Ќерката на Јулија се бори со канцер: Кога животот е битка, скриена зад широка насмевка

by fokus 14:42
14:42

Кога ќе се спомне името на поп-фолк пејачката Јулија Мациевска, позната во јавноста едноставно како Јулија, првата слика која може да ви дојде во мислите е убавата жена со широка насмевка, на која колку и да се трудите, тешко дека можете да и ја погодите возраста. За неа се напишани стотици новинарски текстови на тема дека не старее, секогаш е позитивна, насмеана, полна со живот, присутна во јавноста повеќе од 35 години.

Оние пак, кои добро ја познаваат, без размислување ќе ви кажат дека без оглед на нежниот и женствен изглед, Јулија е голем борец, кого животот воопшто не го штедел.

- Advertising -

Пејачката, новинарка, а со години наназад и ТВ водителка и тренер за личен раст и развој, уште на млади години го изгуби сопругот и животот го посвети на својата ќерка Андријана, која е ликовен уметник, а последните две децении и на внуката Стефанија. Ако до пред десеттина години имаше редовни настапи во локали, снимаше музички албуми и пееше на фестивали, за да овозможи добар живот за своето семејство, последниот период се посвети на водителството, но и на помагањето на луѓето, како мотивациски тренер.

Таа често знае да каже дека семејството и е се, како ужива во прошетките покрај Вардар со ќерката и со нивните кучиња, како вербата во Бог и помогнала во тешките моменти.
Сепак, вчерашната роденденска честитка која Јулија и ја посвети на ќерката на социјалните мрежи, ја трогна јавноста. Во неа таа откри дека Андријана (40) се бори со канцер, и како им претстои битка за која е сигурна дека ќе ја извојуваат и ќе излезат како победници.

-Овој роденден се разликува од сите досега, затоа што си ставена на големо искушение, а и ние со тебе, сонце наше. Ни претстои битка за која знам дека ќе ја изодиме, за која знам дека ќе победиме, како и многу пати досега. Ти, нежна, ранлива, никогаш прегласна, никогаш наметлива, во својот свет… Секогаш со разбирање и трпеливост за сите, секогаш спремна да голтне, никогаш да не повреди, никогаш да каже лош збор… Ти сонце мое, и сега кога ги трпиш најголемите болки велиш ќе биде добро, ќе помине… Велиш дури сега се соочив со стравот, дури сега го чувствувам Божјото водство, и знам дека ова е за мое големо добро. Ќе се спријателам со канцерот и потоа ќе се поздравиме како најдобри пријатели и ќе продолжиме секој по својот пат- пишува Јулија во роденденската порака за својата ќерка.

Желби за добро здравје, пораки полни со поддршка и верба дека се ќе биде добро, оставија голем број на нејзини колеги од естрадата, но и луѓе кои со децении наназад ја следат водителката и пејачка на малите екрани, која до неодамна беше актуелна на ТВ Сонце со авторската емисија ,,Будење со Јулија”.

Во последните години, кога стана застапена во јавноста како мотивациски тренер, со цел да им помогне на луѓето да се пронајдат себе и да бидат креатори на сопствениот живот, раскажа дека клучна промена и се случила во моментите на најголема болка, кога ја изгубила мајка и. За неа тоа бил силен емотивен пад, бидејќи ја изгубила најголемата поддршка во животот, но успеала да се издигне над ситуацијата и решила да им помага на луѓето со исцелителни енергетски третмани.

Пред околу две недели, таа го изгуби и татко и за кого напиша дека и бил идол, човек кој и ги бришел солзите и и бил голема потпора во животот.
А животот на Јулија, жената која со широка насмевка и крената глава им пркоси на предизвиците, секогаш ја соочува со нова битка. Во оваа, нема предавање и мора да излезете како победници – и порачаа колегите на Мациевска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости