(АРХИВА) Таравари му фрла гума за спасување на Ахмети за да не „потоне“ на локални избори како Груевски и Заев?!

Во пресрет на локалните избори, очекувањата за пораз на ДУИ и повлекување на Ахмети сѐ повеќе се зголемуваа. Сепак, целата атмосфера се промени со неочекуваниот потег на Таравари да се отклони од ВЛЕН, што ја менува рамнотежата на силите во албанскиот блок. Кои се мотивите и целите за ваквиот потег?

by Фокус

Текстот е објавен на 29 април 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.543.

Бранко Црвенковски, Никола Груевски и Зоран Заев ги завршија политичките кариери во различен политички контекст, но заеднички именител за сите нив е што заминаа во политичка пензија по пораз на локални избори. Како наближуваат претстојните избори за локална власт, сѐ почесто почна да се поставува прашањето дали тие ќе му ја запечатат судбината на Али Ахмети, со оглед дека неговата ДУИ ќе треба да го одигра второто полувреме од битката со ВЛЕН откако падна во опозиција, а дел од нивните функционери се најдоа под истрага, во бегство или на црна листа. Иако очекувањата за изборен пораз на ДУИ и повлекување на Ахмети сѐ повеќе се зголемуваа, сепак, целата атмосфера се промени со неочекуваниот потег на Арбен Таравари да се отклони од ВЛЕН, што ја менува рамнотежата на силите во албанскиот блок. Кои се мотивите и целите за ваквиот потег?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Последните неколку големи политички лидери во земјава се пензионираа во различен политички контекст, меѓутоа за сите нив има еден заеднички именител, а тоа е фактот што тие ги завршија политичките кариери по големи порази на локални избори.

За потсетување, поранешниот премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски ја заврши долгата политичката кариера по големиот пораз на локалните избори во 2013 година.

Откако одлучи да се врати на чело на СДСМ по завршување на мандатот како шеф на државата во 2009 година, Црвенковски за малку успеа да го урне тогашниот режим на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година, заедно со опозициската десница и благодарение на демократската јавност што се мобилизираше како резултат на бруталниот атак врз А1 телевизија.

Народот е во право и тогаш кога греши – рече Црвенковски по овие избори, уште тогаш порачувајќи дека со големиот број освоени пратеници ќе ѝ задава многу главоболки на старо-новата власт на Никола Груевски.

Всушност, така и беше, со оглед дека СДСМ преку бројната пратеничка група ја испровоцира власта во 2012 година да ги избрка опозициските пратеници и новинарите од Собранието поради блокадата при носењето на буџетот.

Тој ден остана познат како „црниот понеделник“, а целиот настан подоцна беше разгледуван од специјално формирана комисија од мешан партиско-експертски карактер, која оцени дека биле прекршени Уставот и законите преку насилната интервенција врз опозицијата во Законодавниот дом од страна на припадници на полицијата.

Арно ама, што се случи во меѓувреме?

Опозицијата групирана околу СДСМ по „црниот понеделник“ почна да го бојкотира парламентот и истовремено ја покрена т.н. операција за искажување непослушност кон институциите насловена „отпор“ . Паралелно со тоа, опозиционерите бараа предвремени парламентарни избори заедно со локалните во 2013 година или во спротивно се закануваа со изборен бојкот (нешто слично како сега ДУИ).

Сепак, власта не прифати предвремени парламентарни избори, а опозицијата беше принудена да учествува на локалните избори, делумно поради притисокот од меѓународната заедница, а делумно поради внатрепартиски притисок што го вршеа влијателни градоначалници, меѓу кои и тогашниот градоначалник на Струмица и подоцнежен партиски лидер и премиер – Зоран Заев.

На крајот, така наредените коцки во политичкиот мозаик се покажаа како погубни за Црвенковски, бидејќи, како резултат на неконзистентната „тргни-застани“ политика, но и поради фрагментираноста внатре и пресијата однадвор, тој претрпе катастрофален неуспех на локалните избори по што замина во пензија.

Меѓутоа, слична судбина доживеаја и неговите наследници…

ЕДЕН ПОРАЗ Е ДОВОЛЕН ЗА ПЕНЗИЈА

По локалните избори во 2013 година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Груевски ја зацврсти својата власт, а во СДСМ дојде до промени, имајќи предвид дека лидерската позиција ја презеде Заев во партнерство со Радмила Шекеринска, актуелна заменик-генерална секретарка на НАТО.

Како што е познато, веќе за време на следната 2014 година се одржаа двојни парламентарни и претседателски избори, на кои владејачката гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ буквално се „прошета“, што автоматски предизвика турбуленции во СДСМ.

Имено, структурата блиска до Црвенковски бараше одговорност за изборниот неуспех од страна на двоецот Заев – Шекеринска и за нов партиски лидер го промовираше довчерашниот претседател на државата Стево Пендаровски, иако, за волја на вистината, Пендаровски одбиваше да влезе во такви комбинаторики.

Како и да е, Заев успеа да го преживее обидот за смена во СДСМ и продолжи да се бори против Груевски при што може слободно да се констатира дека таа борба кулминираше со проектот „Вистината за Македонија“, во чии рамки тогашната опозиција објавуваше нелегално прислушувани разговори, снимени преку злоупотреба на државните системи за безбедност.

Впрочем, тоа беше основа на процесот за демонтажа на власта или режимот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи последица на објавените аудиоматеријали беа добропознатите пржински преговори, каде што тогашните политички лидери договорија техничка влада за спроведување избори, нови правила при медиумското претставување, како и специјално обвинителство, кое ќе ги испитува индициите за незаконско постапување од прислушуваните материјали.

Останатото е веќе историја – во таквите новосоздадени услови и околности се создаде еден баланс на силите, бидејќи режимот почна да ги губи лостовите преку кои дистрибуираше моќ и влијание, така што на парламентарните избори во 2016 година двете страни имаа безмалку идентичен резултат.

Поточно, иако 2 пратеници плус освои владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарно мнозинство и влада успеа да состави СДСМ заедно со ДУИ и Алијанса за Албанците, по што за првпат после цела деценија дојде до политички промени.

Сепак, тоа не значеше дефинитивен крај за Груевски, кој остана лидер на ВМРО-ДПМНЕ сѐ до локалните избори, кои се одржаа неколку месеци откако беше направена новата влада веднаш по „крвавиот четврток“ во 2017 година.

На тие локални избори, СДСМ постигна убедлива победа, а Груевски се повлече од партијата и набргу потоа, под притисок на судските процеси, побегна и доби азил во Унгарија.

КОМУ ЌЕ МУ ПРЕСУДАТ ИЗБОРИТЕ?

Ако многумина го спореа легитимитетот на Заев како премиер, бидејќи власта ја преземе по, формално земено, изборен пораз, победата на локалните избори на некој начин го потврди неговиот легитимитет и создаде нова политичка реалност.

Кога ќе се погледне хронолошки, Заев некако на мускули успеа да состави влада и по следните парламентарни избори во 2020 година, кога СДСМ за првпат настапи во предизборна македонско-албанска коалиција со БЕСА. Тоа беше пресудно за тесна победа на СДСМ, но тоа се покажа и како Пирова победа, бидејќи по тие избори, СДСМ почна неповратно да паѓа.

А, таквата негативна тенденција на СДСМ дојде до израз веќе на локалните избори во 2021 година, на кои убедливо победи ВМРО-ДПМНЕ, што го натера Заев да се повлече и лидерската позиција во СДСМ и премиерската функција да му ги препушти на дотогаш анонимниот Димитар Ковачевски.

За разлика од случаите со Црвенковски и Груевски, кои се пензионираа по пораз на локални избори, ама како опозиционери на централно ниво, ситуацијата со Заев е малку поинаква, од аспект што тој не беше опозиционер, туку премиер.

Кои беа мотивите на Заев за таквиот чекор? Замор поради децениското владеење во време на разни кризи? Разочараност од нереализираните ветувања од меѓународната заедница, за кои плати големи концесии дома? Проценка дека треба да замине по пораз на локални, бидејќи на следните парламентарни избори ќе доживее вистински крах? Или, пак, имало од сѐ по малку?

На крајот на краиштата, тоа веќе не е ни битно, но она што е важно да се наведе е дека и Заев ја продолжи традицијата почната со Црвенковски и продолжена со Груевски, која вели дека големи лидери ја завршуваат политичката кариера по пораз на локални избори.

Зошто го направивме овој екстензивен вовед?

Наскоро треба да се одржат нови локални избори, па дали и тие ќе испратат во политичка пензија некој од актуелните политички водачи?

Многумина сметаа дека тоа што беа локалните избори во 2013, 2017 и во 2021 година за Црвенковски, Груевски и Заев, тоа ќе бидат претстојните локални избори во тековната 2025 година за лидерот на ДУИ Али Ахмети. Има ли основа за такви очекувања?

ТРКА ПО ШТО ПОВЕЌЕ ПАРТНЕРИ

Од формирањето по воениот конфликт во 2001 година преку трансформација на паравоената ОНА во официјална политичка организација, ДУИ на Ахмети беше непречено дел од власта цели 2 децении, со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, кога ВМРО-ДПМНЕ направи влада со ДПА на Мендух Тачи.

Практично, тоа беше првпат во дваесетина години ДУИ да падне во опозиција. Вториот таков трансфер на интегративците од власт во опозиција се случи по последните парламентарни избори одржани ланската 2024 година.

Во пресрет на овие избори се случи процес на окрупнување на албанската опозиција. Прво, рака си подадоа лидерите на БЕСА и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши, а подоцна ним им се приклучи и поранешниот потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, кој одлучи да формира партија со назив Демократско движење, откако барањата на „огнената група“ во ДУИ не беа испочитувани.

Така, се формираше една респектабилна опозициска коалиција, која целосна факторизација доживеа со одлуката на Арбен Таравари да ја подели матичната Алијанса за Албанците, да се отклони од власта на СДСМ и ДУИ и да ја поддржи албанската опозиција, веќе брендирана под називот ЛЕН и подоцна ВЛЕН.

Па, четворката Таравари, Меџити, Касами и Гаши, засилена и со поддршката од косовскиот премиер Албин Курти, кој ужива голема популарност меѓу Албанците во Македонија, се формираше еден силен политички блок, кој конечно сериозно ја предизвика ДУИ.

Поради големата опасност од ВЛЕН, ДУИ реагираше со прибирање на се она што беше слободно во албанскиот блок и можеше да се собере на купче во нивната коалиција наречена „Европски фронт“.

Конкретно, ДУИ успеа да го привлече останатиот дел од Алијанса лојален на Зијадин Села, новите безмалку незначителни партии на Скендер Реџепи и Аријанит Хоџа… Но, од сите нив реална тежина, и тоа во многу лимитиран опсег, имаше единствено Села.

Затоа, Ахмети почна да го шири фронтот и со партии од другите „помали“ етнички заедници. Во таа насока, дел од коалицијата стана најсилната турска партија – Демократска партија на Турција, а во овој сојуз влезе и бошњачка партија, ромска партија…

ПОБЕДНИКОТ ЈА СОЗДАВА ВЛАДАТА

Бездруго, ваквата шарена слика во албанскиот кампус донесе изборен резултат, кој беше предмет на различна интерпретација, зависно од аголот на гледање, но и од интересите. Иако коалицијата предводена од ДУИ номинално имаше блага победа, сепак ВЛЕН се прогласи за победник со неколку аргументи.

Прво, од таму велеа дека тие биле чисто албанска коалиција, додека ДУИ предводела мултиетничка коалиција поради што тие не воделе битка со ВЛЕН, туку со ВМРО и СДСМ и затоа треба да се мерат со нив.

Дополнително, од ВЛЕН тврдеа дека доколку, сепак, се оди во детална анализа, ќе се увиди дека тие се победници, бидејќи освоиле мнозинство гласови од бројот на албански гласови.

Наспроти тоа, од ДУИ истакнуваа дека во демократијата се мери дека кој има повеќе гласови и еден глас повеќе на една страна значи победа и легитимитет да бидат претставници на тие гласачи во владата. Згора на тоа, и тие тврдеа дека се мнозински победници во албанските средини и дека имаат повеќе пратеници-Албанци.

Во секој случај, убедливиот изборен победник ВМРО-ДПМНЕ, т.е. мандатарот Христијан Мицкоски одлучи да направи влада со ВЛЕН, а таа одлука во интервју за „Фокус“ ја објасни на следниот начин:

„Начинот на кој функционира демократијата, не оди заедно со „победник со победник“, зашто во политиката не може малку со едните, малку со другите. Ние имаме дијаметрално различни платформи. Не може 7 години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може!

Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер и врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целокупниот процес.

ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ВЛЕН и ЗНАМ повеќе од 600 илјади.

Јасна е волјата на народот. Во таква нова политичка реалност, во име на парламентарната демократија, поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада“.

(НЕ)ИЗВЕСНО ВТОРО ПОЛУВРЕМЕ

По второто заминување во опозиција во овие 23 години и прво по 18 години, ДУИ очекувано почна да гради наратив дека не бил испочитуван легитимитетот при составување на владата, односно дека победникот во македонскиот блок – ВМРО-ДПМНЕ не го испочитувал гласањето од страна на Албанците и си одбрал подобен албански партнер.

Настрана тоа, падот на ДУИ во опозиција имаше многукратни ефекти. Точно е дека тоа му создаде платформа на Ахмети и неговите сопартијци да се прикажат како жртви и да тврдат дека намерно се исфрлени во аут, бидејќи премногу ги бранеле интересите на Албанците, а на власт е антиалбанска структура.

Меѓутоа, таа реторика не поминува кај оној дел од гласачите што има голем отпор кон ДУИ поради сите корупциски скандали во кои беа вмешани интегративците, како и поради високото ниво на ароганција и самоволие.

Од друга страна, промените беа шанса и тоа да се промени, бидејќи новата влада на ВМРО и ВЛЕН доби можност да ги испита сомнежите за криминал и да гони функционери на ДУИ, а нивните инсталации во институциите да ги оневозможи да се впрегнат во функција на Мала Речица.

За кратко време, функционери на ДУИ се најдоа под истрага, во бегство или на црна листа, што беше како порачано за новата власт, вклучително и ВЛЕН, да ја поткрепат тезата дека ДУИ е криминализирана и компромитирана партија, која треба да се реформира пред повторно да претендира на власта.

Паралелно со тоа, се чинеше дека ВЛЕН сериозно му се приближува на ДУИ, па дури и дека го надминува според рејтингот. Во една таква атмосфера, се добиваше впечаток дека следува неизвесна битка на локалните избори во албанскиот политички блок, која треба да биде второ полувреме од битката меѓу ДУИ и ВЛЕН.

Патем, ВЛЕН влегуваше и како фаворит поради низа причини, а една од нив е цврстата соработка што ја изградија со ВМРО-ДПМНЕ, која контролира мнозинство во етничките Македонци во доминантно албанските етнички средини, што често се испоставува како клучен елемент при определувањето победник во трката за градоначалник во Тетово, Гостивар, Струга, Чаир…

КАКО ДА СЕ ПРИБЕРАТ ГЛАСОВИ?

И, додека сите мислеа дека ВЛЕН ја има формулата за победа на локалните избори, кога ќе му зададе и конечен удар на ДУИ, а Ахмети најверојатно ќе замине во политичка пензија, се случи еден неочекуван пресврт, кој целосно ги менува состојбите и соодносот на силите на политичката сцена.

Станува збор за отклонувањето на Таравари од ВЛЕН, кој прво почна јавно да изнесува забелешки за позицијата на ВЛЕН во рамки на владата, а потоа одлучи да излезе со самостојни советнички листи на локалните избори, што од страна на Меџити и Касами беше оценето како потег со кој Таравари се самоисклучил од ВЛЕН.

Инаку, овде има 2 димензии. Во времето кога Таравари почна јавно да испорачува критики кон ВЛЕН, излегуваа информации за негови контакти со Ахмети, кои двајцата првично се обидоа да ги релативизираат, велејќи дека се работело за еден и единствен телефонски разговор, но подоцна Села ги разоткри дека двајцата имале 2-3 директни средби.

Второ, одлуката на Таравари да настапи со самостојни листи, што беше причина да замине од ВЛЕН или да биде отстранет, сеедно, драстично ја менува досегашната рамнотежа во албанскиот блок. Зошто?

Ако се види и последната анкета на „Маркет Вижн“, ВЛЕН има 1 процент предност пред ДУИ. Но, интересно е како структуирана поддршката на ВЛЕН.

Според анкетата, најголем личен и партиски рејтинг од сите субјекти во ВЛЕН има токму Таравари и неговата Алијанса за Албанците по што следува Меџити и ДД, па Касами и БЕСА и на крајот доаѓа Зекирија Ибраими, наследник на Гаши на чело на Алтернатива.

Оттука, тоа би значело дека без Таравари ВЛЕН може значително да падне на локалните избори, доколку, се разбира, овие рејтинзи се пресликаат во гласови. Арно ама, останатите лидери во ВЛЕН се уверени дека тоа нема да се случи.

Тие сметаат дека ВЛЕН како антипод на ДУИ ќе ги прибере сите контра-ДУИ гласови, а најизразени такви гласови се оние на Алијанса, која е формирана како анти-ДУИ партија. Со други зборови, во ВЛЕН се уверени дека без Таравари ќе бидат еднакво силни како со него, особено откако се разобличи неговиот договор под маса со Ахмети, што, според нив, е неприфатливо за базата на АА.

КРАЈНАТА ЦЕЛ НА ПОЛИТИЧКИОТ МАНЕВАР

Но, работата не е така едноставна.

Од една страна, Таравари може да испадне како голем губитник, бидејќи самостојниот изборен настап помеѓу две поголеми коалиции може да го направи невидлив. Плус, ако поради тоа остане и без партиципација во владата, автоматски ќе изгуби пристап до јавните ресурси и, според одредени проценки, без 30 отсто од партиските клиентелисти, какви што има секоја партија.

Од друга страна, пак, Таравари со овој потег се афирмира како некој што повторно прави промени на политичката сцена. Ако јас го создадов ВЛЕН и го урнав ДУИ, сега јас ќе бидам тој што ќе го урне ВЛЕН, особено откако не ме послушаа одма после изборите да направиме една партија на чело со мене, можеби резонира Таравари.

Понатаму, дел од неговата логика можеби говори дека ВЛЕН е брод што тоне. Повеќе е сигурно е дека ВЛЕН трпи штета од наративот на ДУИ дека е сервилен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, па можеби затоа Таравари се обидува да се дистанцира, бидејќи и самиот рече дека коалицијата во рамки на владата делува летаргично.

Но, истовремено Таравари вели дека нема проблем со ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека најголемата владејачка партија и премиерот Мицкоски биле коректни кон ВЛЕН.

Сепак, некои аналитичари оценуваат дека Таравари со последните потези сака да му направи и одредени проблеми на ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што му се мешале во ресорот и му растуриле дел од зделките, како онаа за паркингот на Клинички центар.

Сега, прашањето што е поставува е до каде ќе оди Таравари во оваа приказна? Што ќе се случува по локалните избори, ако, еве да речеме, тој и ДУИ испаднат победници, односно тој добие неколку општини, а ДУИ да издвојува јасна изборна победа визави ВЛЕН? Што потоа?

Упатените сметаат дека една од целите на овој маневар на Таравари е да се предизвикаат предвремени парламентарни избори со локалните или набргу по нив по што ДУИ би се вратила на власт.

Како што е познато, ДУИ сака да влезе во влада по нови избори за да побегне од перцепцијата дека сака власт веднаш и по секоја цена.

РЕДЕФИНИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ

При такво сценарио, се оценува дека Таравари би настапил како фактор што треба да го премости ДУИ кон власта, односно да одигра своевидна улога на бафер меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се далеку од можност за каква било соработка.

Арно ама, проблемот во оваа равенка е што ако Мицкоски веќе реши да соработува со Ахмети, зошто тогаш би му бил потребен Таравари, во кого очигледно веќе никој не може да верува поради неговите чести политички лупинзи?

Друга крупна причина што се споменува во заднина на ваквото однесување на Таравари е тоа што тој се доживува како некој што сака да го пензионира и наследи Ахмети, па токму сега може гледа таква шанса. Или, пак, можеби и добил одредено ветување.

Во едно телевизиско гостување, Меџити деновиве изјави дека прво нему посредници му понудиле да го растури ВЛЕН и да се врати во ДУИ, при што му било предочено дека партијата ќе се реформира и Ахмети ќе се пензионира. Меџити тврди дека ја одбил понудата и навести дека можеби истата понуда ја добил и Таравари.

Слично на тоа, неодамна на еден поткаст и Таравари изјави дека по локалните избори очекува Ахмети да се пензионира: Дека е крајот на политичката кариера на господинот Ахмети, во тоа сум сигурен. Локалните избори ќе бидат печат. Кога и да се одржат, тогаш ќе биде и оставката на Ахмети, ако не се случи тоа порано…“.

Врз основа на сето тоа, дали може да се заклучи или барем претпостави дека Таравари одлучил да го разниша ВЛЕН и да одигра за ДУИ на локалните избори, со цел по изборите да се наметне како главен фактор во албанскиот блок и од таа позиција да влезе во одредени преговори со Мицкоски?

Можеби Таравари е влезен во таков филм, но прашање е колку Ахмети е подготвен целосно да се пензионира и формално да се повлече од политика. Дури и тоа да го стори Ахмети како влог за иднината на ДУИ, неизвесно е кој би бил одговорот на ВМРО и ВЛЕН.

Досега, соработници на Мицкоски јавно порачаа дека нема простор за соработка со вакво нереформирано ДУИ, додека Меџити порача дека Таравари ја отвори играта, но играта во политичка смисла е далеку од завршена.

И ние знаеме да играме – рече Меџити, кој одредени познавачи на политичките прилики го протолкуваа во правец дека власта ќе работи на сојуз или соработка со Села и други структури од сегашната опозиција што гравитира околу ДУИ, но и околу СДСМ.

Поврзани новости