Текстот е објавен на 23 јули, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.607.
Откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во 2024 година, опозициските СДСМ и ДУИ почнаа засилено да пласираат наратив дека актуелната влада ја сместува земјата во т.н. српски свет, кој е тесно поврзан со „рускиот свет“ и руските интереси на Балканот. Во прилог на ваквите тврдења, опозицијата често го споменува тоа што значајна улога на Илинденска има лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ, кој од вициепремиер и министер за односи меѓу заедниците неодамна ротираше во министер за локална самоуправа. Иако во неговите јавни настапи, Стоиљковиќ вели дека европскиот пат на земјата е дефиниран и трасиран, додека тезите за „српски свет“ и вртење кон Русија ги оценува како „манипулација“ и „карикирање“, сепак, тој истовремено вели „добро е да се игра на повеќе колосеци“. Што се однесува до фактите, пак, тие говорат дека освен што бил гостин на официјален прием во руската амбасада на Денот на Русија, тој во неколку наврати бил во посета на Москва – скоро беше на Московскиот безбедносен самит заедно со Вулин и Додик, а своевремено беше на Конгрес на Единствена Русија на рускиот претседател Путин, кога изјави дека „Русија полека, но сигурно се враќа на меѓународната политичка сцена“. Покрај него, може да се најдат официјални информации и податоци за одредени конекции и релации со Москва и на новиот министер за земјоделство од редовите на ЗНАМ, Борче Серафимовски. Меѓу другото, тој порано бил генерален директор на Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе, кој имал соработка со рускиот државен Тамбовски универзитет, чиј поранешен и сегашен ректор биле, т.е. се членови и функционери од владејачката Единствена Русија. Во една пригода, Серафимовски изјавил: „Македонците со многу топлина понекогаш го нарекуваат нашиот универзитет (Славјанскиот универзитет) Руски институт. Тоа не е само знак на почит кон рускиот партнер, туку и го потенцира посебниот однос кон Русија од страна на словенските народи на Балканот. Во историската меморија на балканските народи, засекогаш останува улогата на Русија во нашето ослободување…“
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Набргу по политичките промени пред 2 години, речиси целокупната опозиција предводена од СДСМ и ДУИ почна интензивно да пласира наратив дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН сè повеќе ја извлекува Македонија од евроинтегративниот процес, па дури и дека ја сместува во т.н. српски свет – синтагма со која се означува концепт што, всушност, промовира културно, духовно и политичко обединување меѓу Србите на географските простори каде што живеат.
Практично, „српскиот свет“ како тема, надвор од границите на Србија, најмногу е присутна и актуелна во Босна и Херцеговина, односно во Република Српска, како и во Црна Гора, каде што живеат значителен број Срби, но очигледно добива свое место и внимание и во други земји во регионот, вклучително и во Македонија, иако овде бројот на Срби, според последниот попис во 2021 година, изнесува само 23.847 жители, што претставува 1,3 отсто од вкупното население.
Сепак, делумно поради тоа што Македонија и Србија многу години беа дел од заедничка држава – федеративна Југославија, голем дел од Македонците имаат позитивен став кон Србите, дотолку повеќе што Србија многу рано ја напушти реториката од почетокот на 90-тите години дека Македонија е „јужна бановина“ и дека Македонците се „јужносрбијанци“, односно, сосема спротивно од дел од останатите соседи, почна да гради конструктивен пристап кон земјава, што кулимираше со решавање на црковното прашање откако СПЦ го призна канонското единство со МПЦ-ОА.
Инаку, токму Српската православна црква се смета дека има битна улога и значајно влијание во зачувување на верскиот и културниот идентитет на Србите во цел регион, што впрочем реферира на концептот за „српски свет“, независно што тоа не претставува официјално прифатена црковна доктрина или политика. Во таа насока, високи претставници на српската црква често говореле за потребата од единство на српскиот народ, без оглед на границите во кои живеат, дека СПЦ е духовниот простор што ги обединува сите Срби и сл.
Но, додека српската црква и нејзините претставници се обидуваат акцентот да го стават на обединување на Србите и внимаваат да не се доведат во директна корелација со „српскиот свет“ поради низата контроверзии што ги влече со себе, некои српски политичари немаат никаква задршка да говорат најдиректно и најотворено за овој концепт. Меѓу нив можеби најмногу се истакнува Александар Вулин, кој во повеќе наврати го опишува „српски свет“ како политичка идеја за обединување на Србите.
„ЌЕ СЕ ОБЕДИМИМЕ ИЛИ ЌЕ ИСЧЕЗНЕМЕ“
„Верувам дека создавањето на српскиот свет го решава националното прашање на Србите, го запира ширењето на Голема Албанија, им гарантира на Србите дека геноцидот врз нив никогаш нема да се повтори, и, пред се, обезбедува мир на Балканот“, рече Вулин во 2021 година, кој потоа се огради дека „српскиот свет“ е негова идеја – не идеја на владата или на претседателот Александар Вучиќ – а истовремено порача дека тој не се залага за промена на границите на Балканот. Неколку години подоцна, односно во текот на оваа 2026 година, пак, изјави: „Српскиот свет е природна потреба на Србите – или ќе се обединиме или ќе исчезнеме“.
За да се добие појасна и поширока слика, во врска со Вулин треба да се наведат неколку факти. Имено, тој го предводи Движењето на социјалистите, партија која долги години е коалициски партнер на владејачката Српска напредна странка на Вучиќ. Поради тоа, Вулин во минатото извршувал високи државни функции, почнувајќи од директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, преку министер за одбрана и внатрешни работи, до директор на Безбедносно информативната агенција БИА и потпретседател на Србија. Но, она што мора да се истакне е дека, освен што е промотор на „српскиот свет“, тој важи и за нескриено проруски ориентиран политичар.
Колку за информација, не само што беше против Србија да ѝ воведе санкции на Русија поради воената интервенција во Украина во 2022 година, туку за време на посетата на Москва, истата година му рече на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, дека Србија е единствената што не учествува во „антируската хистерија“. Покрај тоа, тој оствари повеќе средби со руски претставници, вклучително и со претседателот Владимир Путин, на кои секогаш ја истакнуваше важноста на стратешките односи меѓу Белград и Москва. Од друга страна, пак, Вулин го критикуваше Западот бидејќи, според него, се обидувал да предизвика „обоена револуција“.
Како резултат на неговите силно изразени проруски ставови и настапи, Вулин во 2023 година беше ставен на „црна листа“ на САД, која го обвини за корупција, но и за активности што го засилувале руското влијание во регионот. Се разбира, Вулин ги отфрли ваквите наводи на американскиот Стејт департмент, оценувајќи дека тие се политички мотивирани. Во секој случај, тој за кратко време отпадна од конкуренција за нова висока владина функција, што, покрај другото, се толкуваше и како одлука на официјален Белград да го намали меѓународниот притисок од Западот поради силната проруска ориентација на Вулин.
Оттука, суштината не е дали Вулин го промовира „српскиот свет“, за кој има различни мислења – додека поддржувачите велат дека станува збор за концепт за зачувување на националниот идентитет и заштита на културните права на Србите, критичарите велат дека претставува форма на српски национализам, кој дури имплицира и територијални претензии. Впрочем, нема ништо спорно и проблематично во тоа што Вулин, или кој било етнички Србин, работи во прилог на Србија и Србите, туку главната поента е дали таквата агенда, спакувана во концептот „српски свет“, автоматски подразбира блискост и соработка со Русија? Односно, дали „српскиот свет“ оди рака под рака со „рускиот свет“ и дали претставува локален инструмент за остварување на руските цели и интереси на Балканот?
„ТРЕТА СРПСКА РЕПУБЛИКА“
Да се вратиме во Македонија… Како што веќе нотиравме, по политичките промени во 2024 година, дотогаш владејачките СДСМ и ДУИ почнаа да ја обвинуваат новата влада на ВМРО-ДПМНЕ за антиевропски пристап и политики, кои, според нив, ја оддалечуваат земјава од ЕУ. Конкретно, тие сметаат дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени без одредени гаранции дека Бугарија во понатамошниот пристапен процес нема да ни стави ново вето поради идентитетски прашања, е само изговор за да ја изолира земјава од ЕУ и да ја стави во друштво со антиевропскиот блок на држави, кој до падот на Виктор Орбан го предводеше Унгарија, а во него влегува(ше) и Србија.
„Не само СДСМ, туку Европа ја покажа поврзаноста на владата на ДПМНЕ со „српскиот свет“ и негативностите за Македонија од тоа. Во ставот 28 од Извештајот на Европскиот парламент се истакнува дека Македонија и земјите од Западен Балкан се „особено погодени од странско мешање, хибридни закани и дезинформации, особено од Русија и Кина“. Се изразува и аларм за улогата на Унгарија и Србија во поддршка на геополитичките цели на Москва и Пекинг, при што се спомнува и неодамнешниот заем од Унгарија, кој наводно, потекнува од кинески извори.
Во членот 35 се изразува загриженост поради т.н. проект „српски свет“ и фактот што некои претставници на Владата на Северна Македонија застапувале и промовирале ваков концепт. Значи, се споменува многу конкретно концептот „српски свет“ и тоа во институцијата на ЕУ од највисок ранг“, реагираа од СДСМ на Венко Филипче веднаш по објавувањето на Извештајот на Европскиот парламент, каде што беше осудено промовирањето на концептот „српски свет“ од македонски функционери и се изразуваше загриженост поради засиленото влијание на Русија и Кина.
Исто така, и од ДУИ на Али Ахмети ја критикуваат актуелната влада дека води просрпска политика. Во таа смисла, од партијата го посочуваат извештајот на Европскиот парламент, каде што се споменува влијанието на „српскиот свет“, но наведуваат уште неколку моменти: продор на српски компании во телекомуникациите, склучување вредни договори во секторот енергетика со српски компании, заминувањето во посета на Србија среде кампања за локалните избори, свечен пречек во земјава на Милорад Додик, дефиле на српски министри во Скопје со „окупаторски речник“… А, според партијата, капак на сè бил влезот на српската Алта банка, која ја купи домашната „Стопанска банка-Битола“.
„Кулминацијата се случи на 10 септември, кога Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, дозволи влез на српската „Алта банка“ на финансискиот пазар во Македонија. Ова е институционален криминал, потпишан и запечатен од ВЛЕН, кој го отвора патот за финансиска инвазија на Србија во срцето на нашата економија. Мицкоски и ВЛЕН се алатка на српскиот свет, а Албанците ја плаќаат и ќе ја плаќаат цената на ова сервилство“, соопштија од ДУИ, која тврди дека Македонија се лизга кон статусот на „трета српска република“, а владите во Скопје и во Белград имаат договор да се предадат области на српското влијание на штета на Албанците.
НАГРАДА ЗА ЛОЈАЛНОСТА ИЛИ СТРАТЕШКО РЕПОЗИЦИОНИРАЊЕ?
Воедно, кога опозициските партии ја обвинуваат владата дека ја турка земјава во т.н. српски свет, како поткрепа и аргумент за ваквите тези претежно го користат Иван Стоиљковиќ, лидер на владејачката Демократска партија на Србите, кој до вчера беше вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, а во рамки на последната владина реконструкција стана министер за локална самоуправа. Со одлуката да му даде високи и сензитивни владини позиции на Стоиљковиќ, според опозицијата, премиерот Христијан Мицкоски покажува дека го фаворизира „српскиот свет“, кој, како што велат опозициски претставници, е во целосна спротивност во евроинтеграцискиот процес, но и со внатрешната меѓуетничка кохезија.
Меѓу другото, албанската опозиција гледа лоша симболика во тоа што Стоиљковиќ стана вицепремер за Рамковниот договор, со оглед дека министерството за односи меѓу заедниците се формираше по пат на трансформација на некогашниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, кој во минатото го воделе исклучиво етнички Албанци. Откако прво обвинуваа дека владата преку Стоиљковиќ праќа порака дека поништува права на Албанците, како дел од корпусот на обвинувања поврзани со балансерот, бадентерот итн., ДУИ и нивните партнери уште повеќе ги засилија ваквите напади по неговиот избор за министер за локална самоуправа, бидејќи, според нив, следната цел била девалвирање и на децентрализацијата како еден од столбовите на договорот од 2001 година.
– Не ви пречеше да трчате на бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви пречеше Иван Стоилковиќ. Не ви пречеше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на владата којашто ја предводам јас – рече Мицкоски во Парламентот, одговарајќи на критиките на опозицијата дека со изборот на Стоиљковиќ за министер за локална самоуправа „српскиот свет“ фактички добива „губернатор на 80 македонски општини“.
На тој начин, премиерот недвосмислено покажа дека цврство стои зад Стоиљковиќ поради неговата лојалност во опозициските денови, кога тогашната влада на СДСМ и ДУИ беше во перманентен лов на пратеник повеќе од опозицијата со цел да го зајакне тенкото парламентарно мнозинство, или, пак, да обезбеди двотретинско мнозинство, како што беше неопходно за Преспанскиот договор, сеедно. Тогаш, единствено Стоиљковиќ и лидерот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, ги издржаа притисоците од власта и останаа дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, што очигледно Мицкоски го цени, па и двајцата ги направи вицепремиери и министри. Од таа гледна точка, Стоиљковиќ можеби е само награден поради лојалноста и не значи дека е дел од план за стратешко репозицонирање на земјава.
Како и да е, тоа не го спречува Стоиљковиќ да тера лична паралелна агенда, поврзана со зајакнување на статусот и правата на Србите. Како етнички Србин и предводник на етничка партија, од Стоиљковиќ и се очекува да работи за Србите, па дури и да се обидува да гради поблиски релации и контакти со Србија и српските лидери во регионот. За волја на вистината, тоа не е ништо поразлично кога албанските лидери во земјава се обидуват да градат пријателски и братски односи со Албанија и Косово, како што се случувало и се уште се случува (со помош на албанскиот премиер Еди Рама се обединија дел од албански партии за да предизвикаат промени во 2016-2017 година, а во 2024 година косовскиот премиер Албин Курти посредуваше при обединување албанската опозиција, што предизвика промена во албанскиот блок).
АНТИ-ЕУ И АНТИ-НАТО ГОВОР СРЕДЕ СКОПЈЕ
Така, вистинската дилема не е дали Стоиљковиќ работи за Србите и за добри односи со Србија, туку дали и колку гради релации со Русија, односно дали, условно кажано, „српскиот свет“ е еден сегмент од „рускиот свет“, кој, според некои аналитичари и идеолози, содржи и една затскриена компонента и димензија за соработка меѓу сите словенски православни народи, а меѓу нив влегуваат Русите, Србите и Македонците? Бездруго, одработувањето во прилог на руските интереси во земјава е крајно дискутабилно, бидејќи тоа е некомпатибилно со нашата позиција како земја-членка на НАТО и со нашиот утврден стратешки интерес за интеграција во ЕУ.
Кога ќе се земат во обзир чисто фактите, се доаѓа до заклучок дека меѓу Стоиљковиќ и Вулин има низа сличности. И едниот и другиот водат, условно кажано, помали партии кои се дел од власта и во такви околности вршеле или вршат високи државни позиции. Згора на тоа, двајцата ги обединува еден настан од 2023 година, кога, во друштвото на тогашниот претседател на Република Српска Милорад Додик, присуствуваа на 11-тиот Московски безбедносен самит, кој се одржува под покровителство на Советот за безбедност на Русија и служи како геополитичка платформа за дискусии за глобалната безбедност.
Кога станува збор за Додик, во овој контекст вреди да се напомене дека големо внимание привлече неговата посета на земјава ланската година по повод Свети Сава – национален празник на Србите во Македонија. За време на манифеститацијата во Скопје, во присуство на Стоиљковиќ и на Мицкоски, Додик говореше дека лажни се тврдењата оти српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население за време на војната во Босна. Патем, тој ја спореди војната во Украина со ситуацијата во Босна и Херцеговина, при што рече дека Русија на чело со Путин прави сè што е можно за да го заштити руското малцинство во Украина.
–Ние го почитуваме изборот на Македонија и политичките насоки по кои се движи, но ние Србите, по бомбардирањето од страна на НАТО, не можеме да бидеме членки на НАТО, ниту Србија ниту Република Српска. Ние сме на европскиот пат, но гледаме дека таа Европа најмногу се посрамоти со Македонија која направи многу отстапки, а за возврат доби малку од Европа и мораме еден ден да застанеме и да размислиме дали овој пат треба да продолжи, бидејќи што ни дава Европа? Начин на живот, добро, но што остана од неа, од тие вредности? Дали Европа има лидер – нема. Дали има суровини – нема. Европа ја изгуби глобалната конкурентска способност – рече Додик.
По ваквиот говор на Додик, реагираше Мицкоски, велејќи дека не се согласува со содржината на говорот кој се однесува на анти-ЕУ и анти-НАТО позиции, истакнувајќи: „Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“. Воедно, реагираше и Стоиљковиќ, кој рече дека се согласува со Мицкоски оти говорот на Додик треба да соодветствува со празнично расположение, а не со политички пораки. Сепак, дека не се работи за прв „скандал“ од ваков тип потврдува фактот што Стоиљковиќ неколку години претходно на истиот настан го поканил Драгослав Бокан, кој во едно ТВ-интервју рече дека Македонија е вештачки конструкт и дека ќе се распадне?!
ВРАЌАЊЕ НА РУСИЈА НА МЕЃУНАРОДНАТА СЦЕНА
Освен отворените анти-НАТО и анти-ЕУ настапи на Додик и други лица што се доведуваат во релација со Стоиљковиќ, од кои некои дури имаат и антимакедонски ставови, евидентно е дека кај нив истовремено има и проруски тенденции. На пример, Додик периодов имаше неколку средби со Путин, на кои, според него, Путин изразил поддршка на Република Српска визави специфичните односи во БиХ дефинирани со Дејтонскиот договор. Што се однесува до Стоиљковиќ, пак, тој лани беше на прием во руската амбадаса по повод Денот на Русија, но не така одамна бил и во посета на Русија, каде градел непосредни односи со владејачката партија Единствена Русија, основана во 2001 година со цел да ја поддржува политиката на Путин.
Како што е познато, пред десетина години, или поточно на средината на турбулентната 2016 година, кога во земјава имаше голема политичка криза поради аферата со масовното прислушување, Стоиљковиќ како лидер на ДПС отпатува за Москва за да присуствува на 15-тиот Конгрес на Единствена Русија, чиј лидер од 2008 до 2012 беше Путин, а од 2012 ја предводи неговиот близок соработник Димитриј Медведев. Како што рече тогаш во изјава за ТВ Сител, поканата ја смета и како лична заслуга и не е резултат само на тоа што во тоа време беше претседател на собраниската комисија за соработка со Руската Федерација. Притоа, Стоиљковиќ ја потпишал декларацијата за соработка со Единствена Русија, но и декларацијата за идните руски политики на Балканот, позната и како „Ловќенска декларација“.
–Ова само докажува дека Русија полека, но сигурно се враќа на меѓународната политичка сцена, но во една сосема нова улога. Се очекува да биде потпишана и Декларација со која на Република Македонија и на цел Балкан би му се гарантирала територијален интегритет и суверенитет, а она што е битно за нас е тоа што таа декларација, исто така, и зачувување на уставното име на државата што е многу значајно за Република Македонија. Учесниците многу се интересираат за земјите од Балканот, сакаат да бидат запознаени со нивните можности како би се отворил простор за соработка – рекол тој пред десетина години.
Речиси една деценија подоцна, Стоиљковиќ стана вицепремиер и министер во македонската влада, а повеќе аспекти околу неговите политички позиции може да се исчитаат од 2 негови интервјуа за Канал 5 дадени ланската 2025 година. Од она што го кажа во овие ТВ-настапи, може да се заклучи дека тој ја признава (гео)политичката и внатрешната реалност за Македонија како мултиетничка држава која е членка на НАТО и кандидат за членка на ЕУ, но истовремено порачува дека треба да се има на ум новата меѓународна архитектура со доаѓањето на Доналд Трамп во САД и, како што вели, „добро е да се игра на повеќе колосеци“.
– Нема тука дилеми, нема простор да го преипититате тој пат (евроинтеграцискиот пат). Едноставно, работите се усложнети на многу повисоко ниво, на ниво кое не зависи од нас и ниво на кое ние не можеме да влијаеме. Станува збор за геополитички промени на целокупната западноевропска и американска струткура, со доаѓањето на Трамп многу работи се променија. Едноставно работите се такви какви што се… – рече тој? Што друго кажа во однос на односите со Србија и Русија, за поранешните војни на просторите на некогашна СФРЈ, за се уште актуелната војна во Украина…
„ДОБРО Е ДА СЕ ИГРА НА ПОВЕЌЕ КОЛОСЕЦИ“
Прашан за темата за „српскиот свет“, Стоиљковиќ рече дека тоа како теза е присутна во јавноста, но патем тврди дека е „гола манипулација“. Според него, „српски свет“, како и секој друг „свет“, е социолошко-политички поим, кој има културни и географски особености. Но, како што истакна, покрај „српски свет“, има и „англиски свет“, „италијански свет“, „германски свет“, романски свет“, додека, на крајот на краиштата, вели дека има и „македонски свет“. На тој начин, тој практично го релативизира значењето што „српскиот свет“ го има во домашниот политичко-општествен контекст.
–Имаме „англиски свет“, но луѓето не знаат за него зашто во јавноста не се употребува. Граѓаните не знаат ни за приказна наречена „мондо италијано“ – италијански свет, не знаат за „дојче велт“ или германски свет, но најинтересен е српскиот свет, па рускиот свет, а најважен всушност е романскиот свет („лалумеа романеску“), со оглед дека Романците живејат на повеќе места и од таму потекнува тој термин како приказна и означува една приказна која овде на Македонците може да им се објасни со тоа дека има и „македонски свет“. И сега некој ќе се прашува како? Па, зошто тогаш заминаа политичките партии во Пустец ако Пустец не е македонски свет – рече Стоиљковиќ.
Во однос на прашањето дали можеби пораката на Додик во Скопје била дека треба да гледаме кон Русија, тој прво појасни дека двајцата биле пријатели и имале лични релации со години, а потоа раскажа и како Додик веднаш откако слетал со авионот во Скопје, рекол дека прво сака да оди кај него во кабинет. Потоа, пак, рече дека тврдењата за ориентација кон Русија се манипулација, независно што тој е чест гостин во Москва, а пред десетина години самиот изјави дека „Русија полека, но сигурно се враќа на меѓународната политичка сцена, но во една сосема нова улога“. Настрана тоа, сега вели дека тезите за свртување кон Русија се „карикирање“.
–Ајде да не карикираме, знаете колку е далеку Русија? Сакаме да манипулираме за да затскриеме некои слабости, односно да се обидеме да влеземе во старите шеми. Старите шеми не функционираат повеќе очигледно… Светот е во сериозни промении и ние мораме на време да се качиме на вагонот за да можеме подобро да истуркаме напред. Од тој аспект, политиката е сосема јасна, тој е патот (кон ЕУ), еве гледате и Србија не го напушта. Дури и Додик, без оглед на зборувањето, тој е веќе во некакви си преговори за отпочнување на преговори на БиХ за членство во ЕУ. Така што тоа е повеќе резултат на манипулација отколку на реална состојба во регионот – рече Стоиљковиќ.
Арно ама, не пропушти прилика да изрази согласување со Додик дека ЕУ била дволична кон Македонија, но вината за тоа ја префрли и кон македонски структури, кои направиле пропуст, посочувајќи: „Но, промената на геополитичките односи ни дава шанса да поминеме под радарот со многу помала штета отколку што е првобитната штета. И таа шанса треба да се искористи, особено поради добрите односи на Мицкоски со новата американска администрација. Добро е да се игра на повеќе колосеци зашто ако слепо ги следиме само едните приказни мислам дека нема далеку да стигнеме бидејќи прилично сме изгорени…“. Во меѓувреме, Трамп се зафати со војната во Иран и не гледаме дека нешто драстично се смени во регионот, освен отсутноста на САД во споредба со порано.
„ОБОЕНА РЕВОЛУЦИЈА“ ВО СРБИЈА
Дефинитивно, Стоиљковиќ е далеку од еврофанатик како многу други македонски политичари главно од левиот и либералниот спектар, па дури и без резерви говори дека „добро е да се игра на повеќе колосеци“, иако потенцира дека нашиот пат кон ЕУ е трасиран и неповратен, што донекаде го прави еврореалист. Тој воопшто нема ригиден став против Русија, туку напротив – бил во чести посети на Москва и е редовен гостин во руската амбасада, а сето тоа го објаснува на едноставен начин: „Зар ние имаме раскинати дипломатски односи со Русија“. Секако одговорот е „не“, меѓутоа други политичари ретко можат да се видат во Москва и во руската амбасада, бидејќи тие постапки праќаат и одредена политичка порака.
–Големите сили кога се договараат, се договараат за многу поголеми работи. Очигледно дека застојот во американско-руските односи е многу поголем од војната во Украина и очигледно дека е потребно време. Но, кога ќе отвориме процес и ќе почнете да зборуваме дека е потребен мир, работите се сосема јасни каде одат. Не може веќе да зборувате за војна, ќе станете демоде… Ќе се договорат тие што треба да се договарат, помалите држави секогаш биле употребувани или пиони. Кој не внимана со сопствената држава обично лошо завршува – рече Стоиљковиќ за војната во Украна, додавајќи дека никој во земјава не се запрашал кои биле причините што довеле до војната?
Во однос на забелешките дека за време на воениот конфликт во 2001 година на македонската држава и помогнала Украина, а не Русија, пак, вели дека Украина не можела да ни помогне без согласност од Русија, затоа што, истакнува тој, во тоа време така функционирале работите, алудирајќи дека владата во Украина била проруска и делувала според налог од Москва. Исто така, посочува дека авионите од Украина до Македонија тогаш ги донеле Србите, односно српска фирма. Тој декларира свој став и за случувањата во Србија, каде долго време има масовни протести против владата на Вучиќ.
Според него, овие случувања се обид за „обоена револуција“, а тоа твредење го темели на сите книги што ги прочитал, додека како доказ за тоа изнесува информација дека македонска фирма што учествувала во шарената револуција била регрутирана да биде испомош за протестите во Србија. Како што нагласува, Вучиќ ќе остане на власт и по следни избори, без оглед што студентите биле „добро организиран од надвор“. На крајот, во повеќе наврати порачува оти одбива како Србин да го ословуваат геноциден, мислејќи на Сребреница, при што посочува дека таму не умираа само муслимани, туку и Срби…
Штом сето тоа ќе се стави на купче, јасно се добива политичкиот портрет на Стоиљковиќ со сите нијанси, без да има потреба од дополнителни интерпретации и констатации. Но, ако тој е долго време присутен на политичката сцена и јавноста веќе има одредена перцепција за неговите политички ставови и позиции, вклучитечно и во однос на Русија, тогаш мора да се посвети внимание на уште еден член на актуелната влада на чело со Мицкоски, кој, исто така, може да се доведе во конекција со Руската Федерација на одредено ниво. Тоа е Борче Серафимовски од ЗНАМ, кој неодамна стана министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, откако претходно беше државен секретар во оваа институција.
УЧЕСТВО НА ФОНДАЦИЈА ОСНОВАНА ОД ПУТИН
По ротацијата на Стоиљковиќ во Министерството за локална самоуправа, изборот на Серафимовски во нов министер за земјоделство предизвика најсилни реакции од страна на опозицијата, која на јавна сцена го обвини за поврзаност со Русија. Конкретно, пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, посочи дека тој бил дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата „Руски мир“, организација која била основана во 2007 година со указ на Путин. Притоа, Трајчулески додаде дека на овој настан свое обраќање имал и патријархот московски и на цела Русија Кирил, иронично забележувајќи: „Ние сме горда членка на НАТО“.
Во официјалната биографија на Серафимовски, стои тој дипломирал на катедрата за дефендолофија на Филозофскиот универзитет при УКИМ, но воедно се образувал и во Бугарија, така што дипломирал бизнис-менаџмент на Универзитетот „Црноризец Храбар“ во Варна, потоа магистрирал на меѓународни односи при Универзитетот „Неофит Рилски“ во Благоевград и на крајот докторирал организационони науки при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Велико Трново.
Во врска со неговото работно искуство, пак, навел дека од 2025 година е дел од Министерството за земјоделство како државен секретар (од скоро и како министер), додека претходно, односно во периодот од 2004 до 2025 година бил дел од Меѓународниот славјански универзитет со седиште во Свети Николе, при што пријавил 2 позиции – заменик-претседател на Управниот одбор и Генерален директор. Во неговото „сиви“, Серафимовски навел дека, покрај англиски, одлично говори и бугарски и руски јазик.
Доколку опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ често го обвинува Стоиљковиќ дека е дел од т.н. српски свет или пак користат формулација „српско-руски свет“, тогаш за Серафимовски вели дека е поврзан со Русија, а во тој правец го споменуваат неговото учество на собрание на фондацијата „Руски мир“, каде било разговарало и за „актуелните проблеми на рускиот свет“. Всушност, оваа информација иницијално е објавена од страна на Меѓународниот славјански универзитет, чиј генерален директор бил Серафимовски пред да се пресели во Владата, т.е. во Министерството за земјоделство во 2025 година. Дословно, на официјалната страна на универзитетот стои:
„Генералниот директор на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, м-р Борче Серафимовски, беше дел од јубилејното 10-то Собрание на фондацијата Русский мир, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин во 2007 година. Во Москва од 3-ти до 4-ти ноември, 800 делегати од неколку десетици земји се собраа за да разговараат за актуелните проблеми на рускиот свет. На свеченото отворање на Собранието во Москва беа вклучени истакнати политички и јавни личности, шефови на министерства и оддели, претставници на здруженија на сонародници, универзитетски професори и наставници од руски училишта, автори на учебници, научници, писатели, дипломати, свештенството, културолози и новинари“.
МАКЕДОНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ ИЛИ РУСКИ ИНСТИТУТ?
Дополнително, на интернет-страницата на Славјанскиот универзитет може да се најде уште една интересна вест, со наслов: „Новиот придонес на ТСУ во развојот на односите меѓу Русија и Балканот“. Поточно, се работи за информација за средба одржана на 23 јуни 2016 година во Хрватска меѓу тогашниот ректор на Тамбовскиот државен универзитет од Русија „Г. Р. Державин“, Владимир Стромов, како и основачите на Меѓународниот славјански универзитет од земјава што го носи истиот назив – „Гаврило Романович Державин“ – Јордан Ѓорчев и Борче Серафимовски (актуелен министер за земјоделство).
„И обете страни на преговорите и посветија посебно значење. Универзитетите се наоѓаат во институционално дефинирана состојба, реализираат заеднички образовни програми, социјални проекти, но динамиката на современиот свет, потребата за екстракција на конкурентските предности од соработката бара нејзина корекција и разновидност“, стои во објавата на Славјанскиот универзитет од Свети Николе.
Патем речено, тогашниот ректор на рускиот Тамбовски универзитет порачал дека се договориле за проширување на врските. Како што рекол тој, главното тежиште во образовниот процес ќе го концентрираат на „создавање паралелни и заеднички образовни програми со издавање двојни дипломи“, така што истакнал: „Ќе ги развиваме заедничките проекти на размена. Таму, каде што е можно, ќе ги вклучиме професорите од двата универзитета во локалните настани. Основно е да потенцираме дека нам ни е неопходно да го искористиме потенцијалот на синергија на нашата соработка за нагло зголемување на квалитетот на настава…“.
Понатаму, за важноста на соработката со Тамбовскиот универзитет зборувал и Ѓорчев, кој се јавува како основач и сопственик на Меѓународниот славјански универзитет од Свети Николе. Тогаш, тој порачал дека двата универзитети скоро 10 години го негуваат пријателството, велејќи: „Покрај тоа што се интегрираат не само универзитетите, научните школи, туку се испреплетуваат и личните судбини на луѓето – професори и студенти, значи ние сме направиле пат. Јас го гледам сето ова и се радувам. Оваа година ние воспоставивме уште една перспективна насока. Тамбовските археолози учествуваа во археолошки ископувања на територијата на Македонија…
На крајот, во објавата се наведува дека тогашниот директор на Славјанскиот универзитет во Свети Николе, а денешен министер за земјоделство – Серафимовски, посочил:„Македонците со многу топлина понекогаш го нарекуваат нашиот универзитет Руски институт. Тоа не е само знак на почит кон рускиот партнер, туку и го потенцира посебниот однос кон Русија од страна на словенските народи на Балканот. Во историската меморија на балканските народи засекогаш останува улогата на Русија во нашето ослободување“.
„ОПОЛНОМОШТЕН ПРЕТСТАВНИК НА РУСИЈА“
Во однос на рускиот државен Тамбовски универзитет, кој, според погоре изнесеното, има партнерски односи со Славјанскиот универзитет од Свети Николе, Стромов рекол и дека тој се доживува на Балканот како „ополномоштен претставник на Русија“. Во таа конотација, нагласил: „Сега на Балканот Русија е претставена многу слабо. Во социјално-политички простор на Балканот Русија скоро и да ја нема. Нашиот универзитет на очигледен начин ја пополнува постоечката празнина…“.
Не само што бил ректор на Тамбовскиот државен универзитет од 2015 до 2022 година, исклучително битно е да се потенцира дека Стромов бил член и на владејачката Единствена Русија, така што во 2021 година бил избран и за пратеник во Регионалната дума на Тамбов од редовите на оваа партија. Згора на тоа, може да се најде податок дека тој јавно ја поддржал руската инвазија врз Украина, поради што бил ставен на листа на санкции од страна на Киев.
Но, сепак, тој ненадејно починал во 2022 година, кога прекинуваат неговите мандати како пратеник и ректор, додека на ректорската позиција на Тамбовскиот универзитет го наследува неговиот близок соработник Павел Моисеев, кој исто така бил избран за член на регионалната дума или собрание на Тамбовската област на дополнителните избори по смртта на Стромов.
Воедно, Моисеев е заменик-секретар на регионалното одделение на Единствена Русија во Тамбовската област, а во Тамбовската дума е избран за претседател на Комитетот за односи со локалната самоуправа, јавните организации и пратеничката етика, што важи за битна позиција. Исто така, Моисеев е координатор на партискиот проект „Нова школа“, кој се спроведува во соработка со државните образовни институции.
За време на неговиот ректорски мандат, Тамбовскиот државен универзитет учествува во федералната програма „Приоритет 2030“, која важи за една од главните програми за развој на високото образование во Русија, односно претставува најголемата владина програма за финансирање и стратешка поддршка на водечките руски универзитети. Конечно, Институтот за право и национална безбедност при ТДУ директно соработува со руските судови, обвинителства и органите за спроведување на законот, каде што студентите стекнуваат пракса.
МИНИСТЕРОТ ЈА СПРОВЕДУВА ЕВРОАТЛАНТСКАТА ОРИЕНТАЦИЈА
„Фокус“ се обрати до Серафимовски, кој во одговорите што ни ги достави, категорично ги отфрла, како што вели, обидите неговото долгогодишно професионално искуство во високото образование да се претстави како припадност кон „каков било политички или идеолошки концепт“. Тој тврди дека никогаш не бил дел од политичкиот концепт познат како „руски свет“, ниту, пак, неговата професионална работа била насочена кон промовирање такви идеи.
–Мојата работа во Меѓународниот славјански универзитет беше поврзана со управување со образовната институција, развојот на наставата, меѓународната академска соработка и создавањето повеќе можности за студентите. Универзитетот соработуваше со образовни институции од различни држави, меѓу кои и универзитети од земји членки на Европската унија (ЕУ), вклучително и преку програмата „Еразмус+“. Знаењето и науката не познаваат граници, но јавната функција има прецизна државна и политичка рамка.
Македонија е членка на НАТО и држава со стратешка определба за полноправно членство во ЕУ. Како член на Владата, целосно ги почитувам и спроведувам евроатлантската ориентација на државата, нејзината усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија и принципите на меѓународното право. Мојата професионална биографија е биографија на човек од образованието и менаџирањето, а не на учесник во нечиј политички или идеолошки проекти. Денес мојата одговорност е да работам во интерес на македонските земјоделци и да ги спроведувам политиките на Владата – вели Серафимовски.
Тој објаснува дека присуството на Собранието на фондацијата „Руски мир било исклучиво институционално и поврзано со неговата професионална функција на универзитетот, како и дека не учествувал како политички претставник и немал лична политичка или идеолошка поврзаност со неа. Како што посочува, присуството на еден меѓународен настан не значи поддршка за политиката на нејзината влада, туку секој негов професионален ангажман од тој период треба да се оценува во контекстот во кој се одвивал, односно како дел од образовната и академската соработка, а не како дел од политички или геополитички процеси.
Одговарајќи на прашањето каква била соработката со Тамбовскиот државен универзитет, односно дали оваа соработка со руски универзитет чии ректори биле членови и функционери на партијата на Путин имало политичко-идеолошки цели, пак, вели: „Станува збор за соработка меѓу две високообразовни институции, која опфаќање размена на студенти и професори, учество на научни конференции, образовни работилници, летни школи и програми поврзани со наставата и академската мобилност. Во рамките на моите надлежности, таа соработка имаше исклучиво академски и образовен карактер. Во неа немаше политички активности или цели поврзани со промовирање определена идеологија“. Го прашавме и Стоиљковиќ околу обвинувањата за „српски свет“ и конекции со Русија, но тој не одговори на нашето прашање!
Димитриевски пред 2 години го угости рускиот амбасадор
РУСКИОТ ЈАЗИК ВО КУМАНОВСКИ УЧИЛИШТА СЕ ИЗУЧУВА 70 ГОДИНИ!
Кумановскиот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во 2024 година во својот кабинет го прими тогашниот руски амбасадор Сергеј Баздникин.
–Посетата беше во Куманово со невладина организација, со оглед дека таа традиционално организира Саем на органска храна и се прикажуваат различни кујни.
Оваа година се случи со руската кујна. Се сретнавме и јас како добар домаќин морам да го примам – рече тогаш Димитриевски.
Тој појасни дека со амбасадорот разговарале за повеќе теми, со акцент на иницијативата за враќање на изучување на рускиот јазик во основните и средните училишта во Куманово како изборен предмет.
–Рускиот јазик во 2 училишта се учи повеќе од 70 години. За жал, немаме голем интерес за изучување на јазикот и секако како амбасадор (Баздникин), сакаше да информира што е причината.
Тоа не е нова програма, но, како и да е, моите ставови, како и ставовите на Македонија, се дека имаме класична агресија на Украина и Македонија е на страна на европските и НАТО држави – истакна Димитриевски.
Инаку, од неговата партија ЗНАМ доаѓа новиот министер за земјоделство Борче Серафимовски, во чие време Славјанскиот универзитет имал соработка со руски универзитет чии ректори биле или се дел од партијата на Владимир Путин.
Ќерката на Стоиљковиќ студирала и работи во Русија
ШТО Е ПРОБЛЕМ ШТО РАБОТИ, ДА НЕ СЕ СНАОЃА?
Подолг период наназад, одредени медиуми пишуваат дека ќерката на министерот за локална самоуправа и лидер на ДПС, Иван Стоиљковиќ, работи во Руската Федерација.
Одговарајќи на прашање дали таа работи во руското Министерство за надворешни работи, тој неодамна на Канал 5 изјави:
„Не. Таа беше оквалификувана во македонската јавност како таму да седи до Путин и донесува одлуки. Такви смешни работи… Се зборувало тоа, дека била советник на Песков, портпарол на Кремљ итн.
Ќерка ми, да, точно е дека таму работеше, но сега работи во една голема приватна компанија.
Пред половина година заврши на најеминентниот економски факултет во Сколково и сега работи во една приватна компанија во Русија.
Што е проблем што работи во Русија, да не се снаоѓа?“.
Неколку месеци претходно, пак, во однос на истата тема тој на „Фејсбук“ напиша:
„Мојата ќерка Сандра Стоилковиќ во ноември 2023 запиша мастер студии за бизнис администрација на една од најпрестижните светски академии за бизнис менаџмент Сколково во Москва, кои што во јуни оваа година успешно ги заврши и се стекна со титула Мастер по бизнис-администрација.
Ова ѝ е втора магистерска диплома, првата е од МГИМО и е т.н. црвена диплома, што значи дека била меѓу петте најдобри магистранти.
Од 2024 година, таа работи како надворешен менаџер за бизнис-партнерства во КОКОЦ ГРУП – меѓународна платформа за креирање решенија за развој на меѓународен бизнис.
Ова се јавно достапни информации и не ми е јасно кому и зошто му се потребни инсинуации“.
Врз основа на тоа, може да се заклучи дека неговата ќерка порано работела во руското МНР, но од 2004 година работи во приватна компанија во Русија.