Германија ја изгласа резолуцијата за македонскиот јазик и идентитет

by Fokus

Со мнозинство гласови на пратениците на трите владејачки партии, германскиот парламент вечерва ја изгласа резолуцијата за поддршка на Северна Македонија. Против резолуцијата гласаа сите опозициски партии, вклучително и конзервативната ЦДУ/ЦСУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел.

„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата државната министерка за Европа, Ана Лирман, која го претстави предлогот пред пратениците.

Таа најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.

„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија“, рече Лирман најавувајќи ја посетата. Нејзината порака е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.

„Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион“, рече Лирман.

Пратениците на опозициските сестрински партии ЦДУ/ЦСУ се огласија против резолуција. Кристоф Клос од ЦДУ го критикуваше владејачкото мнозинство затоа што ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот.

„Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно“, рече Клос.

Тој потсети дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел секогаш на регионот му пристапувала како на целина.

Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД го повтори партискиот став кој беше изнесен во посебна резолуција дека на земјите од Западниот Балкан не им е местото во ЕУ.

„Ја сакате Северна Македонија во ЕУ?! Тоа е една корумпирана и нестабилна држава“, рече Фронмајер.

Поврзани новости