Нема напредок во преговорите за СЈО, Дескоска и Милошоски се препукуваат

by fokus

На денешната средба немаше нешто со што суштествено се расчисти или се донесе некој посебен заклучок, така што носењето на законот е се уште неизвесно зашто не можеа да се затворат ниту прашања за  трансферот на луѓе кои би останале од СЈО, вработените, јавните обвинители, изјави министерката за правда Рената Дескоска по завршувањето на новата средба на работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство за статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

Министерката рече дека денеска немале ангажиран партнер за разговор со кој би можеле да водат суштинска дебата, очекува исчекор од вторник и дека остануваат посветени на носењето на законот за јавно обвинителство.

– Се надевам дека емоциите ќе слегнат овие три дена додека е празникот и ќе можеме да разговараме суштински од вторник. Ние остануваме посветени на носење на закон за јавно обвинителство без оглед што сега тоа не изгледа толку ургентно како што беше пред една недела или две, со оглед на тоа што некои работи почнаа природно да се решаваат и да се случуваат, но сепак сметаме дека е добро да се донесе нов закон за јавното обвинителство, изјави Дескоска. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е дел од групата за Законот за обвинителство, изјави дека и натаму се далеку од договор со власта.

– Имавме повторно средба на која се дискутираше предлог-законот за обвинителство, и клучните разлики остануваат без заеднички консензус. Имаме цврсти аргументи да понудиме консензус за приваќање  квалитетен Закон за обвинителство, но најмногу зависи од политичката волја и од Министерството за правда. Ме зачудува што од коалицијата СДСМ или ДУИ поднесуваат амандмани кои Владата веќе ги прифатила, рече Милошоски.

Според него, писмата од обвинителката Катица Јанева не се нејзина самостојна иницијатива, туку, како што рече, „добро кооординирана акција“.

–  Писмата не се нејзина самостојна иницијатива, се работи за една добро координирана акција меѓу Заев, рекетарката Јанева, министерката за правда, Вилма Рускоска и обвинителот Јовески, рече Милошоски.

Реагирајќи на неговата изјава, министерската Дескоска рече дека „Милошоски е човек кој е извор на лажни вести“ и нагласи дека одлуката Јавното обвинителство  да ги преземе предметите од СЈО е лично на Катица Јанева и не постои ништо друго.

Поврзани новости