Мицкоски не може да одолее на кршење на здравствените протоколи

by fokus

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не може да одолее на кршењето на протоколите и мерките донесени со цел заштита од ширење на корона вирусот.

Откако вчера јавноста можеше да ја види снимката направена за време на предизборен собир, на која Мицкоски со гумени ракавици, и покрај сите препораки да се држи физичка дистанца, се ракува со присутните, а потоа со истите ракавици крши погача, не стивнуваат реакциите.

Но, не е единствено снимката со погачата доказ каде се гледа непридржувањето до мерките во ек на епидемија. Речиси на сите предизборни собири во општини во земјава, Мицкоски, но и дел од неговите сопартијци, едноставно не можат да одолеат на ракувањето со присутните граѓани.

При посетата во Неготино, на пример, тој и неговите сопартијци им пристапија и се ракуваа со сите граѓани кои се најдоа во првиот ред пред говорницата. Забележително е и тоа што за време на собирите, говорниците го користат истиот микрофон, без тој да има било каква заштита, како што веќе со месеци наназад се практикува во светот.

Според здравствените препораки, рачката од микрофонот кој се користи треба да се дезинфицира исто како и останатата опрема. Доколку микрофонот има заштитен сунѓер врз него, тој треба засебно да се третира со распрскувачки дезинфициенс, поради опасноста од ситни аеросоли кои го носат вирусот и остануваат на површините.

Сите говорници од партијата го користат истиот микрофон, на растојание од околу 20 до 30 сантиметри, и со симната маска зборуваат во него, што јасно се гледа од видео снимките кои партијата ги објавува од средбите. Ниту една од препораките не е запазена, на очиглед на целата јавност.

Додека од една страна Мицкоски редовно ја обвинува власта дека ја губи битката битката со вирусот, јавноста е сведок на неговото непочитување на мерките за кои здравствените авторитети ширум светот постојано апелираат дека се клучно оружје во битката со Ковид-19.

Вики Клинчарова

Поврзани новости