Мајката на Тамара одби да одговори на прашањата на Дуковски: Тој требаше да биде на моја страна

by fokus

Жаклина Димовска, мајката на малата Тамара, при вкрстеното испрашување од одбраната денеска во суд одби да одговори на прашањата на адвокатот Сашо Дуковски, кој ги застапува дел од обвинетите.

На прашање дали Тамара почина на 8 февруари 2015 година, Димовска рече:

-Вие сте тој Дуковски? На тоа реагираше судот и и посочи да одговори на прашањето.

– Јас нема да одговорам на прашања од адвокат кој требаше да седи на мојата страна. Тој е член на Хелсиншкиот комитет – рече Димовска, но беше прекината од судијата кој и рече дека мора да одговори на прашања кои и се поставени. По кратко молчење мајката на Тамара рече дека и таа поставила прашање на што реагираше Дуковски до судот.

-Сега кој ја води расправата, а судијо? На барање на Димовска судот и даде неколкуминутна пауза за да се смири на што Дуковски со висок тон рече.

-И дадовте сега можност полномошникот да и го даде одговорот? -рече Дуковски за прашањето на кој датум почина Тамара. Откако Димовска се врати во судската сала одговараше на прашањата на адвокатот.

Инаку, Дуковски е член на Собранието на Хелсиншки комитет, кое ја поднесе кривичната пријава до Обвинителство против членовите на Комисиите во Фондот за здравствено осигурување. По оваа кривична пријава постапуваше Обвинителството и поднесе обвинение против осомничените.

Судењето е неретко прекинувано од приговори. Затоа што судијата неколку пати ги прифати приговорите на обвинителот и не ги дозволи прашањата на одбраната, адвокатите на обвинетите негодуваа и дофрлаа од своите места. Нивниот аргумент е дека судијата не дозволува еднаквост на оружјата.

Судијата неколку пати ги опомена велејќи им да не ги коментираат одлуките на судот и им се закани дека ќе почне да ги казнува доколку не се корегираат.

Судењето беше прекинато и одложено за 4 март поради вознемиреност на Димовска.

Поврзани новости