Можам да кажам дека денес во нашата општина проработи свеста и се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот – за ,,Фокус” вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.
Појаснува дека редарски служби од општината во тек на вчерашниот ден, но и од утринава, им делеле бесплатни заштитни маски на посетителите и ги предупредувале да не се групираат.
-Немаше казни, туку само предупредувања, со убаво се трудевме да ја подигнеме свеста на гостите во Дојран. За разлика од вчера, кога беше забележано максимално непочитување на мерките, кое наиде и на големи критики од страна на локалното население, но и на страв од ширење на вирусот, денес имаме друга слика.
Посетителите ги сфатија сериозно нашите апели, се придржуваат до мерките. Се поделија стотици бесплатни заштитни маски на оние кои беа затекнати на јавните површини без заштита на лице, нашите екипи постојано се на терен и внимаваат да нема групирање. Им се заблагодарувам на посетителите кои што покажаа дека се грижат за колективното здравје и кои ги следат препораките на здравствените власти – изјави градоначалникот.
За време на продолжениот викенд во Дојран престојуваат околу 15.000 посетители од други општини.
Вчера, жители на општината се жалеа дека гостите не ги почитуваат мерките за заштита, а градоначалникот Ангов ни изјави дека Граничната полиција и редари од општината се вклучени во спроведувањето на ред, односно почитување на мерките за заштита од вирусот во Дојран.
-Драго ми е што луѓето започнаа да сфаќаат како секој од нас има одговорност за здравјето на заедницата. Апелите и предупредувањата вродија со плод, денес имаме минимални прекршоци, верувам дека сите кои вчера ги занемарија мерките за заштита, ја увидоа својата грешка. Да не ни се повторуваат вчерашните слики, да се однесуваме одговорно, бидејќи само така можеме да ја извојуваме битката со Ковид-19. Ние сме туристичко место, се трудиме да бидеме гостопримливи и да им излеземе во пресрет на нашите гости, грижата и свеста мора да биде двострана. И денес продолжуваме со излезеност на службите на терен, верувам дека вчерашниот проблем е надминат – порача градоначалникот.
Вики Клинчарова