Ќе не спречи ли Бугарија во декември де факто да ги отпочнеме преговорите со ЕУ?

by fokus

Полека чекорејќи по патот кој води до ЕУ, Република Северна Македонија стигна до првата Меѓувладина конференција. Оваа конференција го означува де факто почнувањето на преговорите за членство со Унијата и отворање на првото поглавје.

Датумот за одржување на конференцијата е предвиден во декември, но дали таа конечно ќе се одржи тогаш ќе зависи од Бугарија, која по Грција, ни постави нова пречка на патот кон европските интеграции.

-Треба да прифатиме дека отсега ќе треба да бараме консензус со 27 земји-членки. Во сите 130 чекори може да се случи една земја членка да не даде потврда. Во однос на Бугарија, јас мислам дека постои простор и разбирање од двете страни за важноста на постојниот момент и со работата на комисиите и политиката да најдеме начин за напредок, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Сепак тој додава дека неодржувањето на конференцијата би била неуспех за сите.

-Неодржување на првата меѓувладина конференција во декември е неуспех за сите, и за нас и за Бугарија и за германското претседателство, но и за сите учесници во Берлинскиот процес, дециден е Османи.

На можното црното сценарио јавноста ја подготви и премиерот Зоран Заев.

-Ако нашиот сосед не го смени ставот, тогаш мораме да бидеме подготвени дека нема да се одржи ниту првата меѓувладина конференција закажана за во декември, изјави Заев.

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, пак, неодамна ги откри позициите на бугарската влада.

-Бугарија нема да се спротивстави, но ќе каже дека не е време да се закаже датум за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, изјави неодамна Каракачанов.

Тој се оправда дека никој не сака да воведува нови критериуми за Северна Македонија, но потсети дека постоел многу јасен услов на ЕУ, дека секоја земја кандидат за членство мора да ги расчисти проблемите со соседите пред да започне преговори.
Тој се оправда и дека во октомври минатата година јасно кажале дека ако не се почитува Договорот за пријателство меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2 август 2017 година, ќе се спротивстават на закажувањето на првата меѓувладина конференција.

– Тие мислат дека можат да ги прикријат работите. Тие замислуваат дека некој во Брисел или низ целиот свет ќе ја притисне Бугарија и ние ќе клекнеме. Очигледно, не разбраа што е ЕУ и како работи. Имаа три години да се превоспитаат. Бугарија нема да се спротивстави, но ќе каже дека не е време да се закаже датум за одржување на првата меѓувладина конференција. Кога некој не е подготвен да се појави во прво одделение, има предучилишна подготовка, изјави Каракачанов.
Сепак од Владата смируваат дека се прават напори да се надминат недоразбирањата и да се изнајде решение.

Оддржувањето на Меѓувладината конференција е во неизвесност, односно останува непознато дали на зима ќе го отворање првото поглавје, посветен на владеењето на правото.

Процесот на преговори, во согласност со новата методологија, ќе се води зa триесетина поглавја поделени во 6 кластери – основни вредности, внатрешен пазар, компетитивност, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси и земјоделие и надворешни односи.

В.В.

Поврзани новости