Научници од Израел создадоа заштитна маска која го уништува корона вирусот

by fokus

Научници од Универзитетот Технион во Хаифа, Израел, соопштија дека создале заштитна маска за лице, за повеќекратна употреба, што може да го уништи корона вирусот со помош на топлината од полнач за мобилен телефон.

Имено, новиот пронајдок има УСБ приклучок што овозможува напојување преку стандарден полнач за мобилни телефони. Тоа го загрева внатрешниот слој од јагленородни влакна до 70 Целзиусови степени, што е доволно за да го убие вирусот.

Процесот на дезинфекција на маската трае околу половина час. А притоа, додека е приклучена на полначот, маската не треба да се користи, истакнуваат од тимот што дојде до овој изум.

Стручњаците сметаат дека маските за еднократна употреба не се исплатливи и оти ја загадувааат животната средина.

Патентот е пријавен во САД кон крајот на март, а истражувачите, како што самите велат, сега разговараат со приватни компании за производство на маските за широка употреба. Најверојатно, новиот производ ќе биде за еден долар поскап од обичните маски.

Поврзани новости