Големото научно истражување во Словенија со кое треба да се дознае колку навистина е раширен корона вирусот меѓу граѓаните е на половина, а резултатите засега покажуваат дека вирусот всушност не е и не бил присутен кај голем број граѓани.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, до сега се направени 1.252 од планираните 3.000 тестирања „на слепо”, а корона вирусот е најден само кај еден човек, на кој и претходно му бил детектиран.
За словенечките епидемиолози овие резултати се помалку и изненадувачки, бидејќи владееше мислењето дека голем број граѓани се заразени, но се без симптоми и воопшто не знаат дека го имаат корона вирусот. За конечните резултати и заклучоци ќе почекаат да заврши испитувањето кое сега е на половина.
Според распоредот за тестирање кој го направи Државниот завод за статистика, ќе се проверуваат вкупно 3.000 граѓани, односно по 10 од сите 300 словенечки општини. Истражувањето започна пред десетина дена, а дневно се проверуваат околу 30 лица. Во истражувањето се вклучени луѓе од различен, пол, возраст, како и здравствен и социјален статус.