Одлуката на САД, која според македонските и американските експерти е базирана на погрешна методологија, ќе има повеќе индиректно, отколку директно влијание врз целокупната македонска економија затоа што македонскиот извоз на американскиот пазар е мал. Речиси 90 отсто од извозот на Македонија оди во Европската Унија, а таа е погодена со високи царини од 20 отсто за сите земји-членки.
Пишува: Орце КОСТОВ
Ниту честите патувања во Вашингтон на владини делегации предводени од премиерот Христијан Мицкоски не ја спасија Македонија од американските царински давачки.
За разлика од десетте проценти царина за Албанија и Косово, администрацијата на Доналд Трамп одлучи за Македонија да има царини од 33 отсто за извоз на производи во САД.
Со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините на 33 отсто за увоз на македонски производи во САД, и македонските производи на американскиот пазар ќе поскапат и може да станат неконкурентни.
Најпогодени од царините од 33 отсто за извозот во САД ќе бидат услугите кон американските компании и оние фирми што се дел автомобилската индустрија.
На почетокот на годинава, Македонија бележи позитивен трговски биланс со САД, односно бележи суфицит во трговската размена – поголем извоз на македонски производи во САД отколку увоз на американски производи во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика.
Според статистичките податоци, вкупната вредност на македонски производи што се нашле на американскиот пазари изнесува 22 милиони долари. Сега со царинската стапка од 33 отсто, цената на тие производи ќе биде за третина поскапа.
Од земјите од Западен Балкан, највисока царинска стапка ќе плаќа Србија од 37 отсто, додека со најниска од 10 проценти ќе бидат царинети Црна Гора, Албанија и Косово.
Огромните царини ќе покренат нови бариери во најголемата светска економија, поништувајќи ја децениската либерализација на трговијата што го обликуваше глобалниот поредок. Од другите земји се очекува да одговорат со контрамерки кои би можеле да доведат до драматично повисоки цени.
„Тоа е наша декларација за независност“, рече Трамп на настан во дворот на Белата куќа со порака: „Конечно ја ставаме Америка на прво место“.
Трамп воведува царини од 20 отсто за Европската Унија, додека за Велика Британија одреди 10 отсто и за Швајцарија 31 отсто.
Тој предвиде царини од 34 отсто за Кина, 32 отсто за Тајван, 25 отсто за Јужна Кореја и 24 отсто за Јапонија. Тој воведе највисоки царини за Камбоџа – 49 отсто, додека за Виетнам предвиде 46 отсто.
Економистите предупредуваат дека царините може да ја забават глобалната економија, да го зголемат ризикот од рецесија и да ги зголемат трошоците за живот на просечното американско семејство за илјадници долари.
Загриженоста за царините веќе ја забави производствената активност ширум светот, истовремено зголемувајќи ја продажбата на автомобили и други увезени стоки, бидејќи потрошувачите брзаат да ги купат пред да се зголемат цените.
Во исто време, на финансиските пазари владееше нестабилност додека инвеститорите ја чекаа објавата на Трамп. Американските акции изгубија речиси пет трилиони долари во вредност од февруари.
ПРОБЛЕМ Е ИЗВОЗОТ ВО ЕУ, А НЕ ИЗВОЗОТ ВО САД
Одлуката на САД ќе има повеќе индиректно, отколку директно влијание врз целокупната македонска економија затоа што македонскиот извоз на американскиот пазар е мал, додека кон европскиот, каде што земјава извезува многу поголемо количество производи, ќе биде сериозно погоден.
Речиси 90 отсто од извозот на Македонија оди во Европската Унија, а таа е погодена со високи царини од 20 отсто за сите земји-членки.
– Очекувана е оваа одлука од САД, но е базирана на погрешна методологија, која ништо не значи и буквално целата работа е како мали деца да си играат играчки и си воведуваат царини.
Не ја зеле ефективната царинска стапка, туку номиналната царинска стапка. На пример: Македонија има стапка од 65 отсто на увоз на некој производ од САД во вкупна вредност од 100.000 долари за една година. Има 0 отсто на некои производи што се увезуваат од САД во висина од 100 милиони долари. Распонот на стапките не е од 2 до 65 отсто, ефективната, пак, ќе излезе дека е само 2 отсто. Треба да го ставиш како пондер колкав увоз по највисока стапка има Македонија.
Прво голема глупост е што не сме го исчистиле царинскиот систем од такви непотребни царини. Зошто имате толкава царина кон САД или било кој друг, не разбирам.
Но, не може САД да го злоупотребува тоа да ни воведе царини затоа што ние не сме го прочистиле списокот. Треба да рече дај тргнете ги овие царини и тераме понатаму. Но, тоа не му одговара на Трамп, вели професорот по економски науки, Ванчо Узунов.
Според него, директните ефекти ќе бидат многу мали и не треба да спомнуваат, но индиректните ќе бидат голем проблем за македонската економија.
– За ЕУ има царини од 20 отсто, а ЕУ ќе воведе контрамерки. Барем еден период сите ќе настрадаат и ние ќе настрадаме.
На Трамп му текна како на дете што си игра, да крши, да мава и да мисли дека нема последици. Светот е во хаос, берзите паѓаат, бизнисмените се лути, а тој вели не знам сега што да правам.
Ова што го спомнува владата дека во директни преговори ќе потпишат договор за слободна трговија не значи ништо. Но, дури и да го потпише, не е проблемот директната царина на Македонија, туку индиректната, треба Европската унија да биде ослободена од царини, не ние.
Џабе е, може да потпишеме дека на САД дополнително ќе ѝ плаќаме давачки, но тие нема да извезуваат повеќе овде. Проблемот е меѓу САД и ЕУ, а кога ќе се реши, автоматски ќе добиеме олеснување, вели Узунов.
Тој додава дека најдобро за владата е да престане да мисли дека ќе издејствува нешто, туку да види како да го олесни товарот на оние што ќе бидат најпогодени.
– Со ЕУ имаме 90 отсто извоз и на толкав извоз ние имаме 20 отсто царини, така ќе му дојде. Јас денес би предложил, САД да ги качи царините за 10 пати и да бидат 330 отсто, но да ни ги тргне тие 20 отсто кон ЕУ , појаснува Узунов.
КОИ ИНДУСТРИИ ЌЕ БИДАТ НАЈПОГОДЕНИ?
„Златното правило за златната ера – пристапот до американскиот пазар е привилегија, а не право“, се вели во одлуката на Доналд Трамп.
Од ова ново правило, на директен начин влијание ќе почувствуваат неколку компании што нудат таканаречени „аутсорсинг“ услуги на американскиот пазар, додека на индиректен начин ќе бидат засегнати компаниите што се занимаваат со производи за автомобилската и петрохемиската индустрија.
Во изминатиот период, дел од фабриките од автомобилската индустрија, во македонските индустриски зони најавија намалување на бројот на вработени поради намалена потрошувачка, како што е „Џонсон Мети“, која спаѓа во групата на најголеми извозници, а една фабрика целосно ќе се затвори и ќе се пресели на друга локација. Станува збор за фабриката „Адитив“, која го снабдува со делови германскиот автомобилски гигант „Фолксваген “.
Според одлуката на Трамп, дел од производите од челик и алуминиум како и делови за автомобили нема да подлежат на новите тарифи, што значи дека македонската челична индустрија во ова ситуација ќе се спаси за влакно.
Во новите царински тарифи, како исклучоци се наведени фармацевтските производи, бакарните и полупроводниците, производите од дрво и минерали што не се достапни во САД, се вели во одлуката.
Одлуката САД да ѝ воведе висока царина од 33 отсто е неочекувана за бизнисот во Македонија и индиректно ќе влијае врз одредени компании, чии производи се извезуваат во САД преку ЕУ, смета професорката Никица Мојсовска-Блажевски.
– Одлуката е неочекувана. Она што го дознаваме е дека пресметката е базирана на дефицитот на САД во надворешно-трговската размена со една земја. Според нашите податоци, Македонија има дефицит во размената на САД, извозот е околу 110 милион евра, увозот е околу 180 милиони евра и поради тоа не се очекуваше ваква одлука, вели професорката Мојсовска-Блажевска.
Според неа, ова секако ќе влијае врз одредени компании, но во моментов тоа не би го намалило доаѓањето на странски компании кај нас.
– Би рекла дека многу поголем ќе биде индиректниот ефект, односно ефектот што нашите компании го имаат преку одредени производи во ЕУ, потоа кон САД. Исто така, мислам дека ќе доведе до намалување на идни можни инвестиции од САД, пред сѐ, на дијаспората, која отвораше сѐ повеќе компании во Македонија, кои примарно извезуваат во САД.
Индиректниот ефект е кај автомобилската индустрија, петрохемиската индустрија, сметам дека и услугите ќе бидат засегнати, посебно кај компаниите што ги отвора нашата дијаспора, истакна извршната директорка на „Македонија 2025“.
Таа смета дека на краток рок не може да се очекува ефект да заминат компаниите во Косово или Албанија за да добијат пониски царински стапки од 10 отсто колку што САД ги оцарини овие две соседни земји.
ШТО ИЗВЕЗУВАМЕ ВО САД?
Во 2024 година сме имале извоз кон САД вреден 118,2 милиони американски долари, додека увозот изнесувал речиси 196 милиони долари. Во споредба со 2023 година, извозот е зголемен, а увозот е намален. Во 2023 година, извозот на земјава кон САД бил 95,3 милиони долари, а увозот 267 милиони долари.
Повеќе од половина од извозот за американски пазар лани им припаѓал на групата производи „машини и транспортни уреди“, околу 67,5 милиони долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Податоците покажуваат дека во вредност од 16,2 милиони долари земјава лани извезла „разни готови производи“, додека извозот на храна и живи животни бил 13,5 милиони долари. Меѓу поголемите ставки се и пијалаците и тутунот во вредност од 11,6 милиони долари.
Слично како и во извозот, ако се погледне увозот на американски производи на македонски пазар, може да се заклучи дека „машините и транспортните уреди“ имаат најголема вредност. Од вкупниот увоз што Македонија во 2024 го направила од САД во вредност од 196 милиони лани, на оваа група припаѓаат речиси 57 милиони долари.
„Македонија учествува со многу мал процент во увозот во САД и тој е незначителен, а како трговски партнер, САД се дури на 24-то место на листата на наши трговски партнери и оттука станува збор за многу мал ефект“, изјави професорот и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, за воведените царини на САД за увозот од Македонија.
Според Славески, има разлика во податоците: САД во табелата имаат наведено дека со нас имаат дефицит од 112 милиони долари, а ние кажуваме дека немаме дефицит и сега малку, како што вели, тоа е чудно.
– Англичаните од „Фајненшл тајм“ забележале една формула како е дојдено до овие цифри. Имено, тие дефицитот што го прикажуваат, го делат со вкупниот увоз што го имаат од некоја земја. Така добиле 66 или 67 отсто кај нас и тоа го делат.
Тука во Македонија може да зборуваме за индиректни ефекти од царинските тарифи. Ако бидат погодени нашите најважни партнери, како Германија, тоа секако ќе се одрази и на нас, рече Славески.
Професорот потенцира дека јавноста е поделена во САД. Врвни економисти од универзитетот Мичиген велат дека ова ќе значи данок за американските граѓани, околу 5.000 долари дополнително им се одзема куповната моќ и некаде за 6 отсто се намалува нивната куповна моќ поради тоа што ќе се зголемат цените.
– За глобалната економија е битно што влегува во голема неизвесност, а тоа е убиство за бизнисот. Тие не можат да планираат и тоа може да се одрази на странските инвестиции кај нас, дијаспората што инвестира, влегуваме во фаза, која конечно става крај на глобализацијата од економска гледна точка што за земја во развој како Македонија беше позитивно.
Владата мора веднаш да направи кост-бенефит анализа бидејќи САД оставија простор ако земјите реагираат, да се намалат царините. Она што ни се забележува дека е трговска бариера во нашиот увоз од САД да го намалиме и со тоа да им удоволиме и тие веднаш да реагираат на царините. Мислам дека тоа е можно, потенцира Славески.
ВЛАДАТА ЧЕКА СРЕЌНИ ВЕСТИ ОД ВАШИНГТОН
Македонската влада во првичното соопштение до јавноста посочи дека владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици и дека имаат подготвен план за надминување на ситуацијата, без да прецизираат за каков план станува збор.
Владата смета дека нема место за паника, ниту, пак, од избрзани реакции и дека ова е очекувана одлука од американската администрација.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува многу скоро да се коригира одлуката на САД за зголемувањето на царините кон земјава, но среќните вести не се пристигнати.
– Не се уште. Процесот е сензитивен, не би откривал ништо, кога ќе се заврши се ќе излеземе во јавноста со детални информации, вели премиерот.
Мицкоски е убеден дека очигледно станува збор за некаква грешка или погрешна информација и дека после преговорите со владата на САД таа грешка ќе се поправи.
– Ние работиме со нашите партнери, САД и очекувам многу скоро да се коригира ова кое што очигледно е резултат на некаква грешка или погрешна информација, имајќи предвид дека лани нашата трговската размена со САД беше во негатива, односно сме во дефицит, а тие држави што се во дефицит немаат ваков тип зголемување на давачките.
Сега се споредуваат податоците, во контакт сме со Амбасадата, со Министерството за економија и со Кабинетот на Трамп, а тоа беше дел од разговорите и на Муцунски и државниот секретар Марко Рубио во Брисел, така што во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба, појаснува Мицкоски.
Според него, од зголемените царини можеби поголеми ќе бидат секундарните ефекти, а не директните кои Македонија ги има на билатерално ниво со САД.
– Доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат сето ова со САД, тогаш ефектите би биле многу поголеми отколку сега примарните кои ние ги имаме директно, на билатерално ниво со САД, напомена премиерот.
ФОРМУЛА БАЗИРАНА НА ГРЕШКА
Американскиот институт за претпријатија (АЕИ) објави анализа на новите царини на САД кон 57 земји од светот, вклучувајќи ја и Македонија, за која се најавени царини од 33 отсто, што заедно со Босна и Херцеговина (35 отсто) и Србија (37 отсто), се највисоките царински стапки кои претседателот Трамп ги воведува во земјите од Балканот.
Според истражувачите Кевин Коринт и Стан Вегер, ако точно се примени формулата на американската администрација, царината која се воведува за повеќето од земјите, вклучувајќи ја и Македонија, треба да изнесува само 10 отсто.
Формулата што ја користи администрацијата гласи: трговскиот дефицит на САД поделен со вкупниот увоз од конкретна земја, поделен на две – или 10 проценти, зависно од тоа кое е повисоко. Тоа значи дека дури и ако САД нема трговски дефицит со некоја земја (или имаат суфицит), сепак ѝ се наметнува царина од најмалку 10 проценти.
На пример, ако САД увезуваат добра и услуги во вредност од 100 милиони долари, а извезуваат 50 милиони, администрацијата на Трамп тврди дека таа земја ефективно наметнува царина од 50 проценти (разликата помеѓу увозот и извозот, поделена со вкупниот увоз). Реципрочната царина би била половина од тоа, односно 25 проценти.
Оваа формула, првично објавена од Советот за економски советници и Канцеларијата на американскиот трговски претставник, не се темели на економска логика, според истражувачкиот тим. Според нив, трговскиот дефицит не зависи само од царини и трговски бариери, туку и од фактори како меѓународни капитални текови, глобални синџири на снабдување, географија и компаративни предности.
„И дури и да ја прифатиме оваа формула, таа содржи грешка што ги зголемува проценетите странски царини четирикратно, а со тоа и царините што ги наметнува Трамп.
Формулата, покрај дефицитот и увозот, содржи два дополнителни термини во именителот:
Еластичноста на побарувачката за увоз во однос на цените (ε),
Еластичноста на цените за увоз во однос на царините (φ).
Администрацијата претпоставува дека ε = 4, а φ = 0.25, што дава производ од 1, и затоа термините се поништуваат. Но вистинската вредност на φ е околу 1 (0.945), а не 0.25. Грешката на администрацијата лежи во тоа што ја процениле врз основа на реакцијата на малопродажни цени, наместо увозни цени“, се вели во анализата на институтот.
Ако оваа грешка се коригира, царините што САД претпоставуваат дека ги наметнуваат другите земји би биле четирипати пониски. Со тоа, и царините најавени од Трамп би се намалиле драстично, освен кај минималната царина од 10 проценти.
КОНТРАМЕРКИ НА ЕУ
Голем удар за светската економија што ќе има големи последици, реагираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен откако Трамп ги објави царините.
Таа во својот говор во Европскиот парламент во Стразбур истакна дека целта на ЕУ е да се најде решение преку преговори.
„Сепак, доколку е потребно, ќе ги заштитиме нашите интереси, луѓе и компании“, фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ не сака да возврати, но Брисел има силен план за тоа и ќе возврати ако треба.
Царините што Доналд Трамп ќе ги воведе ќе имаат негативни последици ширум светот, предупреди претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард.
Лагард рече дека обемот на штетата ќе зависи од тоа колку ќе бидат обемни царините, колку долго ќе траат и дали ќе доведат до успешни преговори.
Европската комисија, земајќи ги предвид забелешките на земјите-членки, ќе предложи контрамерки вредни помалку од 26 милијарди евра, колку што се американските царини за увоз на челик и алуминиум од ЕУ, најави комесарот за трговија Марош Шечфовиќ.
– Што се однесува до челикот, алуминиумот и дериватите, станува збор за 26 милијарди евра. Вечерва ќе го финализираме списокот со мерки, но можам да ви кажам дека нема да достигнат 26 милијарди, откако ќе ги земеме предвид забелешките на земјите-членки, рече Шечфовиќ по состанокот на министрите за трговија на земјите-членки кои разговараа за трговските односи со САД и Кина.
Текстот е објавен на 10 април 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.540.