Царовска: Младите мора да научат да препознаваат негативни појави и опасности и да стекнат чувство на лична одговорност

by Fokus

Сеќавањата за холокаустот создаваат голем немир и болка особено меѓу потомците на жртвите и хероите на болната идеја да се истреби цел еден народ, како и кај секој друг човек со нормален разум и развиени емоции. Но, токму таа болка создава и сплотеност и ја одржува борбата за ова зло никогаш да не се повтори. Република Северна Македонија е активен учесник во таа борба.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на онлајн работилницата „Справување со антисемитизмот преку образование“ во организација на ОБСЕ – ОДИХР и УНЕСКО, а со поддршка на Министерството за образование и наука и Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.

-Верувам сите ќе се согласиме дека образованието е најмоќната алатка за справување со антисемитизмот и воопшто со дискриминацијата, насилството и нетолеранцијата. Само преку едукација на граѓаните може да се спречи уништувањето на демократските вредности во секое општество, рече Царовска, додавајќи дека токму поради тоа образовниот систем ги насочува учениците да стекнуваат сеопфатни знаења и влечат поуки од вакви историски случувања.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, министерката Царовска потенцираше дека секој човек мора да сфати уште од најрана возраст колку е лоша злоупотребата на моќта, какви последици може да создадат нетрпеливоста, предрасудите, нетолеранцијата по било каков основ, но исто така какви последици може да создаде и индиферентноста на поединци, групи или воопшто на општеството кон таквите појави. Младите, како што рече, мора да научат да препознаваат негативни појави и опасности и да стекнат чувство на лична одговорност дека и од нив зависи какво општество ќе создаваме.

-Во нашите училишта се учи за холокаустот. Тој е интегриран во дел од наставните програми по предметите, а има и навистина доста материјали, но и прирачници како да се организира наставата на оваа тема. И тие постојано се надополнуваат со поддршка на низа партнерски организации и институции. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на ОДИХР и УНЕСКО и за новите изработени едукативни материјали кои верувам ќе бидат исклучително важни за надополнување на фондот на знаења на учениците и корисни за целта која ја остваруваме, потенцираше Царовска.

Поврзани новости