Владата лови вештерки во синдикатите

by Fokus

Владата изгледаше дезориентирано и фрлено секој во свој скап „спорт“, сѐ додека сега колективно не им се гледа опасност дека ќе им бидат најдени „заменски“. Сега дишат во еден здив, здив на закани. Закани кон наставниците и уметниците. Веќе виден филм

 Пишува Наум СТОИЛКОВСКИ

Во само една недела, тројца министри брутално се заканија врз работници – наставници и уметници организирани во синдикати – кои бараат она што им следи. Ловот на вештерки почна. Ништо не смее да ја наруши нивната лажна сценографија „потемкиновото село“ дека блеска економијата, тие се грижат за стандардот, а тој расте ли, расте!

Прво Фатмир Битиќи, а потоа и Јованка Тренчевска во неколку дена се заканија врз вработените во образованието дека ако протестираат, штрајкуваат, тогаш ќе им нашле замена! Каква порака!

Во меѓувреме стигна уште една закана – добро повеќе во форма на молба – овој пат од Бисера Костадиновска-Стојчевска, која со допис до два синдикати, за образование и за култура, јасно пишува дека владата нема пари, дека буџетот нема пари, дека воопшто не се планирани пари за нив.

ЛЕКТОРИРАНИ ЛАГИ

Фатмир Битиќи, пулен на Зоран Заев, мораше да ги следи небулозните економски најави за порастот на минималната плата, иако државата тонеше во криза. Изнајдоа мерка за раст на платите во приватниот сектор, каде што статистички и најмногу удри енергетската криза. Притоа, исто статистички, бројот на вработени „на приватно“ е намален, додека енормно е полнета администрацијата.

Антикризните мерки, кои се должат на кратење на ДДВ и на другите приходи, вклучително и парите за надминување на енергетската криза, но и растот на платите кај приватниците поради „државните субвенции“, удрија врз полнењето на буџетот. И сега во него нема пари! Е нема! И стравувам дека сѐ повеќе ќе нема. А Фатмир на Заев е директно одговорен зошто нема.

Но, сега доаѓа најтрагичниот дел. Две министерки, наместо да се грижат за благосостојбата во своите сектори, тие влегуваат во закани и лекторирани лаги! Не се лутат на Битиќи, не се лутат на одлуките, нема да застанат во одбрана на законското, не! Се закануваат.

Наместо да го испочитува колективниот договор, Бисера повторно го облече скафандерот за измами и порача да се сменел Колективниот договор или немало да има плати, или немало да има проекти во културата.

На онаа Јованка Тренчевска ѝ смислија настан „отворање библиотека во градинка“ за да може директно таму да им се закани на вработените воспитувачи дека ако штрајкуваат, ќе им најдат замена. Види каква дрскост!

ПОДМОЛЕН ЛАЖЕН ПОПУЛИЗАМ

Среде градинка се заканува на вработени во воспитно-образовниот сектор. Ќе заменела. А со кого? Од улица некој; така се оставале деца и така ќе течел „процесот“! Или мислат дека родителите имаат разбирање за владата, а не за оние децата што им ги оставаат?

Е сега да ги видиме фактите. Тројца министри-миленици на Заев – кршат не само домашни и европски закони, туку и три меѓународни конвенции, со тоа што се закануваат, вршат мобинг, поттикнуваат директори на мобинг и притисок кон вработени да бидат штрајкбрехери.

Не верувам дека тие не знаат, ама во полза на јавноста јас ќе ги наведам Конвенцијата 87 – за слобода на здружување и заштита на правата на организирање; Конвенцијата 98 на Меѓународната организација за труд, во делот Право на организирање и слобода на колективно преговарање; Конвенција 151, за слобода на здружување и постапка за утврдување работа во јавниот сектор.

Како што гледате, залудни им се изјавите, особено што се повикуваат на решение против кое и сами маршираа. И сето ова е лов на вештерки, да не им се случат протести. При вакво блескање, ви се молам!

Да, да, изјавите се притисок, ама и страв. Изјавите и дописот се признание дека едноставно НЕМА, дека целосно ја утнале работата. Залудни се спотовите дека „го зачувале стандардот“ и дека „заштедиле 4.000 денари“ или 3.000 поделиле за три месеци. Каков блам! Каков подмолен лажен популизам.

Владата изгледаше дезориентирано и фрлено секој во својот скап „спорт“, сѐ додека сега колективно не им се гледа опасност дека ќе им бидат најдени „заменски“. Сега дишат во еден здив, здив на закани. Закани кон наставници и уметници. Веќе виден филм. Залудно е сега. Пари – нема! А каде се – е тоа верувајте ќе се дознае и без часовници на „Порта Македонија“.

П.С. Гледате, Таче не го споменувам. И така го нема никаде. Го чуваат за шетање по шивалници и млекарници. Таман за нов спот „Блескање“. Кај и да е, Дарко Каевски и него Тито ќе го завика!

Поврзани новости