Казни за сите невакцинирани над 60 години во Грција

by fokus

Од денеска стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на лицата над 60 години и за невакцинираните, предвидена е казна од 100 евра месечно.

Мерката беше соопштена на крајот на ноември, неколку дена подоцна конкретниот амандман го изгласаа пратениците во грчкиот Парламент, а предвидува дека „од неопходни причини за заштита на јавното здравје, задолжително се вакцинираат против Ковид-19 сите физички лица со живеалиште или постојан престој на грчка територија, а кои се родени пред 31 декември 1961 година“.

За јануари казната ќе биде 50 евра, со оглед на тоа дека е за половина месец, а за секој нареден административна глоба е 100 евра.

Казната ќе ја заверува и наплатува Независната управа за јавни приходи, а собраните средства ќе се користат исклучиво за зајакнување на националниот здравствен систем во битката со пандемијата.

Од задолжителната вакцинација ослободени се оние кои прележале Ковид-19 во последните 180 дена, оние кои се вакцинирале во странство, како и оние имаат докажани здравствени причини кои ги спречуваат да се вакцинираат.

Според грчките медиуми околу 310.000 граѓани над 60 години се невакцинирани, додека пак грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека еден од десет граѓани од конкретната старосна група, односно 90 отсто веќе се вакцинирани и упати последен апел невакцинираните да се имунизираат.

Поврзани новости