Неготинскиот панаѓур откажан поради пандемијата

by fokus

Традиционалниот неготински панаѓур, стопанско – туристичка манифестација која се одржува со децении наназад во чест на верскиот празник Мала Богородица, годинава е откажан поради пандемијата со корона вирус.

Настанот започнуваше на 20-ти септември со Манастирска вечер, а потоа во наредните три дена центарот на градот беше преполн со штандови на кои се продаваше од облека, до алати и апарати за домаќинство. Дворот пред спортската сала ,,Младост” пак беше пренаменет како сточен пазар.

Исто така, речиси на секоја слободна површина се приготвуваше скара, беа поставени маси и столици за гостите кои ги забавуваше жива музика, а голем број на познати фолк пејачи настапуваа од утро до доцна во ноќта.

Според информациите од минатата година, за штандовите, односно тезгите, за метар квадратен општината наплатувала од 1.000 до 2.400 денари за трите дена, во зависност од локацијата, а бројот на штандови се движи и по неколку стотици.

Секоја година за време на панаѓурот во градот доаѓаа илјадници посетители од цела земја. И додека угостителите и трговците кои имаа свои штандови триеја раце, добар дел од локалното население, посебно луѓето кои живеат во центарот на градот, секоја година се соочуваа со панаѓурски проблеми.

Несовесни панаѓурци традиционално уринираат во влезовите на зградите и во дворовите, и покрај тоа што се поставуваат по дваесеттина мобилни тоалетни кабини.
Граѓаните апелираа на дислоцирање на панаѓурот од централното подрачје, бидејќи освен што се соочуваат со недостиг на места за паркинг, принудени се да го чистат и изметот кој е вообичаена слика во влезовите на зградите.

Годинава, по одлуката на Советот на Општина Неготино, за откажување на панаѓурот, голем број на неготинчани велат дека можат да здивнат, бидејќи се уморни од панаѓурската некултура.

Вики Клинчарова

Поврзани новости