Казна од по 2.000 евра за учесниците на протестот „стоп 5G антени и лажна пандемија“, бара Обвинителството

by fokus

Со парична казна од по 2.000 евра да се казнат 15 учесници на неодамнешниот протест кој се оддржа пред Владата, а под мотото „Стоп кршење права и слободи, стоп вакцини, стоп 5G антени, стоп лажна пандемија“.

-Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против вкупно 15 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, велат од Обвинителството.

Како што соопшти ЈОРМ, обвинетите, на 31 мај, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање и спречување на ширењето на заразната болест COVID-19.

-Имено, иако со одлука на Владата било забрането групирање на повеќе од пет лица на јавни површини, тие се собрале на булеварот „Илинден“ во близина на зградата на Владата, каде учествувале на јавен собир под мотото „Стоп кршење права и слободи, стоп вакцини, стоп 5G антени, стоп лажна пандемија“. Обвинетите биле затекнати од полициски службеници при извршена контрола на местото на настанот, се наведува во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител, се додава, предложи на секој од обвинетите да му биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.

Поврзани новости