Македонска Пошта влегува во генерален штрајк од 14 април

by fokus

Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија на 14 април ќе организираат генерален штрајк, поради неисполнување на нивното барање за покачување на платите на вработените во ова претпријатие, во износ од 3.000 денари.

Причината за штрајкот, како што посочи на денешната прес-конференција претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, доаѓа по неуспешниот трипартитен дијалог меѓу Управниот одбор на Пошта на С.Македонија, Владата и Синдикалните организации на Пошта на С.Македонија.

-На 8 февруари Синдикалните организации на македонска Пошта до Управниот одбор и генералниот директор доставивме барање за линеарно покачување на платите на вработените во висина од 3.000 денари, но ниту добивме одговор, ниту бевме повикани од генералниот директор за реализација на нашето барање. Во меѓувреме, одржавме и средба заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, Управен одбор и синдикални организации за реализација на нашето барање. Договоривме рок од 7 дена да се даде одговор на нашите барања, но по истекот на рокот ниту добивме одговор, ниту бевме повикани на повторна средба, рече Велигденов.

Генералниот штрајк на вработените ќе се одржи со почеток во 8 часот на нивните работни места во македонска Пошта и низ целата држава во сите подружници.

Штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Велигденов напомена дека причината за штрајкот е и загриженоста кај над 2.200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места, непокачување на платите повеќе од 30 години, супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа, но и незадоволство на вработените од постоечката систематизација, како и нереализирање на дел од барањата на вработените и Синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15.10.2021 годиина.

Поврзани новости