Нимиц по преговорите: Двете страни ги бранат националните интереси, но знаат дека е важно да има решение

by fokus

Се уште нема конечно решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но двете страни се одлучни да продолжат да работат се додека не се пронајде, изјави кусо денеска во Њујорк медијаторот на Обединетите нации во преговорите меѓу двете земји Метју Нимиц, по разговорите со шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

– Како што знаете имавме средба вчера и денеска, разговаравме еден и пол ден. Можам да кажам дека многу работевме. Прашањата се добри дефинирани, прецизирани. Можам да кажам дека ова беа преговори на кои многу работевме, рече Нимиц, по завршувањето на состанокот со двајцата министри.

Медијаторот истакна дека Димитров и Коѕијас заминуваат за Брисел, каде ќе продолжи дијалогот и додаде дека иако се уште нема конечно решение двете страни се подготвени напорно да работат за да го најдат.

– Преговорите се значително интензивирани, како што рекоа двете страни имаат важни позиции, во прашање се националните интереси. Разбирливо, двете страни си ги бранат националните интереси, но ја знаат важноста од постигнување решение и се одлучни да го сторат тоа, рече Нимиц.

По кратката изјава, медијаторот истакна дека нема да даде одговор на новинарските прашања.

Поврзани новости