Даниел Сидовски од група Респекти, кој е организатор на протестот на музичарите што се одржа во средата пред Влада, денес на официјалната страница на бендот објави стара фотографија од хуманитарен концерт, и под неа порача дека по сите навреди кои биле искажани на сметка на музичарите, од страна на јавноста, никој од естрада повеќе нема да пее хуманитарно.
-Вака ние се собиравме на безброј хуманитарни концерти за помош на болни, кои не ги покриваше здравството. Но, од денес, јавно кажувам и ветувам, ниту еден естраден уметник нема да помогне на било кого, хуманитарно, после толку навреди и плукање по нас, за нашата ситуација! – пишува во објавата.
Инаку, Сидовски денес во 15 часот ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, каде ќе се разговара за актуелните проблеми на музичарите, поради забраната за настапи во живо.
-Ќе се потрудам денес максимално, да продолжиме со работа, во спротивно да бидеме сите пријавени во едно здружение, за да имаме алиби да бараме средства, и како и сите граѓани на Македонија да бидеме обештетени – напиша Сидовски.
Пред почетокот на протестот во средата, во телефонски разговор за ,,Фокус” тој изјави дека доколку не им се излезе во пресрет на барањата, повторно ќе имаат протест.
Вики Клинчарова