Необичен миленик кај семејството Силјановски: Штркот Гаврил ни спие во гаража!

by fokus

Семејството Силјановски од село Орешани, скопско, веќе цел месец има невообичаен гостин, кој во тек на ден е во нивниот двор, а пак навечер одел да преспие во гаражата. Станува збор за млад штрк, кој Силјанови го крстиле Гаврил.

Снежана Продановска Силјановска, која со сопругот Љупчо се грижела за Гаврил, ни раскажа дека најверојатно тој паднал од гнездото кое веќе 40 години било на бандерата во близина на нивната куќа. Тој бил повреден од падот, па Љупчо го земал, го преврзал и решиле да го причуваат во дворот додека не се опорави и не почне да лета. Но како минувало времето, Гаврил се припитомил и се свикнал на животот со семејството, и се уште не летал, што ги загрижило Силјанови.

-Му го дадовме името Гаврил и тој стана наше милениче. Мислевме дека за кратко време ќе одлета, но се уште е овде. Преку ден е во дворот, а ноќе самиот влегува во гаражата каде што спие. Го храниме со рипчиња, има и корито со вода во дворот, бидејќи многу сака да си игра во водата. Многу сака да се гали, сака да седи на високо, сака вода. Омилена храна му се рипчиња папалини. Кога сопругот наводнува во дворот, тој задолжително оди по него. Сите го засакавме, но не загрижи тоа што Гаврил не може да започне да лета – раскажува Снежана.

Таа додава дека штрковите од блиското гнездо никогаш не им дошле во дворот, но затоа пак Гаврил често пати одел кон гнездото, по што се враќал назад.

Загрижени за неговото здравје, најмногу поради фактот што веќе доаѓа време кога штрковите се враќаат на југ, тие стапиле во контакт со Македонско еколошко друштво, од каде им ветиле дека за време на викендот ќе ги посети ветеринар кој има искуство со штркови, за да се утврди точната дијагноза на Гаврил.

-Кога ќе дојде ветеринарот, ќе видиме што да се прави понатаму. Нема да ни биде проблем ако Гаврил остане кај нас и во зима, питом е, многу со засакавме – ни изјави Снежана.

Штрковите се долгоноги птици преселници кои се враќаат во Македонија најчесто помеѓу 12 – ти и 14 – ти март. Ги средуваат гнездата и до верскиот празник Благовец, на седми април веќе имаат младенчиња. Во август заминуваат во топлите краеви, во Индија или Централна Африка. Се хранат со црви, влекачи, риби и глодари.
Родителите се снежно бели, со црвени нозе, додека младенчињата имаат сивкаст клун и потемни нозе. За нив се вели дека се неми птици, бидејќи не испушаат звуци, туку само трескаат со клуновите на карактеристичен начин.

Вики Клинчарова

Поврзани новости