Вкупно 651 нови смртни случаи беа регистрирани вчера во Италија од Ковид-19, што е речиси 20 проценти намалување на смртноста во однос на претходните 24 часа, кога 793 лица починаа од вирусот.
Вкупниот број на смртни случаи изнесува 5.476 од вкупно 59.138 заразени. Дневната стапка на нови инфекции исто така забави, со пораст од девет проценти, споредено со просек од околу 15 отсто во изминатите две недели.
Здравствените власти предупредуваат дека битката сè уште не е добиена, но италијанските власти по првпат внимателно изразија надеж за скоро повлекување на коронавирусот.
– Бројките објавени денеска се помали од вчера. Се надевам, и се надеваме дека намалувањето ќе биде потврдено деновиве, изјави синоќа шефот на Цивилната заштита Анџело Борели.
– Но мораме и натаму да бидеме внимателни, предупреди тој.
– Не смееме претерано да се занесуваме, ниту да даваме преголема важност на денешните податоци, но тоа е знак на кој гледаме позитивно, истакна Францо Локатели, челник на италијанските санитарни власти.
– Првите строги мерки на изолација се донесени на 11 март. Очекувавме резултати по две до три седмици. Значи, следната седмица секако ќе биде пресудна и очекуваме потврда дека трендот е сега обратен, истакна Локатели.