Во Грција од денеска е доволено да работат и внатрешните делови на угостителските објекти, а на плажите се дозволува да се постават маси, да се пушта музика и да се служат алкохолни пијалаци, јавува МИА.
Паралелно, од денеска, по речиси тримесечен прекин, почнува грчкото фудбалско првенство. Дополнителното олабавување на мерките е во рамките на планот на грчката Влада за постепено враќање на земјата во „новата нормалност“.
Во внатрешниот дел на кафулињата и угостителските објекти, дозволено ќе биде едно лице на 2.2 метри квадратни, растојанието меѓу масите треба да биде 90 сантиметри, едно метро и 20 сантиметри или едно метро и 80 сантиметри во зависност од поставеноста на столиците.
За рестораните во хотелите е предвидена шведска маса, тогаш ќе има задолжен келнер или вработен во хотелот што ќе ги послужува гостите, а ќе треба да има и заштитен плексиглас. Гостите, задолжително ќе треба да одржуваат растојание од еден и пол метар.
Со исклучок на неколку конкретни бизниси и активности, Грција, до почетокот на следниот месец се очекува целосно да се врати во „новата нормалност“, откако ќе се спроведат и новите фази од планот на грчката Влада за дополнително олабавување на мерките.
Од понеделник почнуваат со работа ноќните клубови и коцкарниците, од 15 јуни фитнес центрите и музеите, од 1 јули е дозволено одржување конференции и концерти, а секако сите ќе работат под конкретни правила и прописи.
Од денеска до 1 јули, на работа ќе се вратат 13 отсто од вработените, односно 89.000 лица, а одново ќе се отворат 63.000 бизниси.
Со оглед на тоа дека понеделник е неработен ден во Грција, поради Духовден, Грците се чини дека максимално го користат првиот продолжен викенд по карантинот, па од вчера попладне и од утрово се забележува зголемена фреквенција на автомобили на автопатите во Грција.
Вчера попладне имаше големи редици возила на патарините за излез од Солун и Атина, а зголемена е и фреквенцијата на најголемото грчко пристаниште Пиреас.
По укинувањето на рестриктивните мерки на 4 мај, ова е прв продолжен викенд во Грција и прв викенд откако се отворија хотелите што работат во текот на целата година.