Според владата, нов животен стандард на граѓаните ќе биде оскудното покачување од 1.812 денари нето или 2.685 денари бруто, колку што ќе ги чини работодавачите. Со ова покачување, минималната плата ќе биде 24.400 денари, кои не се доволни да се покрие ниту една ставка од синдикалната минимална кошничка. Вкупната синдикална минимална кошничка од 57.163 денари за јануари 2024 година, се зголемила на 63.252 денари за јануари 2025 година или за 100 евра колку што е покачувањето што го доби премиерот Мицкоски на својата февруарска плата.
Пишува: Орце КОСТОВ
„Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025, применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде што минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето-износ. Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата“, информираше владата и притоа не заборави да се пофали дека континуирано продолжила да го подобрува животниот стандард на граѓаните.
Според владата, нов животен стандард на граѓаните ќе биде оскудното покачување од 1.812 денари нето или 2.685 денари бруто, колку што ќе ги чини работодавачите. Со ова покачување, минималната плата ќе биде 24.400 денари, кои не се доволни да се покрие ниту една ставка од синдикалната минимална кошничка.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека минималната плата може да биде и повисока, доколку дојде до договор меѓу работниците и работодавачите.
„Ако се договараат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, порача Мицкоски.
Сепак, во овој момент тоа не е можно, со оглед на тоа дека работодавачите порачаа од владата да ги замрзне придонесите за да ја покачат платата на 31 илјади денари, но министерката за финансии Гордана Кочоска–Димитроска не сакаше да размислува за оваа опција.
Според премиерот, владата мора да го почитува Законот, а Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите работи на процесот за вклучување работнички претставници во економско-социјалниот дијалог.
Од авион се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ е против покачувањето на минималната плата. Во последните 10 дена, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски одржува тематски прес-конференции на кои ги напаѓа првите луѓе на синдикатите, а посебно се осврнуваше на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, обвинувајќи го дека земал трипати повисока плата од онаа на работниците.
Тоа го навлече гневот на јавноста, посебно на работниците, кои предводени од ССМ, вчера го изразија незадоволството од односот на власта, која си дозволи самата да одлучува за висината на минималната плата што ќе ја добиваат вработените од овој месец.
Синдикалците се лути што не се слуша зборот на работникот, а дополнително ги отфрлаат и сите обвинувања за партизација на синдикалното движење во Македонија.
-За првпат од донесувањето на Законот за минимална плата, владата без социјален дијалог, еднострано ја утврди висината на минималната плата, која во нето-износ, почнувајќи со исплатата на платата за месец март 2025 година изнесува 24.379,00 денари, без да покаже слух и разбирање за предлозите на ССМ, меѓу кој и предлогот за ослободување на работодавачите од плаќање на придонесите, односно за субвенционирање од страна на државата на придонесите за делот на покачување на минималната плата над законскиот основ за период од една година.
Во утврдувањето на минималната плата согласно националното законодавство учествуваат сите социјални партнери, владата, репрезентативниот синдикат ССМ и репрезентативната организација на работодавачи (ОРМ). Владата, со тоа што се иззема од преговорите за минималната плата и ја префрли обврската на ССМ и на ОРМ, се амнестираше себеси како најголем работодавач во јавниот сектор од социјалниот дијалог, што е спротивно на националните закони и меѓународните трудови стандарди согласно кои владите на сите демократски држави се должни да го поттикнуваат, олеснуваат и унапредуваат социјалниот дијалог на сите нивоа.
Високите цени на основните животни продукти, енергенсите, инфлацијата и износот на синдикалната минимална кошничка се доволен показател дека со објавеното покачување на минималната плата нема да се подобри егзистенцијалната положба на работниците и граѓаните, велат од ССМ за „Фокус“.
Кој им се заканува на синдикалните лидери?
Синдикалците велат дека до сега, ниту со поголемиот дел од гранските синдикати здружени во ССМ не се преговара, не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор. Нема никаков дијалог во однос на вработените што се под државна капа, онака како што е предвидено во општиот колективен договор, а тоа е да се добијат функционерски плати, просечна плата по коефициент на сложеност или зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 проценти во нето, или 12, 9 проценти во бруто.
Ова зголемување е загарантирано со Општиот колективен договор од 2023 година и членот 47.
„Доколку страните на овој колективен договор во рокот утврден во ставот (2) на овој член не склучат спогодба, коефициентот на сложеност на работното место се пресметува на начин што основната бруто-плата на вработениот исплатена за месец септември 2023 година се става во однос со просечно исплатената бруто-плата по вработен за 2023 година, согласно објавените податоци на Државниот завод за статистика, зголемен за 5 отсто.“.
Наместо покачување за работниците, синдикатите за возврат добија засилени напади од владејачката политичка партија ДПМНЕ.
-Се засилија нападите како од политичка партија, така и од политички поставени директори што примаат плата од нашите плати, кои ги плаќаме како даноци во државата. Не ги плаќаме за да ги минираат процесите за да ги намалуваат платите и за да не ги остваруваат барањата и заложбите на работниците, не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани, со уцени за отказ од работни места, за намалување плата, за суспендирање на наши синдикални активисти, со една цел да направат друг синдикат репрезентативен на штета на работниците, додаваат од ССМ.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов обвини за упади во синдикалните организации и за притисоци кон работниците да преминат во друг синдикат.
„Тоа што треба да ги загрижи со упадите што ни ги прават, со заканите за отчленување на ССМ и приклонување кон друг синдикат, иако ниту еден друг синдикат нема поднесено барање за утврдување репрезентативност, и манипулирајќи ги одредени владини претставници. До нас пристигнаа податоци од кабинетот на директорот на Пошта, потоа во Водостопанство наводно директорот се заканува веднаш да ги пренесува синдикалните работници во друг синдикат. Има закани и во Катастар, Македонски шуми“, рече Трендафилов и додаде:
– Битката со ВМРО-ДПМНЕ, односно поединци од ВМРО-ДПМНЕ со ССМ е да нема зголемување на платите и да ги држат во заложништво и во сиромаштија работниците, вели Трендафилов.
И работници и функционери со 500 евра плата
Сите избрани и именувани функционери, вклучително и претседателот на ССМ, Трендафилов, од денес да примаат плата од 500 евра, но во Парламентот да биде изгласан закон со кој минималната плата на работниците ќе биде 500 евра, а на другите работници платите да им се качат за 100 евра. Ова е фрлена ракавица од Трендафилов по жестоките напади кои раководните лица на ССМ ги трпат од пратениците на владејачката партија.
-Сите ние заедно да примаме 500 евра плата, една година. Јас немам никаков проблем со тоа, да ги видам нив, порача јавно Трендафилов и ги повика сите министри од владата, пратениците, директорите и шефовите, кои се на државна сметка цел живот, да примаат 500 евра минимална плата, колку што ќе примаат близу 200.000 работници.
Тој се осврна и на нападите што доаѓаа на негова сметка од пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Очекувам на првата наредна прес-конференција, колегата да каже кој број на чевли носи Слободан Трендафилов. Доколку промаши, тоа ќе значи дека сѐ што досега кажал е лага и никој нема да му верува. Не е сериозно пратеник, со 118.000 денари, да го осудува претседателот на ССМ, за 60.000 плата. Несериозно е да гледаат дека нема никакви реакции за 60.000 плата, да измислуваат дека друг синдикален функционер прима 70.000 денари, а трет – 104.000 денари. Го повикувам да даде од неговата плата, за да ми ги надополни овие 15.000 денари што ги немам и секој месец да имам 75.000 денари, за да не лаже, рече Трендафилов.
Тој потсети дека, за среќа, тој и неговите колеги не примаат плата од Буџетот, туку дека се финансираат од синдикалната членарина.
Според Трендафилов, нападите што се прават кон ССМ во изминативе денови нема да променат апсолутно ништо.
– Лично да кажам „што кај мене ви личи дека ми е гајле за вашето мислење за мене“. Тоа што го правам и со 60.000, би го правел и да имам 300.000 денари плата. Не отстапуваме од целта за повисока минимална плата и за зголемување на сите други плати. Кај го има тоа, владата да биде против работниците и да не се грижи за нив. Последен показател за тоа се мизерните 7 отсто зголемување во образованието, потенцира Трендафилов.
Според податоците од УЈП, 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380 илјади работници се под просечната.
Во однос на утврдувањето на репрезентативноста на ССМ, како синдикат што треба да го има последниот збор на Економско-социјалниот совет, од ССМ велат дека веќе почнала со работа Комисијата за утврдување репрезентативност, а како информација за јавноста, само Сојузот на синдикатите на Македонија бара утврдување на репрезентативност на ниво на територија, ниту еден друг синдикат нема поднесено барање.
Што ќе покрие покачувањето?
Граѓаните го поддржаа секое зголемување на платата, но се свесни дека растот на трошоците не можат ниту да го бркаат, не, пак, да го стигнат со овие 1.816 денари, кои се премалку да се покријат трошоците од минималната синдикална кошничка на ССМ.
Според податоците од ССМ, синдикалната кошница за месец јануари 2025 година била 62.252 денари, без да се земат во пресметката трошоците за станарина, струја, вода и греење, кои се некаде околу 21.400 денари месечно. Во јануари 2025 година, на граѓаните им биле потребни 23.198 денари само за храна и за пијалаци.
Оваа ставка за една година е зголемена за 2.200 денари или за 400 денари над зголемувањето на минималната плата од 1 април.
Но, вкупната синдикална минимална кошничка од 57.163 денари за јануари 2024, се зголемила на 63.252 денари за јануари 2025 година или за 100 евра, колку што е покачувањето што го доби премиерот Мицкоски.
–Вредноста на синдикалната минимална кошничка што Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја пресметува од 2010 година е единствен валиден репер за потребните трошоци на едно четиричлено семејство да обезбеди каков-таков нормален живот, но не можеме да речеме дека со оваа сума се обезбедува достоинствен живот за македонските семејства.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари 2025 година изнесува 63.773,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец јануари 2025 година, која изнесува 63.252,00 денари, зголемена за 521,00 денари, велат од ССМ.
Затоа, како што појаснуваат, од тие причини ССМ како приоритетно го достави до владата барањето за минимална плата во висина од 500 евра за да можат најранливите категории на граѓани со две минимални плати да го обезбедат потребниот износ за основните животни продукти предвидени во синдикалната минимална кошничка.
– Дополнително ССМ го поткрепуваше своето барање за минимална плата во износ од 500 евра поради далеку повисоките износи на минималната плата во земјите од нашето опкружување, а сѐ со цел да се намали одливот на работна сила од нашата држава во соседните држави, пред сѐ поради повисоките плати во земјите од регионот.
Покрај барањето за зголемување на минималната плата, ССМ бара и зголемување на сите други плати во државата, во висина од 6.000 денари, во насока на зачувување елементарен животен стандард на работниците и граѓаните, велат од ССМ за „Фокус“.
Нова социјална неправда, минималната плата ќе донесе и кај оние што примаат плата малку над минималната и нема да добијат покачување што е гарантирано со закон. Згора на тоа досега секое зголемување на минималната плата досега беше проследено со поскапување на основните производи, со што се поттикнува нова инфлација.
Еден аршин за работниците, друг за функционерите
Ако се спореди зголемувањето на платите кај функционерите, излегува дека работниците нема да работат ниту за корка леб, туку за трошки од него.
Функционерските плати, ниту се намалија, ниту останаа исти. И покрај законските измени, тие се покачија затоа што политичарите во своите изјави пред граѓаните заборавија да го спомнат најважниот елемент при пресметката на нивните плати – просечна бруто-плата за тековната година, која во последните 3 години е во значителен пораст.
Платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната бруто-плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата што ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основа на разни други бенефиции…
Новите коефициенти почнаа да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година.
Највисокиот коефициент од 3,92 се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се замени со 2,62, а најнискиот коефициент 2,79 се намали на 2,47.
Највисок коефициент се пресметува за претседателот на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието, вториот коефициент по големина од 3,48 на 3,08 е за пресметка на платата на претседателот на Уставен суд.
Третиот по ред коефициент се користи за пресметка на платата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народна банка, јавен правобранител на Македонија, народен правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата. Овие функционери ќе имаат намален коефициент од 3,22 на 2,85.
Коефициентот за утврдување плата на заменик-министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на државата, советник на претседателот, секретар на Кабинетот на претседателот, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, ќе изнесува 2,62.
Најмалиот коефициент е за пресметка на платите на раководен работник, кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител претседател на основен суд и основен јавен обвинител. Овој коефициент со законските измени треба да изнесува 2,47.
Платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната бруто-плата за тековната година помножена со коефициентот, во зависност од позицијата што ја имаат. Плус, платата на функционерите расте и по основа на разни други бенефиции.
Просечната плата расте, па нејзиниот просек во бруто-износ во 2024 за месеците јануари-ноември, според податоците на Државниот завод за статистика, изнесува 61.662 денари.
„МРСНИ“ ФУНКЦИОНЕРСКИ ПЛАТИ
Во текот на 2024 година, пак, за исплата на функционерските плати се пресметуваше износот на просечната бруто-плата од 2023, која изнесувала 54.916 денари.
Платата на премиерот Мицкоски досега изнесуваше 140.450 денари, а, според новите измени, таа би била 146.822 денари. Како се добива оваа плата?
Коефициентот за премиерот ќе биде 3,17 и тој се множи со просечната бруто плата од 61.662 денари. Така, се добива сума од 195.468 денари на која се додаваат и 22 години работен стаж на премиерот, односно за секоја година минат труд платата расте за 0,5 проценти. Тие дополнителни 11 проценти ја покачуваат бруто платата за 21.500 денари.
Основната бруто-плата на Мицкоски би била 216.968 денари. Но, овој износ се намалува за 32,33 проценти, колку што секој вработен издвојува за плаќање на социјални и пензиски придонеси, односно 70.146 денари. По сето ова, нето-платата на премиерот ќе биде 146.822 денари.
Ова е груба пресметка затоа што основицата на бруто-платата е земена според просекот од 11 месеци за 2024 година, а првата изменета плата функционерите ќе ја добијат на почетокот во март, кога во просекот ќе влезе и месец декември 2024 година. Тоа значи дека можно е платите на функционерите да бидат за нијанса повисоки од сегашните пресметки.
Врз основа на тоа, слични примања би имал и претседателот на Собранието, Африм Гаши, односно нето-плата од 150.791 денар поради поголемиот стаж.
И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова има ист коефициент од 3,17. На сумата од 195.468 денари се додаваат и нејзините околу триесетина години стаж или 15 проценти, со што се добива сума од 224.788 денари бруто. Кога од оваа сума ќе се одземат придонесите, се добива нејзината нова нето-плата, која според овие пресметки, би изнесувала околу 152 илјади денари.
Со намалениот коефициент, но со зголемената просечна-плата, владините министри што досега земале основна нето-плата од 115.540 денари, со новата пресметка ќе добиваат 118.000 денари. Исклучок е првиот човек на МВР, Панче Тошковски, чии примања се повисоки за 20 проценти.
„На министерот за внатрешни работи му се утврдува зголемување за 20 отсто на платата утврдена за извршување на функцијата. Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година“, пишува на владината веб-страница.
Сега, платата на Тошковски е 140.405 денари со овие 20 проценти зголемување за извршување на функцијата. За него основица за пресметка е коефициентот 2,85, кој се множи со просечната бруто-плата за јануари-ноември 2024 од 61.662, со што се добива сума од 175.736 денари.
Ако на ова се додадат и 9 проценти минат труд за 18 години работен стаж на министерот (според биографијата на владата, тој работи од 2006 година), кои изнесуваат 15.816 денари, првиот човек на МВР би имал бруто-плата од 191.553 денари.
Ако се одземат придонесите во висина од 32,33 проценти или 61.929 денари, ќе се добие нето-плата од 129.624 денари. Со зголемувањето од 20 проценти за вршење на функцијата прв човек на МВР, Тошковски би имал плата од 155.548 денари.
Воедно, со законските измени се утврди намалување и на платите на градоначалниците, односно се намалија и нивните коефициенти.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска со плата од 2.036 евра или над 125 илјади денари за 2023 година беше трета меѓу градоначалниците во регионот. Тогаш коефициентот беше 3,70.
Со новите измени, основната бруто-плата на Арсовска, без ниту еден друг додаток, би била 174.562,5 денари или околу 118 илјади денари нето.
СЕ ОФАЈДИЈА САМО ФУНКЦИОНЕРИТЕ
Функционерите веќе две години земаат плати повисоки за 78 отсто, што предизвика незадоволство и протести кај разни групи работници и кај пензионерите. Работниците бараа и нивните плати да пораснат за онолку за колку што пораснале функционерските, но тоа не се случи. Единствено што добија вработените во јавниот сектор во 2023 година беше покачување од 10 отсто надвор од законското порамнување на платата секоја година во април, кое оваа влада, но и претходната сакаа да го претстават како успех на власта.
„Тргнувајќи од примерот на уредување на платите на функционерите согласно порастот на просечната бруто-плата, ССМ во 2023 година потпиша Општ колективен договор за јавен сектор согласно кој и платата на вработените треба да се уреди по истиот принцип.
ССМ инсистира на доследно почитување на методологијата за уредување на платите во јавниот сектор согласно порастот на просечната бруто плата, но оваа придобивка за работниците обезбедена со ОКД за јавниот сектор, кој е потпишан од ССМ, се поткопува со спогодбите што ги потпишуваат други синдикати кои не се во составот на ССМ и со кои се предвидени помали покачувања на платите и не се почитува договорената методологија и принципи за уредување на платите утврдена со ОКД за јавен сектор.
ОКД за јавен сектор е во сила и тој треба да се применува, а ССМ како потписник будно ја следи неговата имплементација и соодветно ќе реагира на секое негово непочитување, а со тоа и нарушување на работничките права“, додадоа од ССМ за „Фокус“.
Текстот е објавен на 10 април 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.539.