Ќе успее ли Фејсбук група да ги спречи дигиталните учебници?

by fokus

Во текот на ноќта дел од средношколците добивале пораки од денеска да не се вклучуваат на онлајн наставата за да изразат револт против најавената дигитализација на учебниците.  Сојузот на средношколци го осуди овој бојкот и го нарече беспредметен. Досега, никој не се пријави како организатор на бојкотот.

Во исто време пак, денеска пред Министерството за образование, Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има!“ организира собирање потписи со цел спречување на Законот за учебници кој од денеска се враќа во собраниска процедура.

-Почитувани членови,
Денес 28.04 ќе се одржи ПРЕС пред МОН на којашто ќе се изнесат нашите барања.
Од 10-14 часот ќе биде поставен пункт каде ќе можете да го дадете својот потпис во знак на поддршка на барањата. Потребни се минимум 100 потписи за барањето да влезе во Собрание и да се стопира гласањето на законот.
Ова е еден од најважните моменти да ја покажеме нашата решителност и опстојност.
Затоа ве замолуваме сите членови од Скопје и кој може да најдат време и да го дадат својот потпис, објавија модераторите во групата.
Интересно е дека на 25 април во групата еден од членовите објавил пост во кој прашува колку од членовите би поддржале нивните деца да ја бојкотираат наставата од вторник. На постот има повеќе од 1.700 коментари во кои членовите велат дека би го поддржале бојкотот.
Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има!“ брои 70.000 членови и во неа главно членуваат родители. Администраторката на групата, Драгана Спасевска е организаторка на петицијата против дигитални учебници и за настава со физичко присуство која досега ја имаат потпишано над 80.000 луѓе.
К.С.Б.

Поврзани новости