Зошто се турка ДУП за изградба на „хациенди“ на Водно, и покрај тврдењата за незаконие и опасност од ерозија?!

Најсуштинското прашање, што произлегува и од анкетните листови на жителите со кои располага „Фокус“, е дали реализацијата на овој план ќе претставува законско прекршување поради отстапување од параметрите на ГУП-от, но, пред се, дали тоа ќе предизвика опасност за Скопје и скопјани, од причина што се работи подрачје под влијание на ерозија?

by vlatko 13:55
13:55

Текстот е објавен на 3 септември, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.613.

Со поддршка на речиси сите советници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Општина Центар неодамна го изгласа нацрт деталниот урбанистички план „Барутана“, чија првична верзија предвидува изградба на нови објекти на Водно. Од една страна, општинската власт и администрација, како и планерската куќа што го изработи урбанистичкиот план по нарачка на компанија-сопственик на земјиште во рамки на опфатот, уверуваат дека тој се носи во вообичаена и регуларна постапка, со цел да се испочитува веќе стекнатото право на сопствениците на парцелите со претходниот план укинат од Уставниот суд, со тоа што, истакнуваат тие, се намалува површината за градба од 43.000 на 29.000 квадратни метри. Од друга страна пак, ЗНАМ, Левица, „Шанса за Центар“ и други критичари предупредуваат дека ако ДУП-от биде усвоен во ваква форма, ќе треба да се исече шума од 9.000 квадратни метри за да никнат нови 25 објекти покрај постоечките 15, при што 24 се т.н. хациенди со површина од 700 до 1.000 квадрати, кои, според нив, многу лесно може да станат мини-згради со по 4 станбени единици. Сепак, се чини дека најсуштинското прашање, што произлегува и од анкетните листови на жителите со кои располага „Фокус“, е дали реализацијата на овој план ќе претставува законско прекршување поради отстапување од параметрите на ГУП-от, но, пред се, дали тоа ќе предизвика опасност за Скопје и скопјани, од причина што се работи подрачје под влијание на ерозија?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Голема прашина се крена меѓу жителите на Центар и Скопје, но и во целокупната јавност, поради постапката за носење на Деталниот урбанистички план „Барутана“, кој во својата нацрт-верзија предвидува изградба на десетици нови објекти среде парк-шумата Водно.

Пред околу 2 месеци, мнозинство од 13 членови на Советот на Општина Центар, составено од советници и од власта и од опозицијата, дадоа зелено светло за нацрт-планот „Барутана“ на Водно, што тогаш предизвика и се уште предизвикува многу силни реакции.

Поточно, скоро сите советници на СДСМ (владејачка партија на локално, опозициска на централно ниво) и ВМРО-ДПМНЕ (опозиција на локално, а власт на централно ниво) заеднички го изгласаа нацрт планот, со кој се предвидува изградба на објекти во пределот над полициската станица на Водно, каде всушност почнуваат и планинарските патеки.

За волја на вистината, треба да се напомене дека „против“ беа по еден советник на споменатите СДСМ и ВМРО, потоа советниците на владејачката ЗНАМ и на опозициската Левица, како и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, која можеби најжестоко го критикуваше овој план.

При неговата презентација, од Општина Центар и од планерската куќа „Билд Урбан“ истакнаа дека планот мора да се донесе оти претходниот бил укинат од Уставниот суд, посочувајќи дека со новиот ДУП се намалува површината за градба од 43.000 на 29.000 квадратни метри, додека процентот на зеленило ќе изнесува 40 отсто или двојно повеќе од законскиот минимум.

Инаку, во планската документација за изработка на ДУП-от, изготвен по барање на компанијата „Лутарико“, која, патем речено, поседува земјиште на просторот опфатен со планот, се дозволува изградба на 25 нови објекти покрај постоечките 15, со приземје и 2 ката, односно со изградена површина од 700 до 1.000 квадрати по објект.

Како што истакна раководителката на Секторот за урбанизам во Центар, Танкица Христова-Спасовска, парцелите во рамки на овој урбанистички план се приватни и маркичките биле нацртани уште во 2002 година.

Оттука, според неа, доколку не се изгласал новиот нацрт-ДУП, тогаш ќе се одземело веќе стекнатото право на градба, што, се разбира, наиде на жестоки критики.

ЗА 25 НОВИ ОБЈЕКТИ, СЕЧА НА ШУМА ОД 9.000 КВАДРАТИ

Имено, најостри реакции за планот упатија советниците од Левица, ЗНАМ и „Шанса за Центар“, кои постојано бараа нивните колеги од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат по партиски наредби, туку да постапуваат по свое убедување и да не дозволат „ново уништување на Водно за интерес на неколку моќници“.

Уништуваме шума и зеленило од 9.000 метри квадратни за да гради некој инвеститор. Сега се хациенди со површина за градба од 700 до 1.000 квадрати, па ќе станат згради со по 4 станбени единици. Зарем за неколку моќници ќе го ставиме целиот град во опасност? – праша советничката Билјана Филиповска Тодорчевска од „Шанса за Центар“.

Таа додаде дека за да се стигне до планираните објекти, ќе биде потребно да се пробијат улици, што, според неа, ќе чини многу повеќе од парите што локалната самоуправа ќе ги добие од наплатените комуналии, настрана тоа што се доведуваат во опасност и сите жители на Скопје поради можноста од ерозија на земјиштето.

Планот што сега се предлага и претходните се спротивни на Генералниот урбанистички план, бидејќи ги надминуваат параметрите. Со ГУП-от се предвидува бруто-површина за градба од 6.500 метри квадратни, а на овој дел веќе изграденоста е 16.000 квадрати. Сега со планот се предвидува 29.000 квадрати бруто-површина за градба. Ние со носење план за 155 жители ги доведуваме во опасност сите скопјани – рече Филиповска.

Дали стекнатото право врз основа на веќе укинат план е побитно од заштитата на градот, праша таа, а во слична насока говореше и советничката од ЗНАМ Александра Цветановска.

Конкретно, Цветановска праша дали со новиот план директно се загрозува безбедноста на граѓаните поради можни свлечишта, како и дали се добиени позитивни мислења од надлежните институции?

Ние побаравме мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, но на нашето барање не добивме одговор, па според Законот, ако не се одговори тогаш ние можеме да продолжиме со постапката, односно немаме негативно мислење – одговори Христова, додавајќи дека ако поништат стекнато право тогаш општината ќе биде тужена.

Според градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, пак, советниците сега не носат нов план, туку, како што рече, луѓе што поседуваат имот веќе имаат стекнато право на сопственост со планот донесен во 2002 година.

Тие маркички, категоричен е тој, Општината не може да ги избрише.

– Медиумите цело време пренесуваат дека ќе има 25 нови парцели, а тоа е лага. Истите тие парцели ги има и во претходните ДУП-ови, ние како општина законски не можеме да избришеме која било од тие парцели. Нема нови дополнително нацртани парцели, туку има намален простор за градење – рече Герасимовски.

ОТСТАПУВАЊЕ ОД ГУП-ОТ И ОПАСНОСТ ОД ЕРОЗИЈА

Додека трае јавната анкета, по што треба да се направи конечна верзија во која ќе се вметнат прифатените забелешки пред урбанистичкиот планот повторно да оди на гласање, „Шанса за Центар“ со петиција бара негово повлекување.

Со овој план на подрачје кое е означено дека е под влијание на ерозија се предвидува зголемување на бројот на жители и на станбена површина над параметрите кои ги дозволува ГУП-от на Скопје, што е незаконско! Со овој план се создаваат услови за идна несреќа во вид на лизгање на земјиште, ерозија или поројна поплава“, се наведува во петицијата.

Претходно, од граѓанската иницијатива, застапена и во општинскиот совет, алармираа дека од сите планирани нови градби, тие даваат подршка единствено за онаа предвидена за јавни функции, односно за изградба на дом за возрасни лица.

Арно ама, според нив, останатите објекти се предвидени за приватно домување во куќи, при што, велат тие, во секоја одделно може да има до 4 станбени едници, односно по 4 стана.

„Во Планот за енергија и клима на Општина Центар овој предел веќе е обележан како подрачје загрозено од ерозија со препорака на него да се сади квалитетна шума, а не да се садат станбени објекти. И во самата проектна програма врз основа на која се изработувал ДУП-от пишува дека задолжителна мерка за заштита и спасување која треба да се разработи во планската документација е опасноста од ерозија“, потенцираат од „Шанса за Центар“.

Воедно, од таму тврдат нема никави мерки за заштита од ерозија, ниту заштита од потенцијални шумски пожари и поројни поплави.

И тоа не е се. Планот е приватна иницијатива од приватна фирма која има имот во рамки на ДУП и на чие земјиште претходно биле планирани градби за државни институции кои сега, „сосема случајно“, се менуваат во приватно домување“, велат од Иницијативата, додавајќи дека овој план за речиси 6 пати ги надминува параметрите за просечен процент на изграденост за домување и за 4,5 пати ги надминува параметрите за бруто-изградена развиена површина за домување од ГУП-от.

ДАЛИ ПЛАНОТ Е ВО ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ ВОДНО?

Поточно, нацрт-планот „Барутана“ е на јавна анкета која трае до средината на месецов, до кога впрочем жителите од опфатот и од соседните подрачја можат да поднесат анкетни листови и да ги дадат своите забелешки, предлози и мислења.

„Фокус“ имаше увид во дел од анкетните листови пополнети од жители на Водно, кои содржат битни забелешки и барања за разни аспекти и сегменти.

Па така, во еден од нив се бара образложение за позицијата во однос на заштитеното подрачје на Водно.

Односно, подносителот бара јасно соопштување дали планскиот опфат на ДУП Барутана (Ј05) во која било точка се преклопува со или се наоѓа во границите на заштитеното подрачје Водно, прогласено со одлука на Владата од 17.08.2021 година (категорија V – заштитен предел)?

„Доколку овој опфат е целосно или делумно исклучен од заштитеното подрачје, барам детално да се образложи по која постапка, со кој правен акт и врз основа на кои стручни критериуми е извршено тоа исклучување“, прашува подносителот.

Понатаму, тој бара да се објави и комплетната геотехничка студија и елаборатот за стабилност на теренот, како и проценката за ризик од ерозија и свлечишта за овој конкретен појас.

„Овој терен е со голем наклон и со докажана еколошка ранливост“, стои во анкетниот лист.

Дополнително, подносителот става акцент и на законската постапка за проширување на опфатот над рамките на ГУП-от, па во таа смисла бара образложение зошто предложениот плански опфат во нацрт-ДУП-от изнесува 6,89 хектари, што е за 0,49 хектари повеќе од пропишаната површина за Градската четврт Ј05 во важечкиот ГУП на Скопје 2012–2022, каде таа изнесува 6,40 хектари?

„Барам општината да наведе по која точно законска постапка и со кој член од Законот за урбанистичко планирање е извршено ова проширување/„ажурирање“ на опфатот, со оглед на уставното начело за хиерархиска усогласеност на плановите“, посочува подносителот.

Освен стручното образложение за отстапување од ГУП и известување до надлежните институции, тој бара и јавно да се објави или образложи Стратешката еколошка оцена за овој ДУП.

„Доколку Општина Центар или Министерството за животна средина донеле одлука за ослободување од обврската за спроведување на стратешка оцена, барам детално образложение за таквата одлука“, стои во анкетниот лист.

Воедно, подносителот бара изработка и јавно презентирање на прецизна финансиска рамка за сите инфраструктурни трошоци поврзани со реализацијата на овој план.

„Тоа вклучува преместување, дислокација или засилување на водоводната и канализациската мрежа, изведба на нови енергетски приклучоци и пробивање на нови пристапни патишта. Јасно да се наведе дали овие трошоци ќе паднат на товар исклучиво на приватните сопственици/инвеститори на парцелите или пак ќе се сервисираат од буџетот на Општина Центар“, стои во анкетниот лист.

Во делот на сечата на шума и мерки за компензација, подносителот бара општината јавно да ја соопшти точната количина на шума и вкупната површина на шумски фонд која ќе биде неповратно исечена за потребите на пробивање на пристапните патишта и рамнење на градежните парцели.

Потоа, подносителот се интересира и за правниот статус на државното земјиште заведено како шума, така што бара јавно објавување на податоците за тековниот правен статус во Катастарот на недвижности на сите парцели кои во моментов се заведени како шума или се во (со)сопственост на државата во рамките на овој опфат.

„Барам да се образложи правната основа врз која овие државни парцели и заштитни појаси се трансформираат и се предвидуваат за приватна станбена градба“, се наведува во анкетниот лист.

СТОПИРАЊЕ НА ДУП-ОТ ИЛИ ИНИЦИЈАТИВА ПРЕД УСТАВЕН

На крајот, подносителот бара и јавен увид и презентација на сообраќајната студија/анализа за капацитетот и пропусноста на пристапните патишта кои водат кон Барутана и Водно, со оглед на, како што вели, евидентните постојни проблеми со сообраќајната пристапност, тесните грла и лошото зимско и редовно одржување на патната инфраструктура.

Давањето на позитивно мислење од страна на Град Скопје за усогласеност со ГУП, како и давањето согласност од Министерството за транспорт на вака проширен опфат (6,89 наместо законитите 6,40 хектари), ќе се смета за свесно замижување пред хиерархискиот конфликт на плановите и повреда на Член 51 од Уставот и Законот за урбанистичко планирање, што по автоматизам ќе биде основа за покренување иницијатива пред Уставниот суд и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Имајќи ги предвид сериозните сомнежи за неусогласеност со ГУП (проширување за 0,49 ха) и потенцијалното нарушување на заштитеното подрачје Водно, бараме Општина Центар, согласно Член 23 од Законот за урбанистичко планирање, веднаш да донесе Одлука за суспензија на спроведувањето и донесувањето на овој ДУП“, резимира подносителот.

Каков ќе биде конечниот епилог од постапката за носење на овој план, т.е. дали тој ќе биде усвоен и во каква форма – во првично предложената или во изменета со интегрирани забелешки, ќе биде наскоро познато.

Но, сепак, ако се суди според веќе изразената определба на мнозинство општински советници за носење на овој ДУП, како според досега презентираната позиција на градоначалничкот Герасимовски дека овој план не само што е во рамките на ГУП-от, туку и дека со него се намалува вкупно изградената површина за 33 отсто, тогаш речиси сигурно е дека тој ќе го види светлото на денот, освен ако не стигне блокада од страна на Владата, односно од Министерството за транспорт.

Нацрт-ДУП-от е изработен согласно ГУП-от и врз основа на стручни анализи, физибилити студии и теренски испитувања, во кои е земена предвид и ерозивноста на теренот, рече Герасимовски во едно ТВ-интервју, додавајќи дека најголем ризик за појава на ерозија е непланското и дивото градење.

Имајќи во предвид дека критичарите на овој план, покрај останатото, посочуваат интересен момент дека нарачател е компанија што поседува земјиште во опфатениот предел, во следниот период ќе извршиме проверки кои лица и/или субјекти го поседуваат земјиштето, каде, доколку планот биде усвоен, ќе може да градат објекти со површина до 1.000 квадрати, што, според опозицијата и граѓанските иницијативи, може да прераснат во станбен блок.

Ако помине ДУП-от „Барутана“, ќе се сечат 9.000 квадрати шума за над 20 „хациенди“ на ерозивно подрачје на Водно?!

 

Слични вести