000 следбеници, е потребен за да се забележи дека тие се дизајнирани речиси исто и објавуваат безмалку идентични содржини, што укажува дека се уредувани и координирани од еден центар.
Ниту еден од нив нема објавено издавач и импресум, ниту може да се види комерцијална реклама. Од последниот увид што го извршивме пред објавување на оваа сторија можеше да се види дека на сите 5 медиуми истовремено се објавуваше изјава од екс премиерот Георгиевски, од кого се пренесуваше излагање преку 3 различни наслови: „Тито е сè уште златно теле во македонската историографија“, „Првиот учебник по македонска историја го напишал чист Бугарин од Дупница“ и „Од бугарофили до антички Македонци – како десетина функционери ја менуваа идеологијата за кариера“.
Сето тоа повеќе од јасно говори за поврзаноста меѓу овие портали, но и за нивната уредувачка политика и агенда. Според податоците од МАРНЕТ, која води евиденција за интернет-домените, „Вестимак“ и „Вестимк“ ги регистрирал извесен Александар Смиљков, додека „24мк“, „МК24“ и „Утремк“ ги регистрирал Асен Петровски. Патем, првите 2 имаат една адреса за контакт, додека другите 3 имаат друга заедничка имејл-адреса, која, патем речено, ја користи фондацијата „Македонија“. Во текот на минатиот месец, „360 Степени“ ја обработуваше оваа тема, при што се обратиле на оваа адреса, од каде што го добиле следниов одговор потпишан од Стојанов:
„„Вие сте државен медиум на РСМ, каде што до неодамна министерот и вицепремиер беше човекот на Путин во Скопје – Иван Стоилковиќ. На вас ли бе да даваме објаснувања? Ќе ве прогонуваме до крај“. Само 3 часа подоцна, од истата адреса им стигнала уште една порака: „Ќе ѝ дадете ли информации на македонската јавност дека сте државен медиум на РСМ, односно директно потчинет на Мицкоски? Ако утре не дадете таква официјална изјава, утре ќе ѝ покажеме на целата македонска јавност дека сте државен медиум. За да не ви веруваат бидејќи не сите во Македонија го поддржуваат Мицкоски и неговите проруски и просрпски политики“.
ПРЕТРЕС ПОРАДИ ДЕТСКА ПОРНОГРАФИЈА
Помеѓу дополнителни десетина портали, фејсбук-профили и јутјуб-канали, може да се спомене и еден повлијателен јутјуб канал – „Б2“, каде се емитува поткастот „Почетна пресметка“, на кој главно настапуваат лица со антивладина ориентација што често актуелнава влада ја доведуваат во корелација со српската политика и т.н. српски свет. За разлика од претходно споменатите 5 портали, тој има транспарентна сопственичка и уредничка структура, што го прави порелевантен заедно со „Трибуна“. Па, така, како сопственик на медиумот и како водител на поткастот се јавува лицето Борче Костески од Струга.
Воедно, тој е и претседател на здружението „Бугарите во струмичката петорка“ и често дел од медиумите го претставуваат и најавуваат како активен член и застапник на правата на бугарската заедница во Македонија. Сепак, тој тврди дека неговиот медиумски проект не е бугарски, туку македонски, фокусиран на политички дебати без цензура. Кога неодамна полицијата изврши претрес во неговиот дом, тој негираше дека бил учесник во група која се занимавала со порнографија. Според него, сè било хајка.

–Тоа што се случи во мојот дом во Струга е хајка за да згасне Б2 каналот, кој не е точно дека е бугарски, туку е тука и е македонски. Поткастот Конечна пресметка е за Европска Македонија. Ќе одам во секој медиум што ќе ме покани да демантирам дека лично јас немам ништо со детска порнографија. Во полициска станица во Охрид ми рекоа тоа било пред 2 години, па пред 3, а јас прашувам зошто сега, зошто не реагирале тогаш ако имало нешто. Се што кажаа не е точно и тврдам се од моја страна е чисто – рече Костески во обраќање преку Фејсбук.
Заедно со него, ководител на „Почетна пресметка“ е Зоран Мрсески, јавно деклариран Бугарин од Македонија, кој е претседател и на здружението „Југ“ од Прилеп. Неодамна, тој објави намера да се кандидира за пратеник во бугарското собрание од редовите на Преродба, парламентарна политичка партија која застапува антизападни и проруски позиции. Но, по проверка од Централната изборна комисија, неговата кандидатура беше одбиена поради некомпатибилност со изборното законодавство во Бугарија. Конкретно, тој не го исполнуваше условот за лицата што имаат двојно државјанство да мора да живеат во Бугарија во последните 18 месеци до изборите.
ИСТРАГА И ЗА НАЧИНОТ НА ФИНАНСИРАЊЕ
Пред неколку месеци, Агенцијата за национална безбедност објави дека, во соработка со Јавното обвинителство, Бирото за јавна безбедност и МВР, синхронизирано презеле мерки за кривично-правен прогон на лица и одземање пропагандни материјали кои имале за цел да предизвикаат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните во земјава. Во соопштението на АНБ се посочува и дека запленетиот материјал требало да поттикне омраза кон македонската држава и идентитет. Поточно, според Агенцијата, пријавените преку фејсбук-страницата „Историски податоци за Македонија“ споделувале содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација.
Истиот ден, ЈО соопшти дека е отворен предмет за случајот, нагласувајќи дека е осомничено едно лице за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Според Обвинителството, на ваквите активности осомничениот бил поттикнат од страна на бугарски државјанин, кој, како што посочуваат од таму, подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство. Официјално, не беше соопштено името на бугарскиот државјанин, но неофицијално медиумите објавија дека станува збор за Стојанов од фондацијата „Македонија“.


Во однос на осомничениот, пак, беше обелоденето дека тој е македонски државјанин, но неговото име исто така официјално не се открива. Колку за информација, овие соопштенија на АНБ и ЈО беа објавени на 4-ти март годинава, додека обраќањето на Костески од „Б2-Почетна пресметка“ беше нецел месец подоцна, т.е. на 2-ри април годинава, кога порача дека не му бил одземен пасошот, ниту бил лишен од слобода, туку, како што рече, се наоѓа дома, притоа негирајќи дека имал било каква врска со детска порнографија. Нешто подоцна, беше обелодето дека под истрага се околу 20 комуникациски канали.
Впрочем, домашните медиуми минатиот месец објавија дека дваесетина веб-портали, како и страници и профили на Фејсбук и Инстаграм, се предмет на истрага што ја спроведуваат МВР и АНБ, под сомнение за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Дел од сознанијата одат во правец дека истрагата се однесува на сомневања дека овие канали биле користени за организирано ширење говор на омраза и поттикнување тензии преку содржини поврзани со односите меѓу Македонија и Бугарија. Истражните органи веќе обезбедиле дел од доказниот материјал, а предмет на интерес е и начинот на финансирање на овие активности.
Кој уште е дел од мрежата?
ЕДЕН ЈУТЈУБ-КАНАЛ, 3 ВЕБ-СТРАНИЦИ, ДЕСЕТИЦИ ФЕЈСБУК-ПРОФИЛИ И ГРУПИ!
Покрај веќе споменатите медиумски платформи и комуникациски канали, според нашите неофицијални информации, „под лупа“ на македонските истражни органи се уште десетина субјекти. Меѓу нив се веб-страните, кои имаат профили на социјалните мрежи, „Вардарскимк“, „Ипрессмк“, „Инфо168мк“, јутјуб каналот „Илинден“, како и дузина фејсбук-страни или фејсбук-групи.
Тука може да се вбројат: „Потомци на бежанци и преселници од територијата на РС Македонија и пријатели“, Движение „Соединени Блгари“, „Грубовци, Ениџе Вардар – Родна Македонија“, „Македонци од бугарскија род“, „За добрососедство между Блгарија и Македонија“, „Блгарија-Македонија/Bulgaria-Macedonia“, „Македонски научен институт“, „Фондација Блгарска памет“, „Испрати блгарска книга в Македонија“, „Маика Блгарија“…




