Македонско-бугарски односи: Скопје и Софија „под радарот“ водат конструктивни преговори или специјална војна?

Дали дискретно се водат конструктивни разговори или можеби на дело се спроведува специјална војна, во чии рамки, меѓу другото, се користи и пропагандата за ослабнување на противникот?

by vlatko 16:13
16:13

Текстот е објавен на 13 август, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.610.

Додека односите меѓу Македонија и Бугарија, па може да се каже и меѓу Мицкоски и Радев, се карактеризираат со тензии, провокации и антагонизам, во јавноста се откри дека зад завесата, сепак, се водат одредени разговори за надминување на отворените прашања и разлики, со цел да се деблокира европскиот пат на земјава. Прво, Муцунски рече дека се водат разговори, чија содржина не може да ја открие за да не му наштети на процесот, а подоцна слична изјава даде и Сиљановска, која патем истакна дека постојат низа модалитети кои би овозможиле предвидливост на интеграцијата на земјава, наведувајќи дека ЕУ располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања. Притоа, таа изрази скептицизам кон предлогот на дел од експетрите за т.н. внатрешни гаранции и своевидна законска заштита на македонскиот идентитет, велејќи дека досегашното искуство покажало оти не го почитуваме Уставот, а камоли закон. Во меѓувреме, опозицијата тврди дека власта веќе го прифатила „францускиот предлог“ и прави терен таквата одлука да ја „продаде“ во јавноста. Дали дискретно се водат конструктивни разговори или можеби на дело се спроведува специјална војна, во чии рамки, меѓу другото, се користи и пропагандата за ослабнување на противникот?

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

По политичките промени во земјава, во 2024 година, дојде до очигледно заладување и затегнување на односите меѓу Македонија и Бугарија, што впрочем беше очекуван развој на настаните ако се земе во обѕир фактот дека ВМРО-ДПМНЕ уште како опозициска партија беше против т.н. француски предлог и практично оневозможи двотретинско мнозинство за уставните измени со цел внесување на Бугарите во Преамбулата, а токму тоа беше услов за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ.

Во овие изминати повеќе од 2 години, во Бугарија продолжи политичката нестабилност поради честите вонредни парламентарни избори и неможноста да се формира одржлива влада. Меѓутоа, таквата состојба траеше сè до пред неколку месеци, кога на изборите убедливо победи политичката структура на дотогашниот бугарски претседател и актуелен премиер Румен Радев, чија влада може да се пофали со силна поддршка во бугарскиот парламентот, што не беше случај со неговите претходници, пред сè со Бојко Борисов.

Па, ако се сметаше дека влади предводени од умерени и либерални политичари, како Димитар Ковачевски и Кирил Петков, се добитна комбинација за надминување на предизвиците меѓу Скопје и Софија, што впрочем се потврди и во пракса, имајќи предвид дека во нивно време „помина“ преговарачката рамка базирана на „францускиот предлог“, тогаш дефинитивно се смета дека Радев и Христијан Мицкоски се нешто сосема спротивно, од причина што нивните тврди позиции не навестуваат можност за каков било компромис и договор.

Инаку, за да се надмине чувствителен билатерален спор, равенката за решение мора да се состои од политичари, кои, наместо да јаваат на бранот на популизмот, ќе демонстрираат храброст за да решат сложен спор, што можеби првично ќе им се одрази негативно на партиските рејтинзи, но долгорочно ќе овозможи стратешки придобивки за двете страни. Во поткрепа на тоа, можеби добар пример е Преспанскиот договор што го постигнаа Зоран Заев и Алексис Ципрас, кој го напаѓаше десницата и во двете земји, меѓутоа тој нам ни овозможи членство во НАТО, а Грција доби партнер на северната граница во време на геополитички тензии.

Арно ама, сегашната атмосфера меѓу Скопје и Софија е далеку од онаа меѓу Скопје и Атина во време на Заев и Ципрас, туку повеќе може да се спореди со амбиентот меѓу Македонија и Грција, кога на чело на двете држави беа Никола Груевски, од една страна, и Костас Караманлис и подоцна Андонис Самарас, од друга страна. За потсетување, тогаш владееше голема хистерија меѓу двете земји и беше невозможно да се разговара за надминување на спорот за името, а камоли да се постигне договор. Всушност, вакви разговори почнаа по доаѓањето на Јоргос Папандреу во Грција, а цел процес го запечати двоецот Заев-Ципрас.

Оттука, дали односите меѓу Македонија и Бугарија ќе бидат на исклучително ниско ниво сè додека Мицкоски и Радев се на чело на двете земји, исто како што беа меѓу Македонија и Грција во време на Груевски и Караманлис/Самарас? Притоа, ова прашање не произлегува само од ваквата компарација, туку и од досегашниот, условно кажано, минат труд на македонскиот и бугарскиот премиер – првиот долго време е против „францускиот предлог“ и условот за уставни измени без гаранции, додека вториот се смета за еден од архитектите на бугарската позиција за блокада на Македонија без отстапки од национална, па и идентитетска природа, што подоцна беше преформулирано во барање за малцински права.

ПРЕПУКУВАЊА И ПРОВОКАЦИИ НАМЕСТО СРЕДБА

Со оглед на тоа, делува дека нема реални изгледи за било каков напредок во насока на адресирање на „грижите“ меѓу Македонија и Бугарија, дотолку повеќе кога ќе има на ум и ставот на Мицкоски дека е подготвен да чека со години ако е потребно, но нема да прифати уставни измени под овие услови. Дека има „лоша крв“ меѓу двете страни, потврдуваат честите саркастични изјави на Мицкоски дека бројот на Бугари во земјава, но и во Албанија е минорен кога ќе се види гласањето на избори, но и мора да се спомене и неодамнешната изјава на Радев, кој рече дека нема зошто да се сретнува со македонскиот премиер, бидејќи тој требало да им објасни на европските лидери како ќе ги исполни критериумите за членство.

– Властите во Скопје всадуваат говор на омраза, покажуваат нетолеранција и ја користат историјата како алатка во меѓународните односи. Инсистиравме на вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија токму заради заштита на нивните права и успеавме да ги убедиме сите европски лидери да го сфатат проблемот со почитувањето на човековите права, по што го поставивме најферското нешто во преговарачката рамка – вклучување на Бугарите во Уставот и спроведување на договорите, особено според Вториот протокол – рече Радев, додавајќи дека Македонија мора да ја убеди ЕУ ги почитува човековите права.

Патем, тој додаде дека „не може да има напредок“ за Македонија се додека, како што рече, нема јасно утврдени принципи на владеење на правото, односно додека нема последици за сторителите на „недостојни дела“. Тој алудираше на настан што се случи во јуни годинава, кога беа запалени 2 возила во сопственост на бугарската амбасада во Скопје, по што македонското Министерство за внатрешни работи соопшти е расчистен случајот, а сторителот бил откриен и фатен. Бездруго, пораката на Радев дека додека се случуваат вакви дела и нема одговорност земјава не може да напредува во ЕУ, наметнува низа дилеми околу мотивите на лицето што го стори овој чин, како и за крајната позадина и цел на случајот.

Токму затоа, во врска со овој настан упативме прашање до МВР за какво дело е поднесена кривична пријава против конкретното лице и дали е расчистено кои биле неговите мотиви да го стори ваквиот чин? Од таму го добивме следниов одговор: „Во врска со двете опожарени дипломатски возила, настанот од 15.06.2026 е расчистен и против сторителот е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 1 од КЗ. Во однос на мотивот, сторителот го признал извршувањето на кривичното дело и изјавил дека причината била од лична природа“.

Освен тоа, периодов големо внимание предизвика и протекувањето на документ дека дел од семејството на Мицкоски престојувало во бугарскиот ски-центар Пампорово. Поради тоа, македонското Министерство за надворешни работи на чело со Тимчо Муцунски го повика бугарскиот амбасадор Жељаско Радуков, од кого било побарано објаснување и темелна истрага за случајот. Како што е познато, МНР го повика Радуков и откако немаше македонско знаме за време на посетата на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на Софија, но амбасадорот тогаш одбил да ја прими протестната нота.

– Сигналите кои доаѓаат оттаму (Бугарија), не ме прават оптимист. Напротив, сметам дека состојбата се радикализира. Еве, видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете, сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста – изјави тогаш Мицкоски.

СЕ ПРАВИ ЛИ ТЕРЕН ЗА „ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ“?

Но, во вака напнатата атмосфера меѓу Македонија и Бугарија, како резултат на антагонистички наративи на највисоки претставници на двете држави, периодов не само што пристигнуваат одредени сигнали дека зад сцената се водат разговори, туку јавно беа дадени изјави дека зад завесата се водат преговори за надминување на спорот и деблокада на интеграцискиот процес кон ЕУ. Еден од тие што изнесе ваква порака е министерот за надворешни работи Муцунски, кој, одговарајќи на новинарско прашање дали се водат разговори „под радарот“, порача дека се водат разговори за деблокирање на европскиот пат на Македонија. Но, тој рече дека не смее да ја открие нивната содржина, зашто така ќе бидат осудени на неуспех.

– Граѓаните треба да бидат спокојни дека нашата Влада јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно нацртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара. Така што работиме на решение, но не решение по секоја цена и не решение кое само по себе нема да биде одржливо и кое ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега – рече тој, порачувајќи дека ќе нема попуштање за прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура.

Додека вели дека е потребен политички консензус за ова прашање, тој истовремено ја критикуваше опозицијата за, како што рече, грешките во минатото и „немањето капацитет да ги согледаат последиците од одлуките во 2021 и 2022 година“. Во тој поглед, потсети дека пред скоро точно 5 во Собранието постигнале политички консензус со резолуција за државните позиции поврзани со националниот интерес, но, според него, тогашната влада на ДУИ и на СДСМ во рок од неколку месеци го погазил тој консензус.

–Ни останува предизвикот со Бугарија. Вештачки создаден предизвик, меѓу другото, создаден поради тоа што две политички партии, да се одржат на власт, попуштија сè што се бараше од нив и тоа работиме да го решиме. Во меѓувреме, дури и да се реши ова прашање, ќе бидеме најдобриот возможен кандидат и сме на вистинскиот пат во таа смисла – рече шефот на македонската дипломатија, истакнувајќи дека државата напредува во делот на реформите и тоа го потврдила ЕУ.

Кога станува збор за опозицијата, членот на раководството на СДСМ, Андреј Жерновски, деновиве истакна дека актуелната влада, не само што води преговори, туку веќе го прифатила „францускиот предлог“. Според Жерновски, власта подготвува терен во јавноста за такво сценарио, а за тоа, како што рече, постојат јасни сигнали од Брисел, Берлин и Париз. На прес-конференција пред владината зграда, тој тврдеше дека не се потпираат само на сигнали, туку дека располагаат и со информации од Брисел за ваквиот план на власта.

–Се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали. Исцрпени се буквално сите обиди и лаги што претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Се сеќавате, сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори итн. Најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во ЕУ, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода – изјави тој.

ШТО ЗНАЧАТ УСТАВНИ ИЗМЕНИ НА „НАШ НАЧИН“?

На тој начин, според Жерновски, Мицкоски се обидува да го прикаже како победа тоа што за нив до вчера било лага и велепредавство и како такво им го продале на гласачите за да дојдат на власт. Кон тоа се надоврза и партискиот лидер Венко Филипче, кој дури и најавениот одмор или екскурзија на Мицкоски во Белгија го поврза со одредени тајни преговори со Брисел во врска со евроинтеграциите, за што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ долги години го напаѓал СДСМ.

–Политиките на власта во однос на евроинтеграциите целосно се разобличени и дека едно по едно паѓаат сите ветувања што ги даваа пред граѓаните. Најавената таканаречена екскурзија на премиерот во Брисел е само уште една потврда за тоа. Кој сред лето оди на екскурзија во Брисел? Во Брисел кој што е административниот центар на Европа единствено нешто што може да се прави е, како што најави министерот за надворешни работи, да се преговара под радарот, за што? За прифаќање на францускиот предлог, за тоа за што не обвинуваа дека сме имале предавнички политики – рече Филипче.

Во однос на тоа, експресно пристигна реакција од МНР, од каде ваквите настапи ги оценија како обид за ширење на хистерија и дезинформирање на јавноста. Како и да е, оваа тема остана жива во јавноста благодарение на произнесување и на други највисоки државни функционери, вклучително и претседателката Сиљановска-Давкова, која, во едно ТВ-интервју, исто така потврди дека се водат разговори „под радарот“. Надоврзувајќи се на констатацијата на евроамабсадорот Михалис Рокас дека се прават многу работи зад радарот на јавноста за да се најде решение што ќе го отвори европскиот пат на Македонија, таа рече:

„Точно е, така е, кажувам дека под радар да, да. Некогаш не се кажуваат работите. Јас кога не би била оптимист не би била претседателка. Оптимист сум, верувам во добра волја. Клучниот момент е 30 септември. На 30 септември ЕК за првпат ќе излезе со извештај што како се замислуваат чекорите во проширувањето и всушност тоа ќе биде она што Црна Гора ќе помине, моделот ќе се гради. Потоа, следниот месец во октомври ќе заседава Европскиот совет за истите прашања, значи тоа се моментите што нам ни се важни…“

Говорејќи за гаранциите што ги бара владата, пак, таа посочи дека ЕУ располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања, што би ја спречиле билатерализацијата на евроинтегративниот процес, додека напредокот би се вреднувал според критериумите за оценување, што е став изгласан и од Европскиот парламент. Во тој контекст, таа вели дека ако не може никој да става вето за прашања од идентитетска природа, зашто Европа го признава културниот и националниот идентитет, тогаш, според неа, и Бугарија нема да ужива привилегиран статус.

–Има различни начини, може да е интерпретација, може да е мислење, точно од правната служба. Она што го бараше Вајц (дали протоколот 2 е обврзувачка компонента од преговарачката рамка), може да го побара самиот Европски совет. Има многу механизми, само ако има добра волја. Ни нови заклучоци на Советот не е невозможно… Може да ги направиме уставните измени на наш начин, никаде не пишува дека тие веднаш мора да стапат на сила. Ние бевме хиперактивни, веднаш предложивме конструктивно и вин-вин решение – рече преседателката.

„ВНАТРЕШНИ ГАРАНЦИИ“ И ЗАКОН ЗА ИДЕНТИТЕТОТ

Дополнително, таа посочи дека едната варијанта на заштита или гаранции е самите органи на ЕУ да преземат нешто, но прокоментира и поинаква варијанта, што во јавноста веќе ја изнесе експертот за ЕУ Драган Тилев, кој Сиљановска го нарече и нејзин советник. Имено, тој правно аргументираше идеја и концепт за т.н. внатрешни гаранции и законска заштита на идентитетот преку 6 точки, втемелени на европските вредности од Договорот за ЕУ. Конкретно, тој предлага „обезбедување на политичка подлога во ЕУ за усвојување на хоризонтални Интерпретативни заклучоци од страна на Европскиот совет“.

Понатаму, неговиот предлог се состои од: оспорување на деловите од Протоколот 2 од страна на Уставниот суд кои се спротивни на нашиот Устав и неговите одредби во идентитетскиот дел; дефинирање и усвојување на Закон за заштита на идентитетот; инсистирање за имплементација од страна на Бугарија на одлуките на Судот за човекови права и регистрација на Македонските здруженија; компромис кој треба да резултира со прифаќање на македонскиот јазик без никакви додавки како еден од официјалните јазици на ЕУ; уставни измени под услов на претходните точки во периодот од почетокот на постапката за уставни измени, до нивното влегување во сила, вклучително и Законот за имплементација на измените на Уставот.

Сепак, Сиљановска изрази скептицизам кон т.н. законска заштита на идентитетот, бидејќи, како што рече, ние „немаме смисла за почитување на црвени линии“, односно лесно црвеното станувало бело. Воедно, посочи дека и ние имаме црвени линии од 2021, кога Собранието изгласа резолуција за утврдување на македонски државни позици во контекст на црвените линии, каде има член кој вели дека ќе се применуваат позитивните и меѓународните конвенции и декларации за правото на самоупределување и човекови права и слободи.

–И што, ова се применуваше кај нас? Но, во протоколот некој презел промена на Устав. Во чие име? Ние Уставот не ги го почитуваме, не па закон. Идејата на Тилев е клучните елементи на идентитетот законски да се заштитат, но која е санкцијата… Има модалитети, го има и ова, но имаме ние такви документи, а овој документ некој го заборавил. Затоа имаме другите механизми, и самите внатре во ЕУ, Европскиот совет, преку прво бона фиде постапување, второ дека нема да се попречуваат таму каде тоа не е врзано за копенхагешките критеируми… – рече таа.

Врз основа на тоа, јасно произлегува дека власта нема да се задоволи само со т.н. внатрешни гаранции, како што предлага дел од експертската јавност, туку ќе бара и одредена одлука од ЕУ и Европскиот совет како екстра-гаранции за предвидливост на интеграцискиот процес. Дали може да ја добиеме, од кој орган и во каква форма ќе биде таа, како и какви последици и обврски потенцијално би произведувала, останува да видиме во следниот период. До затворањето на весникот, и од МНР и од Кабинетот на претседателката не одговорија на нашите правања на оваа тема.

Во пресрет на новиот документ на Европската комисија со насоки за земјите кандидатки за членство, пак, „Политико“ обајви дека Брисел е отворен за идејата Црна Гора и Исланд да влезат во ЕУ во пакет. Истовремено, „Фајненшл Тајмс“ прашува дали ЕУ е сериозна со намерата за проширување, наведувајќи: „Во шесте земји од регионот, хрониката на проширувањето на ЕУ претставува густ национален коктел од разочарувања, огорченост и неисполнети надежи, со силен вкус на ривалство“. Дел од домашните медиуми, пак, објавија дека се подготвува и нов нон-пејпер за иднината на проширувањето, кој, за разлика од германско-францускиот за постепена интеграција, се залага против воведување нови пречки за земјите-кандидати.

 

Амбасадорот бил зад воланот?
ДВЕ ВОЗИЛА НА БУГАРСКАТА АМБАСАДА БИЛЕ ОШТЕТЕНИ ВО СООБРАЌАЈКИ!

На крајот на минатата и почетокот на оваа година, 2 возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија, марка BMW 5, биле оштетени, поради што била пријавена штета во осигурителна компанија, која направила пресметка и изршила исплата, која за вториот случај изнесувала 15 илјади евра, од причина што била потребна замена или поправка на дури 41 дел од автомобилот со дипломатски таблички.

Според нашите информации, таквиот епилог бил резултат на сообраќајна незгода во центарот во Скопје, која не била пријавена во МВР веројатно бидејќи не станува судар меѓу возила, туку за удар во статичен објект.

Се обративме до Амбасадата, но веќе 2 недели не добиваме одговори, односно ниту потврда ниту демант дека Жељаско Радуков ги управувал возилата.

 

Специјална војна преку пропаганда
ЧЕТИРИЕСЕТ ПРОБУГАРСКИ ПРОФИЛИ ПЛАСИРААТ АНТИМАКЕДОНСКИ СОДРЖИНИ ВО ЗЕМЈАВА!

Македонските власти, како што дознава „Фокус“ детектирале вкупно 40 профили кои интензивно шират антимакедонска содржина, со што ги ескалираат односите меѓу Бугарија и Македонија, но и меѓу граѓаните меѓу двете држави, што предизвика и одредени контрареакции што подоцна се користат како политички аргументи против другата страна, пред се во Брисел.

Поточно, станува збор за 4 јутјуб-канали, 9 веб-страници, 17 фејсбук-страници, 3 фејсбук-профили на лица, 3 фејсбук-групи и 4 инстаграм-профили. Од сите нив, еден фејсбук-канал и една фејсбук-страница се издвојуваа според гледаноста, односно бројот на претплатници.

Без друго, тоа укажува дека додека се водат одредени преговори меѓу Скопје и Софија „под радарот“ за надминување на проблемите, истовремено се води и специјална војна, која, покрај другото, користи и пропаганда како метод за да го ослабне противникот.

Слични вести