Народот беше внимателен, сега ќе биде уште повеќе по првиот случај на Ковид-19, вели градоначалничката на Македонска Каменица

by fokus

Денес во општина Македонска Каменица беше регистриран првиот позитивен случај на корона вирус. Станува збор за странски државјанин, вработен во рудникот ,,Саса”, кој е без симптоми, а се тестирал поради патување во странство.

Општината брои 8.110 жители, од кои околу 1.000 моментално не престојуваат таму. Од почетокот на пандемијата, која зеде замав во сите градови во земјава, Македонска Каменица се справуваше најдобро, и последна во земјава регистрираше позитивен пациент.

Градоначалничката Соња Стаменкова за ,,Фокус” вели дека за целото време, народот ги почитувал мерките, па токму поради таа дисциплина, заразата не се проширила.

-Во Македонска Каменица откако започна пандемијата, имавме неколку опомени на почеток, но и неколку казни поради непочитување на полицискиот час. Но, тоа беше само на почетокот, инаку генерално, беше многу мирно и се почитуваа мерките.
Во последно време, во кафулињата се прават одредени мали прекршоци, но со помош на полицијата добро се справуваме.
За жал, од денес не сме веќе единствената општина во земјава без Ковид-19, лицето е во добра состојба и нема никакви симптоми. По овој случај, мислам дека граѓаните од страв уште повеќе ќе ги почитуваат мерките. Драго ми е што жителите покажуваат голема свест и се чуваат – вели Стаменкова.

Случајот од Македонска Каменица се води под општина Делчево. Во Делчево пак, моментално нема ниту еден активен случај на вирусот, а досега беше регистрирано само едно позитивно лице кое почина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости