Се барале 1.000.000 евра кај судијата Ѓоко Ристов, имал ли и други „клиенти“, освен Ѓаволот?!

На вчерашното судење на судијата Ѓоко Ристов, се презентираше финансиско вештачење на кое се сврте сума од над 1,5 милиони евра, за кои според обвинителството, судијата за голем дел нема покритие. Неделникот „Фокус“ уште во јануари објави дека дека при претресот во семејниот дом на судијата Ристов истражителите барале поголема сума од заѕиданите 350.000 евра, односно очекувале да „ископаат“ околу еден милион евра. 

by valentina 09:23
09:23

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, на 22 јануари 2026 година, во бројот 1581.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Името Пабло Ескобар е синоним за кокаин. Неговиот картел снадбувал со дрога дури 80 проценти од глобалниот светски пазар, криумчарејќи 15 тони кокаин секој ден во Америка. Па така, Ескобар станал најмоќниот човек во Колумбија и сè уште важи за најбогатиот криминалец во историјата, со богатство проценето над 30 милијарди долари.

И денес, по многу години од неговата смрт, се верува дека во многу куќи во градот Меделин, во ѕидовите, се кријат неговите пари. Имено, тој, во обид да ги скрие парите, им ги давал на граѓаните да ги соѕидаат во своите куќи. Картелот заработувал неверојатни 22 милијарди долари годишно, па книговодителите на Пабло отпишувале секоја година по 10 отсто од приходот поради тоа што глувци ги јаделе парите или ги оштетувала влага и вода таму каде што биле скриени.

Колумбискиот нарко-бос, се чини, му бил инспирација на македонскиот судија Ѓоко Ристов, за тоа кој е најдобриот начин да се скријат парите, па решил да ги заѕида во родената куќа во Неготино. Но, сепак, крајот покажа дека идејата и не била толку брилијантна, особено ако и некој друг, освен самиот, знаел за неа. Во неговиот случај, пленот не му го изедоа глувци, но го „намирисаа“ истражителите од Обвинителството и од МВР.
Прашањето што сега се наметнува е дали ова се единствените пари што биле скриени или ѕидовите на куќата кријат уште тајни? Според неофицијалните информации на „Фокус“, наводно истражителите трагале по плен од дури еден милион евра!

БАРАЛЕ МИЛИОН ЕВРА, А НАЈДОА 350.000

Но, да се вратиме еден месец наназад, кога и, всушност, почна сè. Дента кога беше уапсен адвокатот Фехми Стафа, со мито од 20.000 евра, а кое требало да заврши во рацете на апелационен судија, во јавноста веќе се лицитираше со неговото име. Во обвинителско-судските кулоари се шепкаше името на судијата Ѓоко Ристов, но тој продолжи да работи како ништо да не се случило.

Според информациите на „Фокус“, и судијата Ристов требало да биде приведен дента кога беше уапсен и Стафа, но не бил во државава. По две недели биле извршени и претреси на локации поврзани со него, ама не било пронајдено ништо сомнително.

Сепак, по сево ова, на судијата му било јасно дека е под будното око на истражните органи, па случајно или не, во овој период го менува и својот мобилен телефон. Една обвинителка, во разговор за „Фокус“, вели дека во изминатиов период се обидела да стапи во контакт со судијата, но тој не одговарал на нејзините пораки испратени преку Вибер. Потоа од неговите колеги дознала дека е на боледување.

Но, обидот да се дистанцира и скрие од јавноста, му пропадна, бидејќи истражителите, на трета среќа, повторно упаднаа на неговиот семеен имот. Последниот пат, очигледно, потковани со сериозни дојави за сокриена поголема сума пари.

„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и ја обезбеди од надлежниот суд, денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде што соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопштија од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Од обвинителството истакнаа дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, со што се остави впечаток дека се бараат уште пари, а според нашите нофицијални извори, наводно се трагало по вкупна сума од околу 1.000.000 евра.

Од МВР, пак, дадоа детали за точното место каде што биле скриени парите. Поточно, имале првични сознанија дека парите се засолнети во некој од ѕидовите, но бидејќи не можеле да ја уриваат целата куќа, пребарувале на места што им изгледале сомнителни. На едно од нив, во кујната на домот на родителите на судијата во Неготино, било пронајдено првото „бинго“. Вниманието им го привлекла корекција кај плочките, во близина на кујнските елементи, а кога направиле дупка и ја пикнале камерата, имало што да видат.

„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти  во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра, информираа од МВР.

ТАЈНО ЅИДАЛ ПАРИ, А ЈАВНО „ЖИВЕЕЛ“ НА КРЕДИТ

Засега не е познат „кртот“ кој го открил тајното скривалиште на судијата, но бидејќи биле користени и информации од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), може да се претпостави дека судијата бил под посебни истражни мерки, односно најверојатно бил следен и прислушуван.

„Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложени облици на криминал“, истакнаа од Обвинителството.

Одбраната на судијата, пак, веќе оди во насока дека пронајдените 350.000 евра се лични пари на родителите на осомничениот. Нема да биде изненадување и доколку судијата се повика на официјалните податоци што веќе ги дал за својата имотна состојба, а тоа е дека живее на кредит.

Па така, ако се погледне анкетниот лист на судијата Ристов, се добива впечаток дека живее скромен живот, на кредити, како секој просечен Македонец.

Како личен имот навел стан од 70 квадратни метри во Скопје. Го купил во 2011 година, а пријавил дека вреди 63.500 евра. Во своја сопственост навел и еден автомобил, „пасат“, купен во 2016 година, а вреден речиси 10.000 евра, како и кредит од 25.000 евра, земен во 2018 година, со рок на исплата во 2038 година.

Има уште еден автомобил, на име на својата сопруга. Го купила пред пет години, „опел астра“, со вредност од 10.000 евра. На име на сопругата судијата пријавил и заштеда од 13.500 евра, како и кредит од 45.000 евра, кој го зела во 2020 година, а треба да го исплати во 2045.

Банкарските кредите не се реткост во пријавените имотни листови на функционерите. Сомнежите се дека во многу случаи служат и за „перење“ на валканите пари земени под рака. Односно, со нив се враќа кредитот, со што на еден начин и се легализираат.

ЌЕ СЕ ДОКАЖЕ ЛИ ВРСКАТА СО ЃАВОЛОТ?

Од МВР појаснија и дека против судијата е поднесена кривична пријава за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Останува уште да се почека дали ќе има дополнување на кривичните дела, односно дали двете наведени ќе се поврзат со делото примање поткуп.

Според податоците од Обвинителството, од октомври до 13 декември, денот кога адвокатот Стафа беше уапсен, тој од свој клиент зел 50.000 евра за да ургира и да поткупи судија во скопска Апелација. Но, тоа не била конечната сума. Наводно, побарал 100.000 евра за да влијае кај судијата да му ја укине мерката притвор на неговиот клиент, кој бил во бегство. Инаку станува збор за клиентот Љупчо Пецов (Ѓаволот), осомничен во случајот „Синџир“, а кој во тој момент беше во бегство, наместо во истражниот затвор „Скопје“.

Ќе биде интересно и што за случајот ќе каже Пецов, бидејќи откако го стави Стафа зад решетки, тој за себе си издејствува куќен притвор и очигледно ќе соработува со истражните органи.

Сепак, она што засега се чини единствено му оди во прилог на судијата Ристов, е што одлуката што ја донеле со неговите колеги во Апелација, е за одбивање на Пецов да се брани од слобода.

Но, сепак, и оваа околност не мора да биде по секоја цена спасувачка за наводно вмешаниот судија, бидејќи веќе следниот месец, предметот повторно можел да се најде пред одлучување во Апелација.

Од објавеното решение се гледа дека постапувале тројца судии, и тоа Ѓоко Ристов, претседател на Советот, и Габриела Гајдова и Лидија Зимбовска.

Судиите заклучиле дека не може да се прифати понудената гаранција од Ѓаволот, во висина од дури 1.000.000 евра.

-Понудената гаранција во услови кога мерката притвор е определена и опстојува и по основот од точка 2 од член 165 став 1- „постои основан страв дека ќе ги сокрие фалсификува или ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците вештаците соучесниците или прикривачите“, не е дозволена и како таква законски не била предмет на разгледување и одлучување од страна на советот на овој суд, одлучиле судиите.

Ваквата одлука воопшто не ја доведува во прашање стручноста или законитоста на судиите што постапувале, односно постапиле согласно насоките и барањата од Обвинителството.

Сепак, ќе треба да се почека, сите карти до крај да ги открие и Ѓаволот.

АПЕЛАЦИЈА ИМАШЕ СПОРНА ОДЛУКА, АМА ЗА ДРУГ ОСОМНИЧЕН КРИМИНАЛЕЦ

На пример, сосема поинаква ќе беше ситуацијата, доколку стануваше збор за еден друг предмет, со речиси идентична ситуација, а кој заврши во полза на осомничениот.

Случајот е од март годинава, кога обвинет, кој беше во бегство, а потоа екстрадиран, се спаси од притвор, благодарение на судии од Алелација. Податоците од ова решение, на кое ни укажаа загрижени обвинители, покажуваат дека двајца од судиите се поклопуваат со претходно споменатата тројка, односно за „спорната“ одлука решавале судиите Ристов, Зимбовска и Лирие Елези.

Ова решение беше донесено во март годинава, кога второстепените судии ја прифатија гаранцијата од 618.000 евра на Валмир Етеми.

Обвинителството, но и севкупната јавност, тогаш беше затекната од ваквата одлука, бидејќи Етеми беше осомничен за организатор на криминална група за трговија со дрога и оружје во охридско-струшкиот регион, кој беше во бегство, а се врати во државата благодарение на екстрадиција. Како и да е, Етеми го застапувал друг адвокат, но како што неофицијално дознаваме, наводно Стафа имал „советодавна неформална улога“, со која осомничениот издејствувал слобода. Сепак, за овој случај никогаш немаше истрага за какво било незаконско постапување.

Минатата година, на сличен начин, како случајот со Стафа, „паднаа“ членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, и врховниот судија Наќе Георгиев, при што Георгиев беше затекнат и приведен непосредно по земање поткуп од 10.000 евра за интервенирање во судски предмет, со цел да се олесни процесот на обвинет во предметот за шверц со марихуана. И двајцата се спогодија со Обвинителството. Меџити помина со условна казна, а Георгиев беше осуден на три години затвор. Двете пресуди предизвикаа бројни критики во јавноста, особено онаа за Георгиев, со оценка дека е крајно несоодветна за судија во највисокиот суд, кој е последната судска инстанца каде што граѓаните бараат правда.

Освен овие ретки обелоденети случаи, постојат уште многу други што се раскажуваат како шпекулации.

Пред неколку години, низ обвинителско-судските кулоари, тивко, но уверливо, се прераскажуваше една легенда дека во рацете на еден претставник на третата власт (судската), завршила торба полна со пари. Наводно во торбата имало раситнет милион, поточно 900.000 евра.

Во тој период, случајно или не, на судската сцена најактуелен беше „настапот“ на Врховниот суд, кој во јанури 2019 година го донесен Начелното правно мислење, според кое, накратко, го прогласија тогашното СЈО дека не е овластен тужител за неколку предмети, меѓу кои и „Империја“.

По четири години, поточно во 2023 година, повторно се појавија гласини за нова торба полна со пари, но овојпат „падната“ во дворот на скопска Апелација. Се типуваше на приближна сума, како и онаа од дворот на Врховен, но тука се застана.

Вниманието кон судиите во Апелација, во тој период, беше насочено и откако се заредија одлуките со кои пропаѓаат предметите против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Еден од најизвиканите во јавноста беше судијата Енвер Беџети, кој беше посочен дека во фиока го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет и Тврдина“, а потоа следуваше и укинување на првостепената пресуда, по што случајот застари. Дел од судиската тројка што го укина овој предмет беше и судијата Ѓоко Ристов.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСПРАВЕНО ПРЕД ЃАВОЛСКИ ТЕШКА ЗАДАЧА

Како и да е, пред Обвинителството стои тешка задача за да докаже дека пронајдените пари се токму на судијата и дека истиот не може да ги оправда, бидејќи во минатото паднаа на еден сличен испит. Пред неколку години го гонеа Александар Чапаровски, тогашниот директор на Клиниката за неврохирургија за примање поткуп и за противправно прикривање и стекнување имот.

За делото поткуп, односно дека од татко на пациентка зел 1.000 евра, Чапаровски призна вина и беше осуден на условна казна затвор, а втората кривична нешто подоцна беше отфрлена, иако кај него беше откриена голема сума пари.

Оваа пријава му беше поднесена, бидејќи при претресот во неговата канцеларија беа пронајдени 24.890 евра, 4.477 американски долари и 2.250 швајцарски франци, а во неговиот дом уште дополнителни 9.750 евра.

Во неговиот банкарски сеф, пак, се шпекулираше дека беа пронајдени 240.000 евра, а се проверуваше и како станал сопственик на неколку станови.

И покрај сомнежот дека дел од парите ги добил како мито, пријавата беше отфрлена, бидејќи осомничениот ги оправдал парите.

„Анализирајќи ги сите прибрани вербални и материјални докази, неспорно произлезе дека во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите што предвидуваат инкриминација согласно законската одредба која го нормира кривичното дело – Противправно прикривање и стекнување имот.

Врз основа на сите обезбедени докази во предметот и извршеното економско-финансиско вештачење, пак, произлезе дека целокупниот имот што пријавениот го стекнал во периодот од 2007 до 2017 година претставува законски стекнат имот, кој не ги надминува неговите законски приходи и законските приходи на неговото потесно семејство.

Со оглед на тоа, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на поднесената кривична пријава“, појаснуваа од обвинителството.

Овој случај покажа дека за Обвинителството беше невозможна мисија да докаже скриен имот. Додека функционерите не можат да го добројат имотот и кешот што го имаат, на обичниот граѓанин не му останува многу за броење. Тој ги смета само ратите од кредитот и зголемените каматни стапки!

 

Слични вести