Нема мангупи со ова зло, по интервјуто со Шилегов порача Кацаров, и го објави својот негативен Ковид-19 тест

by fokus

Откако минатата недела сними интервју со градоначалникот Петре Шилегов, водителот Миро Кацаров од емисијата ,,Бекстејџ” денес го објави својот Ковид-19 тест, којшто е негативен.

Тој појаснува дека откако градоначалникот во саботата објави дека е позитивен на вирусот, самоиницијативно се повлекол во изолација, со цел да ги заштити блиските.

-Уште истиот ден се консултирав со мојот пријател и еден од најдобрите доктори, професорот Никола Пановски кој ми даде одлични совети како да постапам и кога да се тестирам. Анализата за мене покажа дека осмиот ден од контактот со градоначалникот би бил најпогоден за тест и да биде релевантен истиот, па тоа и го направив, бев и се тестирав, притоа без никакви симптоми.

Вчера вечер ми стигнаа резултатите кои и јавно ќе ги соопштам, а тоа е дека сум НЕГАТИВЕН на вирусот Ковид-19.

Се извинувам на сите кои беа во мое опкружување до пред информацијата да ја објави јавно градоначалникот и беа малку исплашени, но ете вирусот за среќа не е пренесен на никој. Со ова уште еднаш се докажува дека ова зло е меѓу нас и се повеќе ќе имаме контакт со луѓе кои го имаат или го прележале.
На никој не му посакувам дома да седи и да чека резултати дали има корона вирус или не, чувството е грозно, мозокот ти мисли на се и сешто, на ТВ и на Фејсбук само за тоа се збори, а ти си немоќен во затворен простор. Или посликовито, ливче спортска чекаш па се нервираш, се јадеш од внатре, а замисли ова е тест дали си болен или не од корона – информира водителот.

На Шилегов му посака брзо оздравување, а на јавноста почитување на мерките за заштита.

– Само ако сме сите свесни и одговорни ќе успееме ситуацијата да ја држиме под контрола. Очигледно нема мангупи на ова зло-порача Кацаров.

Вики Клинчарова

Поврзани новости