Кој и зошто би ги отрул коњите во ЗОО Скопје?

by fokus

Во саботата два, а вчера и третиот пржевалски коњ угинал во Скопје ЗОО. По угинувањето на првите два коњи, вработен во Зоолошката градина пријавил во СВР Скопје дека се сомнева како коњите се отруени.

Коњите се доста ретки, а ЗОО Скопје ги добила како донација пред 12 години од страна на приватна компанија од странство. Цената на овие коњи кои по потекло се од Монголија на пазарот била доста висока.

Настанот ја вознемири јавноста која бара одговори кој и зошто би ги отрул коњите. В.д. директорот на зоолошката, Зоран Попов за ,,Фокус” истакна дека на тоа прашање не би можел да одговори во моментот, а полицијата постапувала по пријавата.

-Направена е обдукција и се чекаат официјални резултати. Веднаш по добиените резултати јавноста ќе биде информирана – вели Попов.

Извори на ,,Фокус” од ЗОО Скопје велат дека коњите биле со добро здравје и никој не очекувал вакво нешто, а вработените биле многу потресени од настанот.

-Цели 12 години, откако коњите се во зоолошката, не се случило ниту еднаш да се разболат. Во саботата едниот коњ падна, се притрча да му се пружи помош, набргу падна и другиот. Немаа пена на устата, што вообичаено се случува при труење на животни, но сепак знаеме дека постојат и отрови од кои не им излегува пена на затруените животни.

Ова е страшен настан и не знаеме кој би бил мотивот за вакво ѕверство. Можеме само да претпоставуваме.
За време на мандатите на секој еден директор во изминатите деценија и повеќе, се имаат случувано немили настани во зоолошката. Да потсетиме на убиените срни, чии глави беа отсечени, на животни пуштени од своите живеалишта, секој директор се има соочено со некоја ситуација за која само сме можеле да си правиме претпоставки како и зошто се случила.

Дали некој намерно преку вакви настани сака да прави опструкции и која е позадината на случувањата, немаме одговор, сите ги чекаме резултатите од обдукцијата.
Починатите коњи кои беа однесени на обдукција изгледаа како здрави животни, немаа никаков траг од болест и изнемоштеност, откриваат нашите извори.

Додаваат дека до пред неколку години грижата на Град Скопје за зоолошката била очигледна, се одвојувале доволно финансии и се работело транспарентно.

-Не може, а да не се забележат промените кои се случуваат овде последниве години. Низа на негативни настани на штета на животните. Лани ова време имавме 12 заклани коњи, потоа од салмонела почина жирафата Каспер, случувања околу кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), за кој јавноста уште не знае дали е изгубен или не… премногу лоши вести од една институција, која не така одамна беше како позитивен пример за добро работење и посветена грижа за животните во голем број на светски медиуми – откриваат вработени во зоолошката, а чиј идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус”, но замолуваат за анонимност бидејќи не биле овластени да даваат информации, и покрај тоа што станува збор за настани од јавен интерес, кои не се случуваат во приватна фирма, туку во јавна институција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости